Се наоѓаме пред овој голем празник, празникот на Рождеството Христово, кој уште е наречен од отците Митрополија на добродетелите, значи еден одделен празник. Тоа е зашто е еден многу убав празник, но и многу велик и значаен, поради силната порака што ја носи. Сите го знаеме начинот на кој го празнуваме, во главно според западниот модел: со многу украси, светилки, со колачи, со размена на подароци, со украсување на градовите, улиците, домовите, со елката и така натаму. Сите овие работи претставуваат дел од едно празнување кое ни доаѓа од запад, без тоа да значи дека не постоело своевидно празнување и торжествен характер во учествувањето во овој празник и кај нас, на исток.
Навистина е еден многу убав празник, еден празник кој се нарекува празник на љубовта, значи празник во кој можеме и ние луѓето да размениме чувства на солидарност, нега и грижа еден за друг, добрина, тоа што општо го нарекуваме љубов. Така, во вакви денови и во нашата Црква настанува едно општо движење на механизмите на љубовта – да им се најдеме на сиромасите, страдалниците, но и истовремено еден кон друг да ја покажеме сопствената општествена врска. Затоа и разменуваме подароци и одиме на гости.
Исто така е еден празник кој се обидува да ни даде надеж и длабоко очекување на мирот. Пораката на ангелите за време на ноќта на Рождеството Господово, ноќта на Божественото вочовечување е една порака на мир: Слава на Бога во височините и на земјата мир – на земјата да дојде мир и да остане. Со голема болка, секој од нас гледа дека овој мир не постои ниту во нашите домови, ниту во нашите општества, ниту, нормално, во вселената, во овој свет, ниту, за жал, во нашите срца. Но, токму овој мир го претставува потребното и за општествениот и за личниот живот и усовршување. Навистина, неговата порака е толку убава: љубов, радост, мир, слава на Бога. Но, постои опасност да празнуваме без да го разбираме длабокото значење. Да го живееме празнувањето и да не го познаваме празникот.
Би сакал, и чувствувам дека е крајна потреба, да кажам два-три збора за тоа кое е длабокото значење на празникот. Што значи Рождество Христово? Значи дека Бог доаѓа и станува човек. Ова толку просто, како впечаток, е многу тешко да го прифати нашата душа, како всушност станува и, нормално, тоа да го разбере нашиот ум. Затоа и Црквата го нарекува тајна непозната и преславна. И самиот збор тајна би бил доволен, но ги става и овие два збора – непозната, значи невообичаена тајна и преславна, која е необјаснива, која е неприкосновена, една тајна која точно го повикува секого од нас да не ѝ пристапуваме со борбениот напор на разбирањето – ќе биде неуспешно. Но, треба да се прими со благословената положба на смиреното застанување пред неа. Доаѓа Бог и станува Човек. Ова се крие позади три збора: зборот се вместува, зборот се вовременува и зборот се вочовечува. Значи, доаѓа Бог и влегува во историјата, во времето, во просторот, во вселената, во овој свет што Самиот го создаде и станува Човек, давајќи ѝ чест, се облекува во човечката природа, во она што сме ние. Ова, ќе сфати секој, е многу големо. Големо за нас како дар и големо и од страната на Бога како кеноза (привремено отстапување од божествената слава заради вочовечувањето), како празнење, како израз на снисходење, како приказ на бескрајната љубов на Бога кон човекот – дека не го задржува Божеството за Себе Си, но доаѓа и го дели со нас, со секој еден од нас. Вели апостолот Павле: Бог се јави во тело; дека конечно, Бог, за кого рече Мојсеј дека не може човек да Го види и да биде жив, Тој истиот Бог, избира и влегува во историјата, живее меѓу луѓето, им го проповеда настанот на спасението и со нив ги живее малкуте години на Неговото земно пребивање, ветен дека ќе остане со нив до свршетокот на векот. Да остане со нас! И, ете, Јас сум со вас во сите денови на вашиот живот, до свршетокот на векот. Навистина, значи, доаѓа Господ и го започнува целиот овој Негов влез во историјата со оваа неразбирлива, несфатлива за нас тајна.
Бог, за Кого користиме зборови многу деликатни и ретки, за да го опишат Неговото величие. Зборот дека е надсуштествен, дека е непристапен, дека е недостижен, дека е необјаснив… Зборови кои ги користат нашите теолози и химнографи во прекрасните богослужби на нашата света Црква. Навистина, Бог не може да се сфати, не може да се собере во нашиот ум, не се толкува од вештите и паметни луѓе, зашто надминува сè. И не е причесен по Неговата суштина, надсуштествен е, не се учествува во Неговата суштина, како што велат мудрите и свети отци наши, но е причесен преку Неговите нетварни енергии, восприемчив.
Влегува, значи, Бог во историјата, во лицето на Христа, второто Лице на Светата Троица, Синот и Словото Божјо и се облекува во човечката природа. Ова едноставно, преку вера го прифаќаме, секој од нас и благодарно стоиме пред Бога, славејќи Го за големиот благослов на Неговата љубов. Но, не е доволно само тоа, важно е како доаѓа, начинот на кој доаѓа. Тој има два елементи: првиот е елементот на знакот – доаѓа од Дева, на еден начин на кој никој друг човек не дошол. Доаѓа од девствена утроба. Ова е знакот – Ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син и ќе Му го дадат името Еммануил, што значи: со нас е Бог. Доаѓа, значи, Бог на овој чудесен начин, знакот на Неговиот влез во овој живот. Има и еден друг елемент: иако доаѓа да се јави, се крие. Незабележан си се родил во пештера, ќе чуеме, но небото на сите Те објави, како уста, од ѕвездата предвестен Спасителу. Дојде Господи во овој свет на еден начин кој беше сокриен, ни избега. Иако доаѓаш да се јавиш, во суштина ни го покажуваш Твоето крајно смирение преку Твојата сиромаштија. Не можат ниту да Ти се посомневаат дека си Бог. Се раѓаш во јасли, среде една пештера. И што правиш на овој начин? Ни го отвораш патот на нашето спасение, кој е пат на смирено прифаќање на Твојата кеноза. Доаѓа Бог најнапред во светот за да ни го даде дарот на спасението и, како второ, доаѓа на овој начин за да ни го покаже нашиот правец, нашиот пат.
Повторно ќе позајмам нешто од убавите тропари на нашата Црква. Вели: Христос се раѓа да го подигне порано паднатиот образ. Доаѓа Христос во овој свет за да го воскресне нашиот образ, нашето подобие, кое беше паднато поради прародителскиот грев. Доаѓа да ни покаже дека нашиот пат е враќањето кон ова благословено минато на целта на нашето создавање. Ова е првото. Некаде на друго место, вели апостолот Павле дека кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава. Дека јавувањето на Христа не е само Негово докажување на Неговото Божество, но истовремено е еден пат на нашата слава во Неговото име. Ќе го поврзам ова со познатото, кое обично се наведува во книгите на светиот Атанасиј Велики, кој вели дека Бог станува човек за Адама бог да го направи. За човекот, кој се претставува со лицето и името на Адама, да го направи бог. Оваа е и точната цел на многу големиот празник – доаѓа Бог во историјата, се облекува во човечката природа, за да ја прослави и со славата на човечката природа да се прослави секој еден од нас. Големата порака на Господовото доаѓање се крие околу двете имиња кои се наведуваат во Светото Писмо – името Исус, што значи Спасител и името Еммануил, што значи со нас е Бог. Голема работа е да го живее човек присуството Божјо.
Често имаме некоја мака во нас: Каде е Бог? Нè заборавил Бог. Не Го гледаме. Ја имаме маката зашто ние сме Го заборавиле, зашто ние сме си ги заслепиле очите. Но, доаѓа овој ден, големиот празник на Рождеството Христово, за да го даде на секого од нас, возљубени браќа, чувството на Божјото присуство. Неприсуството Божјо е една голема несреќа и искушение. Негирањето на Бога е пекол. Чувството, пак на Божјото присуство е еден вистински рај. Тоа се обидуваме да го живееме и ние – Царството Божјо, рајот, уште од овој свет, во оваа прегратка, која се нарекува Црква.
Овие денови, преку химнографијата на Црквата, преку теолошко и духовно длабоките богослужби, преку нашето учество во светите тајни на Црквата, исповедани и очистени, со голема љубов и очекување на нашата средба со Христа, сме повикани пораката на Рождеството Христово и Божјото вочовечување да ја преобразиме од видение во искуство и стварност на нашиот живот.
Живееме, треба да се каже ова, во еден особено тежок период. Сите сме со стегната душа и со запрен здив, без светска надеж, во еден живот кој изнесува лошотија, дивост, не се потсетува никој на ништо од ова што претходно го кажавме. Доаѓа Црквата и ни вели: Кои од вас сте сиромаси, излезете од вашата сиромаштија. Кои меѓу вас сте страдални, заборавете ја вашата мака. Во Акатистот читаме: Необично раѓање гледајќи, да отстапиме од светот и умот свој кон Небесата да го издигнеме. Врз основа на овој настан, на Божественото вочовечување, на чудесниот и најтаинствен, необичниот и невообичаен настан на Господовото раѓање од Дева, да се отстраниме од светот и светското, пренесувајќи го нашиот ум на Небесата.
И вели славикот на Рождеството Христово, дека на овој начин ќе купиме, ќе стекнеме, повеќе отколку со пари што се купува, богатство на православно богословие. Наместо годинешното Рождество да биде празник на кој ќе сме зафатени и угушени со даноци и економски прашања, конечно да биде наш влез во духовниот свет на православното богословие и наше богатство во Христа. Желба и молитва на Црквата е оваа нејзина порака за која зборувавме да стане дел од нас, наш живот, вдахновение и наше секојдневие. Тогаш навистина и ние ќе живееме со нас е Бог, разберете народи и покорете се, зашто со нас е Бог. Чувството на Божјата присутност ќе ја претставува најголемата наша утеха за да се управуваме во овој живот, но истовремено ќе биде и показател на нашиот пат, нашиот правец, кои не се ништо друго освен патот на обожувањето.