Светата Литургија – II дел

 

Како започнува Литургијата? „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух (…) Амин“. Зошто свештеникот започнува со тие зборови? Што сака да каже? Христос открива пред нас една исклучителна глетка. Ни открива небесно видение. Пред нас Христос го отвора Своето Царство. Како што, кога влегуваш во магацин, трговецот ја отвора ролната ткаенина и ти ја разгледуваш, ја допираш, ја испитуваш нејзината издржливост, ја гледаш нејзината убавина и си велиш дека ќе ја земеш, истото го прави и Христос во тој миг. Пред нашите очи Тој го отвора Своето Царство за да го видиме, да го почувствуваме, да му се наситиме и да кажеме: „Него Го избирам за мој живот“. Но дали, пак, нашата душа го чувствува тоа?

Свештеникот тоа добро го разбира во оној миг во светиот олтар. Неговото срце тупоти силно, уште малку и ќе ослепи, како што ослепел ап. Павле по патот кон Дамаск кога Го видел Христос . Неговите духовни очи ја гледаат заслепувачката светлина Божја. Затоа во духовен восторг, тој извикува: „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух“. Твојата слава во Царството Твое, Христе, исполнува сѐ. Сте виделе ли како, кога ја украсуваат невестата за да ја фотографираат, нејзиниот голем превез ја исполнува целата соба, а диплите од нејзиниот фустан го прекриваат подот, за да ја покажат нејзината слава и убавина? Ете, исто така, во оној миг пред нашите очи Црквата Христова се распростира по целото пространство.

Кое е тоа благословено, прославено, почитувано, повозвишено од секое друго Царство? Тоа е Небесното Царство, Божјото Царство; тоа е рајот во којшто Христос нѐ поставил; тоа е нашата света Црква. Цар е трисолнечниот Бог – Отец, Син и Свети Дух. Слуги на Царот се ангелите и архангелите, престолите, началствата, властите, господствата, силите, многуоките херувими и шестокрилните серафими. Војводи на Царот се светците. Царицата е Пресвета Богородица. Верни воини се христијаните, тие што се готови да тргнат по Христа, па колку и да ги чини тоа, сите оние што копнеат да го носат Неговото чесно име, сите оние што ја сочинуваат Неговата Црква. Затоа во текот на светата Литургија сите – Христос, светците, света Богородица, ангелите, верните од сите векови – се заедно со нас.

Следствено, кога свештеникот вели: „Благословено е Царството на Отецот…“, се заборава себеси, својот дом. Го заборава светот, сѐ што гледа и го насочува своето срце и својата мисла кон она што го разбира, кон тајните и невидливи нешта што Христос ги јавува пред него. Токму поради тоа, чувствувајќи ја славата Христова, славата на небесниот Цар, со колена што треперат, со душа што е готова да се свитка под тежината на одговорноста, со очи што проникнуваат во тајните на Небесното Царство, тој со трепет кажува: „Зашто Тебе Ти прилега секаква слава, чест и поклонување“. На Тебе, Христе мој, Којшто си толку прославен, Којшто си носен од толку светци и ангели, Тебе Ти прилега славата, честа и поклонувањето. И така, пред нас е целата Црква. Пред нас реално, суштински, таинствено е Христос! „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име“ , таму посреде нив сум и Јас, вели Христос. Ова се случува за време на светата Литургија.

И така, што претставува нашата Литургија? Сигурно сте забележале како на кино-екран сликата на некој човек, некој пејзаж што се појавува во длабочината, како точка во далечината, постепено се зголемува и избиструва. Тоа претставува и Литургијата: постепено Го открива пред нашите очи Христа и Неговото Царство.

Христос присуствува пред нашите очи, токму така како тогаш кога поучуваше, кога правеше хромите да скокаат и да одат, слепите да гледаат одново, мртвите да воскреснуваат. Ние не си спомнуваме за Него туку така просто, ами Он реално доаѓа пред нас, се појавува Он, Учителот, Пророкот, Чудотворецот. Пред нас е Христос, Којшто беше распнат, воскресна и се вознесе на небесата!

Сѐ што гледаме тука – полиелеите, свештеникот, светиот престол, Евангелието, чесните Дарови, малиот и великиот вход, – сите тие стануваат знаци за Христовото присуство.

Следствено, преку светата Литургија го продолжуваме Христовото дело и секој пат кога ја извршуваме, чиниш Го привлекуваме и Го доведуваме при нас Самиот Христос. За тоа се говори и во молитвата: „Ти Којшто седиш горе со Отецот и овде невидливо пребиваш со нас“; Ти си горе, на небото и истовремено невидливо, но реално, си тука, пред нас. Затоа свештеникот, кога сака да се причести, Го гледа со своите духовни очи и Му говори во второ лице еднина: „(…) и удостој нѐ со Својата моќна рака да ни го предадеш пречистото Твое Тело и чесната Крв“. Ти, Христе мој, со Твојата моќна и пренепорочна рака дај ми го Твоето пречисто Тело и чесната Крв. Ако имаме духовни очи, можеме да почувствуваме дека пред нас е Самиот Христос. Што правиш кога, додека седиш, ќе здогледаш некого што го сакаш? Ќе се втурнеш кон него. Е Литургијата е едно движење, втурнување, обид да Го грабнам Христос, да Го фатам.

Си спомнувате ли за Марија Магдалена? Кога разбрала дека пред неа стои Христос, таа Му рекла: „Равуни“, т.е. „Учителу“, и тргнала да се допре до Неговата облека, до Неговото тело. Си спомнувате ли за крвоточивата жена? И покрај мноштвото народ што Го притискал Христос, таа со вера и благоговение пристапила да се допре до Него . Си спомнувате ли за ап. Тома? Тој ја ставил својата рака во Христовите рани и извикал: „Господ мој и Бог мој!“ Тоа го правиме и ние за време на светата Литургија. И после се прашуваме каде е Христос! Та, Он е пред нас, заедно со нас, до нас. „Учителот е тука и те вика“ , ѝ рекле на Марија којашто плачела за умрениот Лазар, нејзиниот брат. Во светата Литургија присуствува Учителот, Христос, и го повикува секого од нас по име. Очите на сите што го чувствуваат тоа сјаат и тие ја преживуваат Христовата радост. Сѐ се исполнува со радост. Сѐ Го славослови Христа.

Следствено, кога човек доаѓа на светата Литургија, треба да доаѓа со мислата дека дошол да се сретне со Христа, и уште – со копнеж да Го допре, како што кажува свети Методиј: „Се очистувам себеси пред Тебе, Женику, и држејќи в раце запалени светилници, Те пресретнувам“ . Женику Христе, се чувам себеси чист и неизвалкан и држам запалени светилници во своите раце за да Те пресретнам. Така треба да доаѓаме на светата Литургија, којашто е присуство на Христа и на Неговото Царство.

Да се задлабочиме уште малку. Зошто ги извршуваме входовите? Вие што присуствувавте на вечерната, видовте пред малку дека свештеникот направи вход и влезе во светиот олтар. Утре на Литургијата, на малиот и великиот вход, ќе се случи истото. Нашата Литургија е литијна поворка кон олтарот, поворка кон небото. Како што кога правиме литија на денот, кога го чествуваме покровителот на градот, ја земаме неговата икона, неговиот чесен лик со рипидите и одиме на плоштадот за да го воспееме светецот , така и нашата Литургија е литија, поворка, патување кон небото.

Сте забележале ли како, кога има затемнување на сонцето, улиците се исполнуваат со деца и возрасни што ставаат едно потемнето стакло на очите и гледаат кон небото? Тоа е светата Литургија. Таа е приковување на нашиот поглед, на нашето срце кон Оној Чијшто Престол е на небесата. Мојот живот веќе се врти околу Христос. За мене само едно нешто има вредност – Небесното Царство.

Зар треба навистина да го оставиме своето семејство, работата, своите деца и да трчаме непрестајно на Литургија? Не, возљубени. Погледнете колку е голема Божјата љубов и мудрост. Сите секојдневни собитија од нашиот живот можат да влезат во Божјото Царство, дури и да станат мостови што ќе нѐ одведат до него. Сѐ може да ја изразува твојата љубов кон Бога! Љубовта кон својата жена, жртвите заради своите деца, твојот секојдневен труд, твојата болка, грижите, солзите, скриените горчини во твојот живот – сето тоа го поставуваш во Небесното Царство. Бог го осветува и ти дава сила да ја поминеш целата седмица. Сите тие нешта си придобиваат свое место и вредност пред Христос, доволно е само да не заборавиме дека нашата цел, нашиот завршеток е Божјото Царство и душата да ни копнее за него. Христос да биде нашата цел. Наша татковина да биде небото. Тоа го имаме предвид кога велиме „амин“: Да, Татко мој небесен, сето тоа што ми го кажуваш го прифаќам; го започнав патувањето; стапив на патот што ќе ме доведе до небото. Нема да запрам додека не стигнам таму каде што си Ти.