Христос – Он е сѐ

Животот без Христа не е живот. Едноставно го нема – тој е завршен. Ако не Го гледаш Христа во сите свои постапки и мисли, тогаш ти си туѓ на Христа. Како го сфаќаш ова?

Се сеќавам на една песничка: „Со Христа насекаде, страв нема никаде“. Сте ја слушнале ли? Тоа е детска песничка што сум ја запомнил. Така ние треба да гледаме на Христа. Он е нашиот пријател, Он е нашиот брат, Он е најдоброто и најубавото од сѐ што постои. Он е сѐ. Како пријател Он ни се обраќа и вели: „Вие сте Мои пријатели. Уште ли не го сфаќате тоа? Ние сме браќа и сестри. Не ги држам во рацете клучевите од адската бездна. Не ве заплашувам туку ве љубам. И сакам вие заедно со Мене да се радувате на животот“. Сфаќате ли?

Ете Кој е Христос. И тука нема место за помрачување, униние, затвореност во себе, кога човекот е обземен и растргнат од секакви помисли, страдајќи од раните што ги добил на својот животен пат.

Христос – тоа е нов живот. Христос – тоа е сѐ.

Он е радоста, Он е животот, Он е светлината, вистинската светлина и прави човекот да живее во радост, духовно да се издигнува, да гледа сѐ, да ги гледа сите, да сострадува со сите, да сака сите да се со него и заедно сите со Христа.

Кога ќе најдеме нешто вредно или некакво засолниште, не сакаме да зборуваме никаде за тоа. Но христијанинот кога ќе Го открие Христа, кога ќе Го спознае, кога Христос ќе му влезе во душата и тој го чувствува, веднаш посакува да зборува и да објавува за Него насекаде. Сака да зборува за тоа Кој е Христос. Возљубете Го Христа и ништо не ставајте пред Христовата љубов. Христос – тоа е сѐ, Он е источник на животот, место на желбите, сѐ. Во Христа сѐ е најпрекрасно.

Далеку од Христа остануваат тагите, унинието, нервозата, лошите доживувања, трауматичните спомени, борбите и страдањата. Сето тоа се случува во нашиот живот. Брзаме ваму, одиме таму, но сѐ е напразно и никаде не можеме да запреме. Но таму каде што ќе Го најдеме Христос, дури и тоа да е пештера, се сместуваме и се плашиме да ја напуштиме за да не Го изгубиме. Прочитајте и сѐ ќе разберете. Подвижниците Го познале Христа, не сакале да ги остават своите пештери, не сакале да проповедаат по светот, сакале да останат таму каде што го чувствувале Христовото присуство.

Христос е сѐ.

Христос е извор на животот, радоста. Он е сѐ. А тебе како ти се чини?

Кога велиме дека сме христијани, дека сме Христови, тогаш имаме призив кон тој живот. Сфаќате? Ете како се случува тоа… И во моментот на испитание веднаш штом ќе Го видиме Христа, ги отфрламе сите свои намери и сакаме да бидеме со Христа. Но Христос ни е пријател, Он е наш брат и Он ни вели: „Вие сте Мои пријатели. Не сакам да Ме гледате поинаку. Не сакам да гледате на Мене како на Бог, како на Бог Слово, како на Ипостас на Света Троица. Сакам да Ме гледате како ваш пријател, Којшто сте Го прегрнале со рацете, и да Ме почувствувате во душата, Мене вашиот пријател. Мене, источникот на животот, како што и всушност е“.

И сето тоа е вистина. Сега, како што рековме, постои сатаната, адот, смртта. Тоа е друга област: зло, темнина и сето она што ѝ припаѓа на темнината.

Христовиот последовател треба да Го возљуби Христа и кога ќе Го засака, тој веднаш се ослободува од адот, ѓаволот и смртта. Ќе прашате: „А ти си го достигнал ли ова?“ Не, не сум го достигнал, но се молам и го посакувам тоа. И кога сум сам, и на секое друго место, се трудам да живеам така. Не живеам, но се обидувам. Како да ти кажам, како да ти објаснам? Јас не сум влегол во таа област (каде што нема ад, ѓавол и смрт), но сум бил таму еднаш, и ја видов, сега не сум таму и ми недостасува и сакам да се вратам. Ете и сега и утре и задутре, во секој миг таа желба се враќа во мене и многу посакувам, копнеам да се упатам таму. Но не сум таму. Не можам да ви го објаснам тоа.