За Отец Јован Крестјанкин

За Отец Јован Крестјанкин

Неодамна од Псково – Печерскиот манастир ме повика мојот духовник, архимандрит Јован (Крестајнкин) и ми рече: Ете, наскоро ќе се упокојам. Затоа, потруди се, напиши го тоа што го помниш и што сакаш да го кажеш за мене. Бидејќи после мене и онака ќе пишувате и можете сешто да измислите, и ќе биде како кај кутриот отец Николај, кој и „ мачки воскреснуваше “, и што не друго. Вака, пак, јас сé ќе прегледам и ќе бидам мирен.“

Така, исполнувајќи го послушанието од духовникот, почнав да пишувам, надевајќи се дека отецот сам ќе ја одвои пченицата од каколот, ќе каже што сум заборавил, како и секогаш, и ќе ги исправи грешките кои се појавиле. Нема многу да пишувам за тоа, што за мене значи отец Јован. Сиот мој монашки живот нераскинливо е поврзан со него. Тој за мене беше и остана идеал за православен христијанин, монах, сакан и баран отец – свештеник. Да се зборува за сé што се случувало во текот на ова наше дваесетгодишно пријателство, се разбира дека е невозможно. Неговите духовни совети сега се достапни за секој во трите збирки, писма кои неидамна излегоа од печат. Од моја гледна точка – тоа е најдобриот ракопис од областа на руската духовна литература во последните 50 години. Но, сакам да ви раскажам за нешто друго – нешто што мене лично ми е познато, а не слушнато од други.

Според мене, главна духовна одлика на отец Јован отсекогаш беше, покрај дарот на расудување, уште и непоколебливата вера во себлагата и совршена Божја промисла, која ги води христијаните кон спасението. Во една од книгите на отец Јован, како епиграф беа напишани овие зборови, кои тој често ги повторуваше: „ Главно во духовниот живот – е верата во промислата Божја и расудувањето со совет “ . Еднаш, како одговор на моите недоумици отецот запиша: „ Еве сега со внимателност читам длабоки зборови: „ Човечкото срце го осмислува својот пат но, Господ управува со неговото чекорење “- тоа Премудриот Соломон го испитал на себеси (гл. 16, ст. 9). И вие ќе се уверите во својот живот, дека тоа е токму така и никако поинаку. “ Никому не го наметнувам своето мислење, но длабоко сум убеден дека отец Јован е еден од оние малубројни луѓе од наше време, на кои Господ им ја открива Својата божествена волја и за конкретни лица и настани, кои се случуваат во Црквата и во светот. Тоа веројатно е одраз најмногу на љубовта на подвижникот кон Бога и предаденоста кон Неговата света волја, а како одговор на која, Господ му ја открива на подвижникот христијанин промислата за судбината на луѓето, и го прави таквиот човек свој пријател.

Повторно ќе кажам, никому не го наметнувам своето мислење, до кое сум дошол врз основа на многуте животни случувања, поврзани со отец Јован. Не сум јас единствениот кој мисли така. И моите најблиски духовни пријатели, сега покојните отец Рафаил и игуменот Никита, кои и ме запознаа со отец Јован во прв ред, Му се заблагодаруваа на Бога за тоа што, нивниот духовник е свет човек, кому му е откриена волјата Божја, и тоа секој од нас опитно го има испитано на себеси. Иако за жал, како што тоа често се случува во животот, ние дури и тогаш, кога ја знаеме волјата Божја, не наоѓаме сила и решителност да ја исполниме. Но, за тоа подоцна.

Со отец Јован се запознав есента 1982 година, кога веднаш после крштението допатував во Псково – Печерскиот манастир. Тогаш, си размислувам, тој на мене не остави некој посебен впечаток: многу добар старец, многу снажен (тогаш имаше само 72 год), вечно некаде брзаше, вечно опкружен со мноштво поклоници. Аскетски построги и помонашки изгледаа другите жители на манстирот. Но, помина сосема малку време, кога јас почнав да разбирам, дека тоа старче го претставува оној, кого во Русија одамна го нарекуваа старец – многу ретка и драгоцена појава во Црквата. Довербата и послушанието е главно правило во односот помеѓу христијанинот и неговиот духовен отец. Секако дека не можеме во односот со секој духовник да покажуваме целосно послушание. Такви духовници се реткост. Тое е всушност многу чувствително прашање. Кога неразумните свештеници си вообразуваат дека се старци, а нивните несреќни духовни деца, земаат на себеси, не според своите сили и не својствено на нашето време, апсолутно послушание спрема нив, често се случуваат тешки духовни и животни трагедии.

Секако, отец Јован никогаш не наредуваше и никого не принудуваше да ги слуша неговите духовни совети. Човекот, кон слободно и искрено послушание, го приведуваат времето и искуството. Тој никогаш себеси не се нарекуваше старец. Кога за тоа ќе му говореа, ќе се насмевнеше и ќе речеше дека денес нема старци, туку има само искуствени старчиња. Тој и до денес е со такво убедување, всушност исто како што сум јас убеден во тоа, дека во неговата личност, Господ ми испрати вистински старец, кој ја познава Божјата волја за мене и мојата животна ситуација, а во врска со моето спасение. Се сеќавам, додека бев млад послушник, во манастирот ми пријде еден поклоник – Московјанец и ми раскажа една случка, на која тој, всушност, бил сведок.

Отец Јован опкружен со поклоници брзал преку манастирскиот двор кон Црквата. Ненадејно му пристапила некоја жена со тригодишно детенце во рацете: „ Отец, благословете за операција, Московските лекари рекоа дека е итно. “ Тогаш се случило она, од кое беше потресен поклоникот, кој ми раскажуваше за тоа, а секако, и самиот јас. Отец Јован застанал и решително рекол: „ Во никој случај. Тој ќе умре на операциониот стол. Моли се, лекувај го, но во никој случај немојте да дозволите да го оперираат. Тоа ќе оздрави. “ Тогаш го прекрстил детенцето.

Седевме со поклоникот и се ужаснувавме од своите помисли, претпоставувајќи: што ако отец Јован погрешил? Што ако детето умре? Како ќе се однесува мајката кон отец Јован, ако така се случи? Да се посомневаме во отец Јован, заради грубото спротивставување на медицината, кое, иако ретко, сепак се среќаваше во духовната средина, ние секако не можевме: знаевме многу случаи, кога отец Јован и благослувуваше и убедуваше за операција. Меѓу неговите духовни деца, имаше и многу лекари. Ние во ужас очекувавме, што ќе се случи понатаму. Дали во манастирот ќе се појави мајката, скршена од тага и ќе направи скандал, или такво нешто нема да се случи, како што претскажа отец Јован?

Судејќи по сé, така и беше, бидејќи отец Јован, како и претходно, го минуваше својот секојдневен пат помеѓу ќелијата и Црквата, опколен со поклоници, кои беа исполнети со надеж и благодарност. Нам ни остана, единствено да претпоставиме, дека отец Јован ја узнал промислата Божја за ова дете, зел огромна одговорност за неговиот живот, па затоа и Господ не ја посрамил верата и надежта на својот верен слуга. На овој случај се сетив 10 години подоцна, во 1993 година, кога се случи еден многу сличен настан. Од една страна, гледано со човечки очи – трагичен, а од друга страна, по молитвите на отец Јован, тој послужи за вечно спасение на христијанските души и како длабока поука за сведоците на овој случај. Обично при цврста убеденост во исправноста на своите совети, отецот се трудеше да наговори со совет, да убеди, па дури и да ги замоли засегнатите да го исполнат она што тој го бараше, а кое му беше неопходно на човекот кој му се обратил. Ако овој, и понатаму упорно настојуваше по свое, тогаш отецот обично ќе воздивнеше и ќе речеше: „ Па што да се прави, пробајте. Правете како што сакате “.
Секогаш, колку што мене ми се познати слични случаи, оние кои немаше да ги исполнат мудрите духовни совети на отецот, на крај за тоа горко се покајуваа, и по правило, следниот пат доаѓаа кај него со цврста одлука да го исполнат она што тој би им го кажал. Отец Јован со постојана љубов, и сочувствителност ги примаше овие луѓе, не жалејќи го времето за нив, и со сите сили се трудеше да ги исправи нивните грешки. Во Москва живееше една необична, интересна и достоинствена жена -Валентина Павловна Коновалова…Таа беше вистинска московска трговка и може да се каже дека изгледаше како да излегла од сликата Кустодијева. Во почетокот на деведесеттите таа имаше 60 години. Беше директор на голема продавница на проспектот Мира. Полничка, со низок раст, седеше на својата работна маса, а зад неа стоеја, дури и во оние тешки советски времиња, големи икони, додека на подот до масата за пишување стоеше голема пластична вреќа со пари, со кои таа располагаше и според своето мислење, ги испраќаше потчинетите да купуваат товари со свежо овошје и им даруваше на сиромашните и странците, кои во голем број доаѓаа во нејзината продавница. Потчинетите се плашеа од неа, но ја сакаа. Таа во Великиот Пост, правеше општ собир, токму во нејзината канцеларија, на кој со стравопочит присуствуваа и работниците во центарот, татарите.

Често, во тие години на немаштија, кај неа доаѓаа московските намесници, па и архиереите. Некои таа воздржано ги почитуваше, а кон другите, чиешто мислење во врска со „ екуменизмот “ не го одобруваше – беше дури и груба. Многу пати по послушание патував на голем камион од Печор до Москва, носејќи храна за манастирот за Пасха и Божиќ. Валентина Павловна многу топло, мајчински нé примаше нас, послушниците, и со неа бевме вистински пријатели. Уште повеќе, поради тоа што за нас омилена тема на разговор беше – нашиот заеднички духовен отец Јован.

Внимавајте, отецот беше единствениот човек на светот од кого Валентина се плашеше, кого таа бескрајно го почитуваше и сакаше. Два пати годишно, Валентина патуваше во Печор со своите најблиски службеници, каде што постеше и се исповедаше. Во тие денови, не би можеле да ја препознаете – кротка, тивка и срамежлива. Таа во ниеден случај не потсетуваше на „ московската владетелка “. Кон крајот на 1993 година, дојде до некои промени во мојот живот, бев поставен за намесник на подворјето на Псково – Печерскиот манастир во Москва – сегашниот Сретенски манастир и често престојував во Печор. Валентина Павловна имаше болки во очите, ништо особено, старосна катаракта. Еднаш таа ме замоли да испросам благослов од отец Јован за отстранување на катарактата на Фјодоровскиот институт. Одговорот на отец Јован малку ме зачуди: „ Не, не, во ниеден случај. Само не сега, нека помине некое време. “ Следниот ден, јас буквално ѝ ги пренесов овие зборови на Валентина Павловна. Таа многу се нервираше: Во Фјодоровскиот институт, веќе сè беше договорено. Таа му напиша на отец Јован опширно писмо, повторно барајќи благослов за операцијата и му ја објасни ситуацијата, дека тоа е всушност ситница, на која не треба да ѝ се обрнува некое внимание. Отец Јован, како и таа, добро знаеше што е тоа операција од катаракта, и дека таа не претставува некоја голема опасност. Но откако го прочита писмото на Валентина, тој многу се вознемири. Ние долго седевме со него и тој ми повтори неколку пати дека е неопходно да ја убедиме Валентина Павловна да не оди сега на операција. Потоа тој одново ѝ напиша, и ја молеше, според својот чин како духовник, дури и ѝ нареди да ја одложи операцијата. Кај мене нештата се одвиваа така, што имав само две недели слободни. Повеќе од десет години не бев на одмор, и поради тоа, отец Јован ме ослободи да одам две недели на одмор на Крим, во санаториум, и задолжително да ја поведам и Валентина Павловна со себе.

Затоа, тој ѝ напиша во писмото, дека операцијата треба да ја направи месец дена после одморот. „ Ако ја направи сега операцијата, таа ќе умре “, тажно ми рече кога се поздравувавме. Но, во Москва сфатив дека таа ја „ удри косата од камен “. Валентина Павловна, ненадејно, веројатно за прв пат во животот се побуни против волјата на својот духовник. Најпрвин таа решително го одби патувањето на Крим, но, подоцна, како што изгледаше, се смири. Што се однесува до операцијата, беше крајно збунета, сметајќи дека отец Јован за „ некои ситници “ воведува забрани. Јас започнав да ѝ зборувам за патувањето и дека треба што побрзо да отпатуваме на Крим. Поминаа неколку дена, јас добив благослов од неговата Светост за одмор, резервирав две карти, што во овој период од годината не беше тешко да се направи, и го повикав центарот на Валентина Павловна за да ја известам за нашето патување. – Таа е во болница на операција. – ми рече нејзиниот помошник. – Како?! – повикав. – Па отец Јован категорично ѝ го забрани тоа!“ Се покажа, дека неколку дена пред тоа, кај неа дошла некоја монахиња, и дознавајќи за нејзиниот случај со катарактата, бидејќи била лекар, не можела да се согласи со мислењето на отец Јован, па решила да земе благослов за операција од еден од духовниците во Троичко – Сергиевата Лавра. Добиле благослов и тргнале во Фјодоровскиот институт, решавајќи, после брзата и нималку сложена операција, Валентина веднаш да тргне со мене на пат за Крим. Ја припремиле, но за време на операцијата, токму на операционата маса, дошло до тежок инфаркт и потполна парализа. Штом дознав за тоа, јас веднаш го повикав манастирскиот економ во Пецор, отец Филарет, стариот келијник на отецот.Отец Јован, во посебни случаи, се спушташе до ќелијата на отец Филарет и го користеше неговиот телефон. – Како можевте, зошто не ме послушавте? – само што не заплака отец Јован, – Штом јас нешто тврдам, значи знам што правам!“ Што можев да му кажам? Го прашав отец Јован што да направиме сега. Валентина Павловна сé до тој момент беше без свест.

Отец Јован рече да се земат резервните Свети Дарови од Црквата и штом Валентина дојде при свест, веднаш да отидеме кај неа, за таа да се исповеда и да се причести. По молитвите на отец Јован, Валентина следниот ден се освести. Роднините веднаш ме известија за тоа, и за половина час бев во болницата. Валентина Павловна ја доведоа кај мене, во еден од одделите за реанимација, на огромен, метален, подвижен кревет. Таа лежеше, сосема малечка, под белото платно. Не можеше да зборува, само заплака кога ме виде,. Но, и без зборови, мене ми беше разбирлива нејзината исповед и тоа дека и е жал што му подлегнала на непријателското искушение за непослушност и недоверба кон духовникот. Прочитав над неа разрешна молитва и ја причестив. Се простивме. Следниот ден отец Владимир Цувикин ја причести уште еднаш. Набргу по причестувањето, таа умре. Според старото Црковно Предание, душата на човекот, која се удостоила за причест во денот на смртта, доаѓа до Престолот Господов без да врви низ митарствата.

Така се случува или со големите подвижници, или исклучиво со луѓето со чисто срце, или со оние кои за застапници имаат силни молитвеници. Историјата за преродбата на Сретенскиот манастир е неразделно поврзана со архимандрит Јован. Таа 1993 година, дојдов кај отец Јован со голем број на проблеми. После долгиот разговор во неговата ќелија, отец Јован не ми кажа ништо одредено, така што ние побрзавме на свечената богослужба во чест на светиот Архистратиг Божји Михаил. Отец Јован се молеше во олтарот. Веќе бев спремен да се облечам и да одам на акатист, кога отец Јован во буквална смисла на зборот истрча од олтарот, и земајќи ме за рака, радосно рече: – Ти ќе основаш метох на Псково – Печерскиот манастир во Москва. – Отец, но неговата Светост не благослови отворање на метоси, освен ставропигијални манастири. Неодамна еден манастир му се обрати на Патријархот со таква молба, и неговата Светост одговори дека ако даваме манастири за метоси на сите манастири кои сега се отвораат, тогаш нема да останат парохиски цркви во Москва. Но, отец Јован ништо не слушаше. – Не плаши се од ништо! Оди кај неговата Светост и замоли го да се отвори метох на Псково – Печерскиот манастир. Тој, усрдно, како што секогаш правеше, ме благослови и мене не ми преостана ништо друго, освен да ја целивам неговата десница и во сé да се предадам на Волјата Божја и на неговите свети молитви. Сé беше така како што рече отец Јован. Не без малку страв, секако, ја изразив молбата на неговата Светост, патријархот, за отворање на епархиски метох на Псково – Печерскиот манастир. Но, неговата Светост, неочекувано, се постави многу милостиво кон оваа молба, ја благослови оваа одлука, и веднаш ја предаде на увид кај владиката Арсениј и отец Владимир Диваков, за да се спроведе во дело. На тој начин во Москва се појави единствениот метох кој не беше ставропигијален манастир, а кој потоа, се претвори во автономен манастир но, кој никогаш не ја изгуби духовната врска со Печор, ниту со отец Јован.