Современиот човек скептично се однесува кон верата, бидејќи навикнал сѐ да толкува само преку разумските аргументи и затоа и му се потребни таквите аргументи. Сепак, во суштина прашањето за односот меѓу верата и разумот не е толку едноставно, тоа им било јасно уште на раните Христијани и ова прашање било поставено уште во првите векови на Христијанството. На него богословите и Отците на Црквата давале разни одговори.
Едни од првите коишто се занимавале со проблемот на верата и разумот се Св. Климент Александриски и такви големи Отци на Црквата како што се Блажени Августин и Св. Василиј Велики. Тие обратиле внимание на тоа дека да се докаже баш сѐ е всушност невозможно. Затоа ние прифаќаме многу одредби на верата. Уште Аристотел укажува дека е невозможно да се докажат основните аксиоми на логиката, на пример законот на непротивречност. И сето наше знаење, логички, се заснова на верата. Детето, кога ќе се роди, ги прима со вера зборовите на своите родители. Ученикот, којшто се обучува на некаква наука, ги прима со вера зборовите на учителите, коишто за него се авторитет. И општо земено, на крајот на краиштата, ние со вера го примаме и самиот факт дека вистината може да се познае, дека вистината постои, дека вистината треба да се докажува. Но ете, обидете се да докажете дека вистината ни се открива по пат на докази. Тоа само ќе се претвори во некаков си круг на докази.
Верата ни е неопходна за да раснеме во познанието, за нешто да сфатиме. Сетете се на значајните зборови искажани од страна на Блажени Августин: „Верувам, за да сфатам“. Ние примаме со вера многу одредби, на коишто потоа ги градиме своите докази. Математичарот верува во геометриските аксиоми и на нив ги заснова математичките докази на различните теореми. Секој човек верува во постулатите на моралниот живот и тие се јавуваат како основа на неговиот живот и дејност.