Постењето како Клуч за Небесното Царство

Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението! (2. Кор. 6:2) Сега настана време, во коешто ќе се примат молитвите и моленијата.

Царството Божјо сега е блиску до секого којшто Му служи на Бога во правда, бидејќи настанаа дните на Чесниот пост за оној што навистина пости во чистота.

И така, возљубени, да го пазиме овој пост со ревност и со чисто срце, бидејќи е сладосен и пријатен за оние што свето ги поминуваат овие дни. Да го употребиме овој свет пост за борба со ѓаволот, бидејќи без пост и молитва никој не може да го победи лукавиот. Да го употребиме овој пост, возљубени, за да побараме и измолиме милосрдие од Себлагиот и Милосрдниот, Којшто не го отфрла оној кој се моли. Овој пост, возљубени, ги отклучува небесните врати, зашто нѐ издигнува од земјата и нѐ вознесува во висините.

Овој пост, возљубени, ги радува нашите Ангели и Пазители, бидејќи преку постот и молитвата стануваме нивни сродници. На овој пост се радува и Христос, нашиот Господ, но само ако постиме со љубов, надеж и вера.

На овој пост, возљубени, се радуваат светите Пророци, за него ликуваат Апостолите и мачениците, зашто сите тие со неумолива ревност се подвизувале во пост.

Овој пост, возљубени, го запазил и кроткиот Мојсеј и преку него вршел чудеса, поради него бил удостоен да Го види Бога. Овој пост, возљубени, го запазувал Илија и затоа се удостоил да се вознесе на небото во огнена колесница. Овој пост, возљубени, го пазел достољубезниот младич Даниил и затоа бил прославен, ги затворил лавовите усти. Во овој пост, возљубени, со света ревност се подвизувале трите момчиња, фрлени во пештерата и кои ја угаснале огнената сила.

Овој пост, возљубени, го запазувале светите Пророци, поминувајќи по четириесет дена без леб и вода.

Апостолите, учениците на нашиот Господ и проповедниците на верата го пазеле овој свет пост, макар што патувале од место на место. Самиот наш Спасител го пазел постот и нѐ научил како треба да постиме, да водиме борба со лукавиот и да го надвиваме сатаната.

И така, возљубени, да го пазиме и ние овој пост ревносно, како што сме научени од нашиот Господ, та некогаш да примиме наследство во Неговото царство.

Нека го пазат овој свет пост најмногу јереите во чистота, непорочно, свето, без никакво петно. Нека ѓаконите го пазат построго од останатите и да Му служат на Бога свето, борејќи се со лукавиот. Нека го пазат овој пост сите старци, оддавајќи се на покајание за претходните свои гревови и беззаконија. Нека го пазат овој свет пост мажите заедно со своите жени, пазејќи се себеси чисти од секакви соблазни, какви што непрестајно измислува лукавиот. Нека девиците го пазат овој пост, та кога нашиот Господ ќе дојде во слава, да влезат заедно со Него во брачниот чертог. Нека родителите го пазат овој свет пост и за тоа време да го измолат за своите деца Божјото милосрдие. Нека го пази овој пост младоста, бидејќи ѝ е неопходно да се судира мажествено со човекоубиецот ѓаволот. Дури и децата, како најмалите, така и поголемите, да го пазат заедно овој свет пост, некои до третиот, други до шестиот, и до деветтиот час. Целата Црква и сите нејзини чеда, во секаква положба и чин да постат и со горешта љубов да се молат и да Го призиваат Бога. Нека постат и се молат во времето на пост богатите и да одделуваат милостина за сираците, бедните и сиромасите. Нека постат и се молат во текот на овој свет пост бедните, умолувајќи Го нашиот Спасител да ги задоволи нивните потреби. Да постат и се молат на Христос за време на овој пост сираците, викајќи кон Бога и молејќи Го Тој да им биде Отец и Господ. Многу да постат вдовиците, умолувајќи Го Христос да им даде прехрана и да ги запази во нивното вдовство.

Со помошта на овој свет пост човек се вознесува на небото и восходи во Рајот, ако пости во совршена чистота. Со овој свет пост човек Го прославува Бога и за секого, којшто ревносно го пази постот Тој ги отвора вратите на милосрдието.

Овој свет пост го пазела Ниневија, растревожена од проповедта на Јона, и луѓето и животните постеле четириесет дни. Со овој свет пост се прославиле патријарсите, пророците, праведните и сите благочестиви луѓе. На овој свет пост се учеле Апостолите, учениците на Божјиот Син, и ги обратиле народите од заблуда кон вистина. Со овој свет пост благословените и победоносни маченици ги укрепувале своите тела, одејќи да бидат предадени на меч, оган и секакви маченија. О, колку велик си ти, дену на постот! Блажен е оној кој те живее правилно. Секој што ќе ти се потчини, се вознесува на небото окрилен. Но кој пости, а го мрази брата си, пред Бога тој е како оган што се предава на чревоугодие, бидејќи е исполнет со измама и ненавист, и ја загубил љубовта на нашиот Господ. Кој пости, а се гневи и таи во срце свое омраза, тој не Го сака Бога и спасението е далеку од него.

О, колку си прекрасна ти, молитво! Блажен е оној што ревносно се вежба во молитвата, кон него, ако тој е чист од секаква измама, лукавиот нема да се приближи. Но обрни внимание што кажал нашиот Спасител пред чистото стадо на Своите ученици, кога ги учел да се молат: Отче наш, Кој си на небесата! Тој нѐ учи да се молиме: прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници. Така што, внимавај, Господ не му проштева на оној којшто не му проштева на својот брат. Гледај колку е прекрасна молитвата што Христовите ученици ја научиле од вистинскиот Пастир, за да се спротивстават на лукавиот. И така, оној во чие срце има лага, омраза и осудување, нека ја очисти прво својата душа, тогаш веќе да дојде, да пости и да се моли. Кој е настроен непријателски кон брата си, го мрази и го оскрбува, нека се примири прво со брата си и да му прости, тогаш веќе може да се приближува кон Господа. Кој сака да застане пред Бога, должен е најнапред да го прости долгот на брата си, само тогаш постот и молитвата ќе Му се угодни на Бога. Каква полза ќе ни донесе молитвата ако не им простиме на нашите должници? Човече, та ти си од земја! Пази го она на кое те научил твојот Господ, не ги пренебрегнувај словата Господови, да не би и Господ да се одврати од тебе и да те осуди. Прости ми ги моите долгови и гревови, како што и јас му проштевам на оној кој ме натажил. Прости ми, како што и јас проштевам, прими ме, како што и јас примам. Ако ти, човече, не му проштеваш на секого што згрешил против тебе, не се обременувај со пост и молитва. Ако не го простиш долгот на својот брат, на кого за нешто си му разгневен, напразно постиш и се молиш, Бог нема да те прими. Зошто го умртвуваш телото со пост, ја уморуваш душата со глад и жед, ако не го примаш со љубов брата си, против кого длабоко во себеси таиш гнев и омраза? Ниту молитвата, ниту постот ни најмалку нема да ти помогнат, додека не станеш совршен во љубовта и надежта на верата. Кој храни во себе гнев, непријателство, ненавист и раздор, тој е непријател Божји, тој е пријател на лукавиот сатана! О, колку се превосходни, браќа мои, и љубовта, и постот, и молитвата, и милосрдието кон бедните, несреќните, сираците и вдовиците! Господ во Своето Евангелие ги ублажува бедните, но само ако тие се чисти од секакво зло, од блуд и од секаков срам.

Прекрши го лебот и дај им на бедните. Ти даваш не своето, Бог затоа ти дал леб во изобилие, та и ти да даваш на другите. Доволно ти е да го имаш насушниот леб, како што си научен во молитвата, затоа не собирај слама за оган и маченијата. Спомни си дека твојот Господ ти ветил дека ако даваш на бедните, уште во овој век Тој ќе ти воздаде и сто, и шеесет, и триесет пати, а во идниот век ќе те награди со вечен живот. Блажен е оној кој ги облекува голите, тој ќе биде облечен со ризата на Царството и ќе се развесели некогаш во светлиот чертог. Блажен е оној, што ги пригледува бедните и сиромасите, вели Давид, зашто во злочест ден Господ ќе го избави (Псалм 40,1), т.е. во последниот ден ќе го спаси и ќе го избави од геената и мачењата, од црвот што јаде, кој не умира. Обрни внимание како говори Спасителот во Своето Божествено Евангелие: дојдете вие, благословени од Мојот Отец, примете во наследство блаженство, живот и радост, зашто гладен бев, и Ми дадовте да јадам; жеден бев, и Ме напоивте; странец бев, и Ме примивте… во затвор бев, и Ме посетивте. Тогаш праведните, стоејќи оддесно на нашиот Спасител, ќе одговорат: Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме? И Христос ќе им каже на праведниците, стоејќи оддесно Нему: Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле. Дојдете и наследете го Царството, синови на светлината, кои стоите оддесно на Мене (Матеј 25,34-40).

Внимавајте, браќа, да не би да станете пљачка на огнот и маченијата. Горко на оној што ќе биде фрлен во геената, зашто неговото мачење ќе продолжува за вечни векови. Но, исто така, вечно е и блаженството, затоа, браќа мои, пазете го постот и принесувајте вистинско покајание. Да нема никаква нечистотија во вашите тела и никаков грев во вашите членови. Пазете се, браќа мои, никој од вас да не се осрамоти со распуштеност, бидејќи од никој грев не се гнаси така Господ, како од распуштеноста. Внимавајте, браќа мои, да нема во вас злосмрдие и укор, но место нив вознесувајте хвала и славословие Богу. Внимавајте, браќа мои, да не господари во вас гордост и надменост, но наместо тоа, облечете се во смирение и кротост. Внимавајте, браќа мои, никој од вас да не го засака крадењето, бидејќи таквиот, каде и да оди, каде и да отседне, отсекаде го изгонува благословот. Совршено премавнете го од себе прељубодејството и лажното сведочење, зашто тие ги фрлаат во ровот на погибелта оние коишто се виновни во нив. Внимавајте, браќа мои, никој од вас да не се колне во името на Севишниот Бог, бидејќи од устата, створена за славословие за Бога, не бива да излегува клетва. Постапувајте како што вѐ научил нашиот Господ: зборот ваш да биде: да, да; не, не (Матеј 5,37). Синот Божји, по Својата благост, ни покажал пат за живот, та по него да одиме во Царството, преку дела на правдата. Затоа, ревносно да принесеме покајание, додека сѐ уште не сме го достигнале оној век. Да ги возљубиме постот, молитвата и добротворството кон бедните и да се возљубиме взаемно еден со друг; зашто љубовта е исполнение на законот (Рим. 13,10).

Сѐ поминува, браќа мои, само нашите дела ќе нѐ следат вечно. Затоа да си го приготвиме неопходното за странствувањето што никој нема да го избегне. Хвала на Божјото Слово, Коешто заради нас стана човек и поради преголемата Своја љубов претрпе страданија заради нашиот род! Го величаме Отца, Кој Го испрати Словото! Алилуја на Светиот Дух! Хвала на Тебе, Пресвета, Божествена и вечна Троица, дарувај ни ја секогаш Твојата милост. Амин, амин!


Извор: Преподобный Ефрем Сирин, „О посте“, Творения.