Денес, возљубени, ќе направам една смела постапка. Ќе се обидам да достигнам нешто што во секој случај ги надминува моите сили. Меѓутоа, тоа ќе го направам од љубов кон оние што толку пати со отворени очи и уши ме слушаат на ова свештено место.
Темата што овој пат ќе ја разгледуваме е за духовниот живот. Светиот Дух вдахновува, раководи, насочува, го исполнува духовниот живот, којшто е патување кон небото. Човекот кој води духовен живот, иако оди по земјата, се вознесува кон небото, празнува на небесата. Негова колесница се крилјата на Светиот Дух, а негова цел, копнеж, пулс и секојдневна грижа е небото.
Меѓутоа, колку пати, живеејќи среде толкава радост, среде толку ситни нешта, што нѐ проголтуваат, го забораваме небото? Нашите занимања ни го привлекуваат срцето како магнет и ни го претставуваат небото така што, чиниш тоа е многу високо, чиниш е невозможно да се стапне на него. Покрај тоа, ако човек нема и некое духовно искуство, ако не го насочил своето срце, ако никогаш не чекорел на небото, ако не го управил погледот кон небото, тогаш опасноста е поголема. Кога-годе да ти говорат за некого, ти можеш да почувствуваш радост, копнеж, но ако не го видиш, постои опасност и да го заборавиш. Ако, пак, го видиш, многу е поверојатно твоето срце да го возљуби, да се прилепи кон него, и оттогаш непрестајно да мислиш на него. Така бива и со небото. О, кога би можеле за кратко да го насочиме погледот кон небото, да го видиме пространството негово, убавината, радоста и величието! Тогаш во секој случај би ѝ било потешко на нашата душа да го заборави. Но како да го постигнеме тоа?
Што направиле Израилците, кога посакале да влезат во Ерихон, град за кого толку многу копнееле, но знаеле дека има високи ѕидини што не можат лесно да се совладаат? Испратиле извидници да донесат плодови од таа земја. И навистина, извидниците донеле големи гроздови ; донеле скапоцености од неговите сокровишта, од неговите дијаманти, од убавините негови. Кога Израилците го виделе сето тоа, срцата им станале запленети и си рекле: „Ќе ги победиме непријателите“. Тогаш се втурнале кон ѕидините и со Божја помош ги собориле и влегле во градот . О, кога би можеле и ние да отвориме еден прозорец во небото, да погледнеме оддалеку кон него и ако ни се допаднe да скокнеме, да влеземе во него, да видиме што има и да го направиме наше, да го завладееме!
Таа е смелата постапка што денес ќе се обидам да ја направам. Дали ќе успеам? Ви реков дека се плашам. Молете се Бог да ми даде слово и истовремено молете се да ви ги отвори срцата, да можете да го разберете она што не можам да ви го кажам, така како што би сакал.
Ако посакаш да видиш и со поглед да опфатиш некое прекрасно место, расположено отаде планината, што ќе направиш? Ќе се искачиш на некој врв и оттаму ќе го пуштиш погледот да ја опфати целата прекрасна околина за којашто си копнеел. Истото ќе го направиме и ние. Дојдовме во храмот, во Божјата црква, точно тука од каде што можеме многу добро да го согледуваме небото, од местото што се просветлува, се разубавува и украсува од незалезната светлина на трисончевото Божество.
Црквата, возљубени, во којашто сега се наоѓаме, секоја црква, е печат, предобраз, образ, икона, честица од небото. Кога сме в црква, ние навистина се чувствуваме така што, чиниш сме на небото. Зошто постои таа толку висока купола одозгора? За да ни ги вознесува срцата кон небото. За што служат царските двери што се отвораат кога се извршува света Литургија? За да ни покажат како се отвораат небесата. Зошто е полно со крстови? Зошто таму горе е изобразен Христос Кој служи? За да ни покаже дека кога се наоѓаме тука, се пренесуваме на небото. Ги преживуваме таинствено, но и реално, небесните мигови.
Затоа и свети Григориј Палама вели дека Црквата „се издига на високо, бидувајќи некакво второ ангелско и надовоземско место“; местото во коешто се наоѓаме е ангелско, надовоземско. „Храмот, вели тој, го воведува човека на небото и (…) го поставува пред Бога на сѐ“ ; црквата нѐ грабнува, нѐ издигнува и нѐ поставува пред Самиот Бог. Го чувствуваме ли ние тоа? Кога одиме в црква има ли во нашата душа чувства што ја восприемаат таа реалност?
Ах, какви сме ние, луѓето! Ги знаеме сите раси на кучиња и коњи, ги знаеме видовите на растенијата, марките на автомобилите, транзисторите, но често пати не го знаеме она што има непосредна врска со нашиот живот. Затоа сакам да обрнете внимание на тоа што ви го говорам денес.
Ако размислиме добро, ќе разбереме дека сѐ во реалноста што постои околу нас – бескрајните длабочини на океанот, небесните висини, илјадниците и милионите ѕвезди не се ништо друго освен сиромашно соседство на нашата планета Земја. Сте виделе ли како ги уриваат старите куќи, кога сакаат да постројат повеќекатници? Еден ден така ќе се сруши сѐ што постои во вселената. Ништо нема да остане. Ќе остане само духовното небо, каде што е Христос. Затоа таму да го сосредоточиме нашиот поглед.
Се наоѓаме во црквата. Таа е најпогодното место да го видиме небото. Но, кој е прозорецот? Како ќе го отвориме? Та тоа е толку лесно. Прозорецот е светата Литургија што ја служиме. Меѓутоа, бидејќи ни претстои да го управиме погледот кон духовните нешта, да си ја насочиме душата кон Светиот Дух и да Го помолиме да го изгони со Својата светлина мракот на нашите мисли, за да нѐ просветли да почувствуваме, да поверуваме, да разбереме, да го направиме наша сопственост сето она што се извршува, што се говори и што се слуша за време на светата Литургија.
Дојдовте со толкав труд и во ова студено време, стоите исправено. Не треба трудот да ви биде залуден. Затоа да се помолиме на Духот Божји и во нас нема да остане ниту една нејасна помисла. Не треба да си одиме одовде, ако нашите срца не Му се поклониле на Бога, ако не сме почувствувале дека нашите души се пренеле на небото и го виделе сето она што се случува таму.
Кога ќе завршиме со беседата, треба да го чувствувате она за што говори еден светец на нашата Црква: „Ти ја рани мојата душа и моето срце не може да го истрпи Твојот пламен. И така, откако Те воспеав, си заминувам“ . „О, Боже мој, вели тој, Те почувствував, се вслушав во Тебе, Те видов до себеси; сетив дека со Својата стрела го пронижуваш срцето мое, дека ја разгоруваш душата моја, дека распалуваш пламен што не можам да го издржам. Затоа Те воспевам и си заминувам, земајќи Те со себе“. Тој ќе нѐ научи на секоја вистина.
Така значи, нашиот прозорец е светата Литургија, толку позната во нашиот живот, со којашто сме свикнале од детството и со којашто ништо – ниту на земјата, ниту на небото – не може да се спореди.
(Продолжува)