Копнежот за слава и сетилни уживања е исто како бркањето на сопствената сенка.
На многу луѓе светската слава и човечките почести им го завртуваат мозокот и тие сите свои напори и средства ги вложуваат за да ги достигнат, не гледајќи дали употребените средства се морално допуштени или не. Колкумина од нив на грешен начин се искачиле до високи функции во државите, па дури и до самите владетелски престоли? Меѓутоа, ништо не е полажливо и пократкотрајно од човечката слава: поминува како пареа и исчезнува како сенка. Неодминливата смрт, ако мирно ја дочекаат, му става крај не само на нивниот живот, туку и на славата! На многу властодржци ни името не им се сочувало. А славата и на оние чие име го сочувала историјата, легнала со нив во гробот.
Свети Сисој Велики застанал замислен пред ковчегот во кој биле коските на царот Александар Велики Македонски, па извикал: „Додека беше жив, целиот свет ти беше тесен, а еве сега и овој ковчег ти е премногу широк“.