Апостолот на љубовта, Јован, на светот му напиша нова историја. Историја не на страсти и смрт, но на вистински живот, велејќи: Бог толку во возљуби светот, што го даде својот единороден син, та секој што верува во него да не погине, но да има живот вечен. Бог од љубов кон нас, луѓето, се воплоти и дојде на земјата, од љубов претрпи понижување, распетие и срамна смрт, за да ни го отвори патот кон нашата Небесна Татковина, Царството, на вечната радост. Евангелските читања на Велики Петок го издигнуваат нашиот ум во свештено созерцание, да ги гледаме страшните искупителни дела на Синот Божји, кои како да ни се случуваат пред нашите очи. Божествената благодат му шепоти на секое Христијанско срце, дека ова не се настани од минатото, туку живо и вечно движечко дело за спасение на секоја човечка душа. Она што овде се пее не воведува во драмата на Страсната Седмица, но не како гледачи, туку како учесници во Божествените настани што го променија светот.
Спасение си извршил среде Земјата, Христе Боже, си ги раширил на Крстот Твоите пречисти раце, собирајќи ги сите народи кои викаат: Господи Слава Ти!
Трепери сето создание, гледајќи го својот Создател распнат. Занемено е пред тајната на љубовта Божја, пројавена низ оваа Негова најголема и доброволна искупителна жртва. Страшно е да се гледа Творецот на Небото и Земјата како виси на Крст, сонцето помрачено а денот пак, во ноќ претворен. Стоиме и ние, во свештен молк пред несватливото смирение на Христа, Богочовекот, кое Он до крај го исполнува, прифаќајќи смрт, и тоа смрт на Крст. Во недоумица и ние со Ариматеецот извикуваме: Ги величаме страдањата Твои, го песнословиме и погребението Твое…
Ете, вели Пресветата Мајка, мојата слатка светлина, надежта и животот мој благ, мојот Бог изгасна на Крстот, а гори и утробата моја… слатко мое чедо, слатка моја пролет, каде зајде Твојата убавина?
Јосиф и Никодим го симнуваат од Крстот, Божественото Тело и го полагаат на чиста плаштаница. Мајката со солзи ги измива раните од кои на светот му истече простување, а Мироносиците Го помазуваат со скапоцени мириси. Ангелските чинови пак, исплашени од преславното дело, започнуваат песна и ја подигаат кон славословие и плач, сета природа. И ние, луѓето, што се измиривме со Небото и Земјата преку овој подвиг на Искупителот, опфатени од чудна таговна радост, се придружуваме на нивното пеење, еднодушно извикувајќи:
Народите сите погребението ти Христе со песни го пеат!
Како ли, како ли, носен на раце свештенички, Христос во гроб се полага? Но зрачи неговиот заспан спокоен лик, кој како да вели: Ќе воскреснам и од овој мрачен гроб на сите живот ќе им источам.