Ништо на жената да не ѝ биде подрагоцено од мажот, ништо на мажот попосакувано од жената. Тоа го одржува во едно животот на сите нас – согласувањето на жената со мажот; тоа го држи сиот свет. Зашто, како што кога се клати темелот се руши целата градба, така и кога во браковите има несогласување, целиот наш живот се превртува. Гледај: светот е составен од градови, градовите од домови, а домовите од мажи и жени. Ако се вовлече, значи, војна помеѓу мажите и жените, се вовлекла војната во домовите; а кога тие се потресени тогаш и градовите стануваат разбунтувани; кога, пак, се бунтуваат градовите, неминовно е и целата вселена да биде исполнета со метеж, војна и борба.
Затоа Бог направил голема промисла за оваа работа; затоа не допуштил да се отфрли жената, освен за прељуба. А што ако, велиш, таа е кавгаџија, ако троши и се расфрла и ако има безброј други недостатоци? Трпи го тоа храбро и немој да ја отфрлаш поради тие недостатоци, туку поправи ги. Заради тоа го заземаш местото на главата, за да знаеш да го лечиш телото. Зашто на нашето тело, макар и да има недобројни рани, нема да му ја отсечеме главата. Немој, значи, ни ти да ја отсекуваш жена си од себе; оти, жената е кај нас во чин на тело. Поради тоа блажениот Павле говорел: И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела (Ефес. 5,28). А и на жената ѝ го поставуваме истиот закон: „Како што ја сакаш, жено, и ја цениш главата своја, така да го цениш и мажот“. Знам за колку многу добра е причина тоа кога жената нема да се кара со мажот свој, знам за колку зла е претпоставка кога се караат меѓу себе. Зашто тогаш ниту богатството, ниту добрите и многубројни деца, ни началство или власт, ни слава или чест, ни изобилство или раскош, нити кој-годе друг успех ќе може некогаш да ги израдува било мажот или жената, кога тие се караат во бракот.
За ова треба да се грижиме пред сè друго. Жена ти има недостаток? Направи го она што го направи Исак: помоли се на Бога. Зашто ако тој со истрајноста на молитвата го разреши недостатокот на природата, многу повеќе ќе можеме ние, повикувајќи Го Бога, да бидеме во состојба да ги поправиме недостатоците на слободниот избор на волјата. Кога Бог ќе те види како истрајуваш во законот Негов и како храбро ги поднесуваш грешките на жената, ќе ти се приопшти поуката и ќе ти се даде плата за трпението. Зашто, вели, од каде знаеш, жено, дека ти не ќе го спасиш мажот? Или од каде знаеш, о мажу, дека ти не ќе ја спасиш жена ти? (1. Кор. 7,16) Немој, вели, да се откажуваш и да губиш надеж. Зашто се случува и таа да биде спасена; а ако остане непоправлива, ти нема да ја изгубиш платата за трпението. Ако, пак, ја отфрлиш, си погрешил нанапред едно: си го престапил законот и Бог ќе те осуди како прељубодеец, бидејќи се вели: Секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува (Матеј 5,32). А неретко се случува да земеш друга [жена], уште полоша од онаа [првата] и ем грев си направил, ем мир не си добил. А и да земеш подобра од неа, нема да ти се даде задоволството од вторава да ти биде чисто, поради отпустот на првата, зашто тоа ти се рачуна како прељуба; та, прељуба е да ја отпуштиш првата.
Значи, кога ќе видиш како те спопаѓа некоја потешкотија, било во бракот, или во другите нешта, повикај Го Бога. Тоа е единственото најдобро решение за стравотиите што ни се случуваат. Силно оружје е молитвата. Тоа сум го кажал повеќе пати, го велам и сега и нема да престанам да го велам: ако си грешник, гледај го митарот (цариникот) кој успеа, оној кој изми толку многу гревови [од себе]. Сакаш да научиш колку големо нешто е молитвата? Пријателството со Бога не успева да направи толку, колку молитвата. И не се ова мои зборови, зашто не би се осудил да објавам вакво нешто по сопствено мислење. Слушни од Писмото како она што не успеало да го оствари пријателството, успеала молитвата. Кој е оној од вас, кој има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: „Пријателе, дај ми на заем три леба; зашто ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам“. И ако оној одвнатре му одговори и рече: „Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам да ти дадам“, ви велам дека, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сепак ќе стане заради неговата настојчивост и ќе му даде колку што му треба (Лука 11,5-8). Гледаш ли: она во што не успеало пријателството, успеало настојувањето. За да не помислиш дека оној кој барал бил пријател и поради тоа успеал, затоа вели: макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сепак ќе стане заради неговата настојчивост. Доколку пријателството, вели, не успева, настојувањето, сепак, го прави она што пријателството не можело. И каде се случи тоа? Кај митарот, бидејќи митарот не Му беше пријател на Бога, но Му постана пријател. Така што, макар и да Му си непријател, со упорно настојување ќе Му станеш пријател. Гледај ја и Сирофеничанката и чуј ја што вели: Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата (Матеј 15,26). Е како тогаш го направи тоа ако не е добро? Жената со своето упорно настојување го направила да биде добро, за да би те научила дека, иако недостојни, со упорното настојување стануваме достојни.
Да го помниме, значи, сето ова и да го чуваме во сеќавање, та непрестајно да се молиме, со трезвеност, со смелост, со добри надежи, со многу ревност. Со колкава ревност другите се молат против непријателите, со толкава ревност ние да се молиме и за непријателите и за браќата свои и неизбежно ќе добиеме сè што ни е од полза. Зашто Оној Кој дава е човекољубив – ние не сакаме толку да добиеме, колку што Он сака да даде. Знаејќи го, затоа, сето ова, макар и да би се спуштиле до крајното дно на злото, ни тогаш да не очајуваме во поглед на своето спасение, туку да Му пристапиме на Бога со доба надеж, уверувајќи се себеси дека секако ќе го добиеме она што го бараме, ако бараме според законите што Он ги поставил. А на Оној Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сè што ќе побараме или помислиме (Ефес. 3,20), на Христа Сецарот и нашиот Бог, Му доликува секоја слава, чест и поклонение, заедно со сеначалниот Отец и сесветиот и животворен Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.
Извадок од: Творенијата на Свети Јован Златосут, од беседата Non est desperandum, во Patrologia Graeca, t. 51, 369-372.
Превод од старогрчки: Братството на Свештената Бигорска Обител.