Св. Димитриј Ростовски: Секој Христијанин треба да знае дека чистотата на надворешниот човек, односно чистотата на телото, без чистотата на внатрешниот човек, т. е духот, не е вистинска чистота, како што се изјаснува Св. Евтимиј Велики, кој вели дека и оној кој не твори скверен грев со телото, но прељубодејствува со умот, има скверни помисли, ги прифаќа, им се потчинува, и се насладува од нив, исто така е блудник и не може да биде храм на Светиот Дух. Бидејќи Светиот Дух е како пчелите: како што пчелата не влегува во смрдлив сад, така и Духот Свет не влегува во нечиста душа.
Преподобен Јован Колов: Кога царот сака да освои некој непријателски град, тој пред сѐ го пресекува неговото снабдување со храна: граѓаните, бидејќи измачени од глад, за да не пострадаат се покоруваат. Така станува и со плотските страсти: доколку човекот го минува животот во пост и воздржание, во неговата душа страстите постепено се губат.
Св. Теофан Затворник: Чистота на целомудрието е кога покрај телесното целомудрие, односно чистота од секаква плотска гревовна скверна, се запазува и чистотата на душата од секакви нечисти мисли и желби.
Преподобен Исак Сирин: Чистотата е знак за здравјето на душата, извор на духовна радост. Оној што сака да стекне љубов кон Бога, треба добро да се грижи за чистотата на својата душа. Вистинската чистота прави душата да стекне смелост во молитвата, оти смелоста е плод на чистотата и трудот за нејзино стекнување.
Св. Теофан Затворник: Чистотата е добродетел спротивна на блудната страст, таа е оддалечување на телото од дејствително паѓање во грев и од сите дела што водат кон грев, оддалечување на умот од помисли и блудни мечти, а на срцето од блудни чувства и нагони, што доведува до тоа и телото да се оддалечи од плотските страсти.