Дојдете, возљубени; дојдете отци и браќа мои, избрано стадо на Отецот, воплотени воини Христови. Дојдете, чеда, послушајте го ова, за душите ваши спасително слово. Дојдете да се зафатиме со трговијата додека е сè уште ден за трговија. Дојдете да придобиеме вечен живот, да го купиме спасението на своите души. Наполнете ги очите со солзи и брзо ќе се отворат вашите духовни очи. Дојдете сите еднодушно, богати и бедни, началници и подредени, стари и млади, синови и ќерки, вие, луѓе од секоја возраст, кои сакате да се избавите од вечната казна и да станете наследници на Небесното Царство. Заедно со Светиот Давид да повикаме кон милостивиот и човекољубив Господ и да кажеме: Отвори ги очите мои и ќе ги разберам чудесата од твојот закон (Пс. 118,18); Просвети ги очите мои за да не заспијам со сон смртен (Пс. 12,4). Да повикаме како што повикал слепиот: Помилуј ме, Господи, Сине на Севишниот Бог(Марко 10,48). И ако некои ни попречуваат или ни велат да замолчиме, уште посилно да повикаме и да викаме неуморно, додека дарителот на светлина, Христос, не ги отвори очите на нашите срца. Пристапете кон Христа, пристапете Му и ќе се просветите, и лицата ваши нема да се посрамат (Пс. 33,6). Да се фатиме за прекрасната мисла, да го посакаме Царството и рајот; и наскоро ќе почнете да ги занемарувате делата на овој век. Подвизувајте се во тој единаесетти час, брзајте, за да не останете надвор од затворените врати. Вечерта наближува и Судијата доаѓа со голема слава, да му даде секому според делата. Да се покаеме, браќа, додека има време.
Слушнете што вели Господ: Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник што се кае (Лука 15, 10). Зошто се предаваш на безгрижност, грешнику? Зошто очајуваш? Ако на небото бива радост кога се каеш, тогаш од што се плашиш? Ангелите се радуваат, а ти се предаваш на униние! Архангелот проповеда покајание, а ти се плашиш. Пречистата и Неразделна Троица на Која се поклонуваме, те повикува, а ти воздивнуваш!
Нека не ни бидат слатки световните грижи, за да не ја вкусиме горчината на вечниот оган и на црвот што не спие! Затоа, да поплачеме малку тука, за да не плачеме таму, мачејќи се вечно. Пазете се, никој да не биде мрзлив, бидејќи доаѓањето Христово ќе биде ненадејно, како страшна молња. Зарем не се плашите од него? Во оној час, секој ќе добие според своите дела; секој ќе го понесе своето бреме, секој ќе го пожнее она што го посеал. Сите ќе застанеме откриени пред Христовиот суд и секој од нас ќе даде на Судијата одговор за себеси. Во тој час никој никому не ќе може да помогне, ниту брат на брата, ниту родители на децата, ниту децата на родители, ни пријатели на пријателите, ни маж на својата сопруга, туку секој ќе стои во страв и трепет, во очекување да ја слушне Божјата пресуда.
Зошто сме немарни и не си доаѓаме на себе? Зошто небрежно го читаме Светото Писмо и словата Христови? Или можеби мислите дека Христовото слово и Словата на Христовите апостоли и пророци, нема да нè осудат во денот на страшниот суд, ако не ги запазиме и не го извршиме тоа што ни го заповедаат? Слушнете што им кажа Господ на учениците свои: Кој ве слуша вас, Мене ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува (Лк. 10,16). И на друго место вели уште: Кој се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го осуди: Словото што го кажав ќе го осуди во последниот ден (Јован 12,48). А кое е тоа Слово што ќе ни суди во последниот ден? Светото Евангелие и другите свети списи на пророците и апостолите. Затоа, браќа, ве молам да не го занемаруваме напишаното: Небото и земјата ќе минат, но зборовите Христови нема да минат (Матеј 24, 35).
Дојдете, возљубени, и додека не настапил тој страшен ден, да се потопиме во морето на Божјите милости. Сам Бог ги известува и кани сите, велејќи: Дојдете кај мене сите изморени и обременети и јас ќе ве успокојам (Матеј 11, 28). Сите ги кани Човекољубивиот и Незлобивиот, Сострадалниот и Долготрпеливиот, Кој сака сите луѓе да се спасат. Не ги известува и призива само Своите, туку повикува кон сите: „Дојдете кај Мене сите, било богат или беден, бидејќи Оној кој доаѓа при Мене, нема да го изгонам надвор (Јован 6, 37). А кој е оној што доаѓа при Мене? – Оној што ги пази заповедите Мои и ги исполнува; што го слуша Словото Мое и верува во Оној Кој ме пратил“. Блажен е оној кој го слуша и исполнува словото Негово, а тажен пак оној што не се потчинува, бидејќи тоа слово ќе го осуди во последниот ден (Јован 12,48), Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог (Евр.10,31)!
Покај се, брате и не се подавај на страв! Покај се, грешнику, надевајќи се смело и гледајќи кон неизмерното човекољубие на Христа, Кој кажал: Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание (Матеј 9,13). Покај се, за да не се посрамиш на страшниот суд, каде со страв ќе претстојат илјадници и илјадници архангели, кога тајното ќе стане јавно и ќе се отворат книгите на делата, кога луѓето ќе бидат одделени едни од други како овци од кози. Навистина, страшен и ужасен час, бидејќи укорува страшен и праведен Судија. И кој не ќе се уплаши од тој час? Кој нема да падне во страв? И Судијата е силен, и судот е неумолив, и делата ни стојат пред очите, огнената река е пред судот, незамолчлива е песната на праведниците и ангелите, неискажлив е плачот и бесполезни солзите на грешниците.
Размисли за сето ова и побрзај да се спасиш. Не гледај ги мрзливите и оние кои тонат во раскош, бидејќи тие ќе се исушат како трева (Пс. 36,2). Не го засакувај овој свет, бидејќи тој става сопки пред оние што го љубат и моментално ќе ги наслади, а во оној век ќе ги испрати голи. Слушај го Светото Писмо, внимавај на него и нема да бидеш измамен, и нема да може да те сопне овој суетен и лукав свет. Слушни што вели Богословот Јован: не љубете го светот и сè што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто сè што е од светот – похота на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот е минлив, и похотите негови, а оној што ја извршува волјата Божја останува до века (1. Јован 2, 15-17). Слушни што вели Господ: Каква полза за човек, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости (Матеј 16, 26)? Грижливо и со страв пазете го словото Негово, бидејќи словото кое Он го кажа и на кое нè научи, тоа ќе ни суди во последниот ден.
Нашиот Господ не е лажен. Немојте ни да помислувате! Бидејќи Он е Вистината. И кога знаеш дека Он е Вистината, дека неговите слова не се лажни, тогаш зошто остануваш во својата мрзеливост, несреќнику? Што чекаш? Што мислиш? Кој ќе даде одговор за тебе? Зарем не знаеш дека секој сам за себе си дава одговор на Бога? Зарем не знаеш дека секој ќе пожнее што посеал и секој ќе си го понесе сопственото бреме? Додека има сè уште време, отфрли го бремето на гревовите свои. Човекољубивиот Бог те повикува велејќи: Дојдете при мене сите изморени и обременети. Сите ги повикува Он. Нека никој не очајува. Никој да не се осмели да каже: „Јас не сум згрешил“. Оној што вели дека не згрешил, тој е слеп, оди во темно и е најнесреќниот од сите луѓе. Бидејќи евангелистот Јован вели: ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе и вистината не е во нас; Бога го правиме лажливец (1. Јован 1,8;10). И: Никој не е чист од скверност (Јов 14, 4).
И сега што? Зарем не се солзите она што е потребно за да ја измиеме скверноста, пеејќи со Светиот Давид: Измиј ме и ќе бидам побел од снег (Пс. 50,9) и уште: Секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи ја натопувам постелата моја (Пс. 6,7)? Згрешил во една ноќ, а плачел секоја ноќ, затоа и станал блажен. Овој пророк јасно го предвестил Оној Кој кажал: Блажени се тие што плачат.
Затоа не плачи за ништо од овој свет; не се насладувај од житејските наслади, не ги посакувај богатствата на овој свет, одвраќај ги очите од меките облеки и луксузните накити, одвраќај се од простотата на шминките, на цртаните веѓи, измислиците и луксузните храни, бесовските песни, гуслите, свирките и бесрамните и недолични довикувања. Зарем не знаеш, несреќнику, дека сето тоа е ѓаволско семе? Сето тоа го прават паганите кои немаат надеж за спасение, а ние нема да се уподобуваме на нив за да не паднеме под еднаква осуда со нив. Слушнете го апостолот кој вели: Ова пак го зборувам и сведочам во Господ; да не живеете повеќе како што живеат и другите незнабошци, по суетата на својот ум, помрачени во разумот (Ефес. 4,17-18). Затоа, откако ги оставивме паганските дела да не се враќаме одново на нив и да го правиме истото.
Еднаш за секогаш си се одрекол од сатаната и неговите ангели, и пред многу сведоци си стапил во завет со Христа. Помни со Кого си стапил во завет и не го заборавај тоа. И знај дека во истиот миг ангелите ги запишале зборовите твои и твојот завет, и одрекувањето твое, и го чуваат на Небесата до страшниот ден на судот. Зарем тоа не те плаши и не те доведува во ужас? На денот на судот ангелите ќе ги донесат запишаните зборови на устата твоја и постават пред страшниот суд пред кој и ангелите стојат со трепет. Тогаш ќе го слушнеш за тебе непријатното слово: Со твојата уста ќе ти судам, лукав слуго (Лк. 19, 22). И навистина, тогаш горко ќе воздивнеш и ќе заплачеш во оној час, но тоа не ќе ти биде од полза.
(Продолжува…)