Пресветата Мајка Божја се родила од престарени и неплодни родители во градот Назарет, кој се наоѓа на падината од гората, на три дена растојание од Ерусалим. Во цела Галилеја немало поомаловажен град, како Назарет: „од Назарет што може да биде добро“, – вака говореле Евреите, кога слушнале дека од таму се јавил големиот пророк Исус.
Согласно со претскажувањата на пророкот, ветениот Спасител на светот требало да потекнува од царската Давидова лоза. Но, за време на вавилонското ропство потомците на Царот Давид сè помалку ги користеле своите права, и, кога се издигнало племето Макавеи, исчезнале сите почести на царското племе и тоа станало еднакво со простиот народ.
Кога во времето претскажаното од пророците царскиот скиптар поминал во рацете на туѓинецот Ирод; кога настапило железното и разурнувачкото Римско царство, кога бил нарушен општиот поредок во моралот и религијата — тогаш Јудеите осознале дека седмиците Данииливи доаѓаат кон крај, и со нетрпение го очекувале појавувањето на Месијата, надевајќи се дека во Него ќе видат образ на голем Цар – освојувач, кој ќе ги ослободи од јаремот на тyѓинците и ќе ги постави да господарат над другите народи.
Во Назарет живеел благочестивиот пар — Јоаким и Ана. Јоаким потекнувал од коленото Јудино, а Ана била најмладата ќерка на Метфан свештеник од племето Ароново, кој имал три ќерки: Марија, Софија и Ана; Софија била мајка на Елисавета, која го родила Јован Претеча. Јоаким и Ана биле праведни пpeд Господа и со чисто срце ги пазеле заповедите Негови и на сите им биле познати, не толку поради нивното потекло, туку по нивното смирение и милосрдие.
Така достигнале длабока старост. Сиот нивен живот бил проникнат со љубов кон Бога и милосрдие кон ближните: тие секојдневно издвојувале од своите приходи две третини: едната ја жртвувале во храмот Божји, а другата ја раздавале на бедните и странците; останатото го употребувале за сопствени потреби. Тие биле среќни, но бездетноста ги исполнувала со скрб нивните срца: според сфаќањата на тогашното време, бездетноста се сметала за неславна и тешка казна, и тоа сè повеќе ги оскрбувало, што на Давидовиот потомок му била дадена надеж да го изработи орудието за спасение на човечкиот род преку раѓањето на ветениот Месија.
Поминале педесет години од нивниот брачен живот, а тие и понатаму го поднесувале срамотењето за нивната бездетност. Според законот, подржуван од фарисеите, Јоаким имал право да побара развод за неродноста на својата жена; но Јоаким, маж праведен, ја сакал и почитувал својата жена Ана поради нејзината необична кротост и високи добродетели и не сакал да се раздели од неа. Со срдечна скрб, но безропотно, тие ги носеле тешките искушенија и продолжувале да го живеат својот живот во пост, молитва и милостина, укрепувајќи се еден со друг со взаемна љубов и не ја гyбеле надежта, дека Бог е секогаш силен да ги помилува Своите слуги.
На големите празници тие имале обичај да одат во Ерусалим. На денот на обновувањето на храмот, Јоаким дошол во храмот да ги смести своите и жртвите на своите сограѓани; но архиерејот Исихар го одбил приносот на Јоаким и укорувајќи го поради нивната бездетност кажал: Господ, поради некои тајни гревови, го одзел од тебе Својот благослов. Дури и некој од неговите сограѓани почнал да го навредува велејќи му: Тебе не ти е дозволено до ги принесуваш Заедно со нас твоите дарови, зашто ти не си создал семе во Израилот. Тешко му било на Јоаким да ги слуша таквите навреди и наместо да се врати дома, тој се упатил во пустината. Четириесет дена и четириесет ноќи праведниот старец плачел, постел и се молел, претворајќи ја својата скрб во солзи на умиление и воскликнувал кон Бога, да ги отргне од него срамот и навредите, и да му дарува чедо во неговата старост.
Во тоа време, Ана дознала за оскрбувањата кон нејзиниот маж и плачела неутешно, и за да ја сокрие од домашните својата скрб, седнала во дворот. Седејќи под ловоровото дрво, таа не престанувала да плаче и да се моли со непоколеблива вера, дека Бог е силен и невозможното за луѓето го прави возможно! Во тоа време го кренала погледот кон небото и здогледала меѓу гранките на ловоровото дрво гнездо со нежни птици – и од таквата глетка уште посилно почнала да плаче и уште пожални молитви да излегyваат од нејзиното срце. „Тешко мене, осамената – велела таа – сите во светот се утешуваат со деца: и птиците небесни и ѕверовите земни раѓаат во Тебе, Господи, и земјата на време ги принесува своите плодови и сите Те благословуваат Тебе! Само јас сум како безводна пустина, без живот и растителност! Погледни на мене, Господи, и услиши ја мојата молитва!“
Наеднаш пред неа се јавил Ангел Господов и ѝ рекол: „Ана! Господ ги услиша твоите молитви и Ти ќе родиш дете, и за семето твое ќе те благословуваат сите земни поколенија. Името на твојата ќерка да биде Марија, и од Неа ќе му се дарува спасението на светот“. Ангелот ѝ заповедал на Ана да отиде во Ерусалим, претскажувајќи ѝ дека својот маж ќе го сретне пред златните порти.
Исполнета со благоговејна радост, Ана воскликнала: „жив мојот Господ! Ако биде девојче, ќе гo дадам во служба на Бога, ќе ја пуштам да Му служи Нему и ден и ноќ, да го прославува Неговото свето име“. И, изговарајќи го тоа ветување, таа поитала во Ерусалим да Му воздаде пофалба и благодарење на Севишниот.
Ангелот Божји се јавил и на праведниот Јоаким, кога стоел на молитва во пустината и му рекол: „Господ ја прими твојата молитва: твојата жена ќе роди ќерка, на која сите ќе се радуваат. Оди во Ерусалим и таму пред златните порти ќе ја најдеш твојата жена која ја известив за тоа“. Тие се сретнале и веднаш принеле благодарствена жртва во храмот Божји и се вратиле во домот со цврста вера во ветувањето на Господа.
Пресвета Дева Марија се родила во малку познатото место Назарет од понижениот, а некогаш познат дом Давидов, кој го изгyбил силниот блесок на своето величие. Ни блесок ни светска слава не ја опкружувале таа колевка; сите тие земни предности избледеле од светата невидлива слава подготвена од вековите за Мајката Божја, наречена, според сведоштвото на Евангелието, благодатна и благословена од денот на Нејзиното воплотување на Спасителот на светот: вечната премудрост ја сокрила таа благодатна тајна од ограничениот човечки ум: таа благодатна тајна се прима со вера. Според јудејскиот обичај во 15-от ден од раѓањето на детето се давало името, а Нејзе и го дале името Марија, според упатување на Ангелот Божји, што значи: „Госпоѓа“; „Возвеличена“.
Во спомен на Раѓањето на Пресвета Богородица уште од старо време бил одреден црковен празник; уште во IV век рамноапостолната Елена изградила храм во чест и спомен на Раѓањето на Мајката Божја. Тој голем празник, еден од дванаесетте големи празници, вселенски, утврден е на 8—ми септември; тоа е празник на радоста во целиот свет, зашто преку Богородица целиот човечки род се обновил и тагата на прамајката Ева се претворила во радост.
Православната Црква од старо време 9—ти декември го слави како ден на зачнувањето на Пресвета Богородица од престарените и лишени од рожба родители, – поради што раѓањето на детето од сите било признаено за посебен дар Божји, поради што таквото чудо го подготвило главното чудо, единствената благодатна вест, што од Дева се родил Спасителот на светот. Според учењето на Православната Црква, Пресветата Дева Марија е зачната и родена по Божјо ветување од маж и жена; Единиот Господ Исус Христос се родил од Секогаш Дева Марија без маж, по вдахновение од Светиот Дух.
Раѓањето Твое, Богородице Дево, објави радост во целиот свет, 3ашто од Тебе изгреа Сонцето на Правдата, Христос Бог наш, Кој рушејќи ја клетвата ни даде благослов; и уништувајќи ја смртта ни дарува живот вечен.
(Тропар)
Извадок од книгата: Животот на Пресвета Богородица и нејзините чудотворни икони, „Св. Ѓорѓиј Полошки“, Велес 2016 стр: 15-19