За надежта и покајанието ✤ Архимандрит Емилијан Симонопетриски ✣ III дел

Архимандрит Емилијан Симонопетриски
✤✣✤

За надежта и покајанието
(трет дел)
✤✣✤

„Како што вели Златоуст за геената, дека таа можеби ни прави повеќе добро одошто Царството Небесно, зашто преку неа многумина влегуваат во Царството, а преку самото Царство помалку, но сепак (сето тоа станува) преку човекољубието Божјо“. Ах, таа златна уста, која му прости на целото создание! Ах, тој кој го повика целиот исток на покајание! Но која е геената?1 Геената е пеколот што го живееме овде и пеколот што ќе го живееме во другиот живот. Таа е темнината2 . Кога ќе се најдеме таму, ќе дознаеме што сме избрале. Геена е гушењето на срцето, на дишните органи, што го трпиме од чадот на огнот. Геена е длабоката и ужасна темнина. Темнината ја живеат и грешниците. Но „Златоуст за геената вели дека таа можеби ни прави повеќе добро одошто Царството Небесно“.

Знаеме дека Царството Небесно се ангелите, светиите, небесниот Престол, Света Троица, нашата Богородица, светителот чиешто име го носиме, светителот на нашиот манастир… Но колку пати го насочуваме нашиот ум таму? Малку. И доколку ние, монасите, ретко го насочуваме, колку пати ли го насочуваат кутрите световни луѓе? Како да се сетат дека постои рај со сите грижи и потреби што ги имаат? Зошто го забораваме Царството Небесно?

Некои од голема љубов се сеќаваат на Царството Небесно, се каат и влегуваат во него. Но на пеколот се сеќаваат повеќемина, бидејќи го живеат уште оттука и го имаат неговиот предвкус. Читаат, се плашат, и затоа повеќето што се спасуваат, се спасуваат преку пеколот, кој предзнајно го подготви Бог, како и Царството Небесно. Бог го дава Царството Небесно за сите што Го љубат, но за останатите, што не љубат, што не се поправаат, што грешат, за нив изнаоѓа друг начин, „преку геената“ да појдат на небото. „Зашто преку неа многумина влегуваат во Царството, а преку самото Царство помалку, но сепак (сето тоа станува) преку човекољубието Божјо“. Значи многумина преку пеколот влегуваат во Царството Небесно, но и тие затоа што Бог многу ги возљубил и им помогнал. Никој не би влегол да немаше Бог толкаво човекољубие.

„Едната (т.е. геената) прогонува преку стравот, а другото (т.е. Царството Небесно) прегрнува“. „Преку стравот“ (τῷ φόβ­ῳ) е датив за средство. Следствено, пеколот го прогонува гревот преку стравот. „А другото (т.е. Царството Небесно) прегрнува“, рајот сепак не прогонува: тој собира, прегрнува со татковски прегратки. Ја отвора својата прегратка и сите нас нè става внатре. Така, едни со стравот, други со прегратката на Богородица, сите се спасуваме преку благодатта Христова.

„Како што биваат овенчани и оние кои се напаѓани од многу страсти, душевни и телесни, доколку трпат и не ја губат самовласноста (т.е. самоконтролата) поради небрежност, ниту пак очајуваат“.

Сите што сме напаѓани од нашите страсти, доколку: 1) трпиме и постојано Го молиме Бога да нè спаси; 2) не ја губиме нашата самовласност – на пр. сакам да не се гневам, но кога така разговараш со мене, се гневам и те навредувам; сакам да ти простам, но не можам; сакам да ти кажам „згрешив“, но не ти велам, оти не се осмелувам, зашто ја немам мојата самовласност, па наместо тоа велам: немој да се тревожиш; и 3) доколку не се разочаруваме, било да сме повредувани, било да сме грешници, тогаш ќе добиеме венец3 . Ја гледате ли љубовта Божја? Ја сфаќате ли таа величина Божја? Ќе ми речете: И грешници ли ќе одат во рајот? Но сите беа грешници, па отидоа во рајот. И ние како грешници ќе одиме.

„Оној, пак, кој безопасно и со леснотија нашол бестрасност, ќе падне брзо, доколку не ја исповеда благодатта постојано така што воопшто нема да осудува никого“. Природно, сите треба да настојуваме да станеме бестрасни, безгрешни, без помисли, без тага, без болка, без противење, зашто со бестрасноста Го славиме Бога. Но доколку не ја придобиеме бестрасноста, леејќи солзи и трпејќи болки многу години, доколку не ја придобиеме со скрушеност и крв, туку Бог ни ја подари „со безопасност и леснотија“, тогаш што се случува? Кога Бог ќе ми даде бестрасност „безопасно и со леснотија“, тогаш мојот живот станува удобен. Не чувствувам болка, не се жалостам, не мразам, можам да речам „прости ми“, можам да плачам, можам да го управам срцето мое и тоа да појде кон небото, да го управам умот мој и тој да појде во висините на Света Троица. Ама ако бестрасноста ја најдам на лесен начин, тогаш „доколку не ја исповедам благодатта постојано така што воопшто нема да осудувам никого, ќе паднам брзо“; доколку не ја исповедам благодатта на Бога, доколку не Го исповедам, доколку немам благомислие кон Него, доколку не Му благодарам, брзо ќе паднам и ќе станам полош од другите.

А како би го покажале нашето благомислие кон Бога ние, бестрасните, кои на лесен начин ја најдовме бестрасноста? „Така што воопшто нема да осудуваме никого“, со тоа што нема да судиме некого. Судам ли – тоа значи дека јас сум осуден на блато, на кал засекогаш. Кога не судам, нема ни Бог да ме осуди4 . Напротив, и грешник да сум, ќе ме спаси. Затоа да не гледаме, да не слушаме, да не прашуваме, да не испитуваме. Само таму каде што постои благоприличност, духовност, просветление, таму да одиме. Кога, сепак, ќе видиш нешто неприлично, речи: Простете ми, нешто не ми е добро, – и затвори се во својата ќелија. Или, можеш да речеш, простете ми, браќа мои, заборавив: имам договорено средба со еден мој брат и ќе одам. Во кој миг не ме очекува средбата со Бога? Човекољубивиот Бог ни вели: „Еве, стојам пред вратата и тропам“5 , а јас, пак, се смеам и се забавувам со другите. Да се оддалечуваме оттаму каде што сфаќаме дека можеме да видиме нешто неприлично, за Бог секогаш да ни ги дарува бестрасноста и леснотијата, за животот да ни биде лесен. Сакаш ли да се помолиш? Сакаш ли да се смириш? Сакаш ли да ја пролееш крвта своја? Слободен си веднаш да го направиш тоа, бидејќи ќе ти го подари тоа благодатта Божја. Ти само немој да судиш.

„Меѓутоа, кога некој би се осмелил да го направи тоа (т.е. да осуди), така покажува како тој со сопствена сила да си го стекнал богатството (т.е. бестрасноста), вели свети Максим“. Можно е некој да се осмели да те праша: Зошто е тој таму? Што ли прави? Доколку му кажеш што е работата, си настрадал. А ако тоа го кажеш и на друг? А ако ја заплеткаш работата против него, и го обвиниш? И ако му речеш: Ти си грешник, го направи ова, го направи она, виновен си, разбери ме, за твоето спасение ти го велам ова, зашто си ми брат и те сакам, – тогаш тоа би значело дека ти си праведен, а тој е грешник, роб, и ти доаѓаш да го спасиш. Но само Еден беше наречен Спасител, Исус Христос6 . Во Стариот Завет постоеја луѓе со името Исус, но беа образ за доаѓањето Христово, па за тоа и се именуваа Исус, спасител7 . Сега ние не сме повеќе Исус. Ние се нарекуваме помазаници Господови, христијани, поради тоа што се крстивме, можеме да имаме едно од имињата на светиите, но, сепак, не и името Исус. Еден е Спасителот, единствен во вселената. Така, ако бестрасниот се осмели да суди, тогаш му открива на целиот свет како „тој со сопствената сила да си го стекнал богатството, вели свети Максим“.

Ако речам: се борев, се изморив, се жртвував, четириесет години коленичев, Старецот ми велеше, бегај одовде, бегај одонде, а јас не зборував, – тогаш испаѓа како јас самиот да сум ја стекнал бестрасноста и совршенството. Но тоа е највисокиот степен на грев. Затоа да не судиме никого, и доколку имаме некои духовни дарови, да знаеме дека Бог ни ги подари.

„И така, на голема опасност би се изложил оној кој е острастен и сиромашен во светлината на познанието, кога би владеел над други, вели Дамаскин“. Доколку ти сметаш дека твоите дарови се од твојот труд, тогаш си острастен и сè уште не го познаваш просветлението Божјо, светлината Негова. Затоа се наоѓаш во „голема опасност“. Подобро би било да си острастен, отколку да си бестрастен и да го припишуваш тоа на своето сопствено подвизување. Тоа покажува дека длабоко во себе си полн со страста на егоизмот, Го занемаруваш Бога. А тоа важи уште повеќе за оној што под своја надлежност, во свои раце има души, владее со души што му се потчинуваат, оној кој е духовник, свештеник, игумен, епитроп. Затоа апостолот Павле вели: „не многумина се учители, не многумина – пастири, не многумина управители“8 . Бог е Тој Кој треба да те направи управител. Монах си? Направиш ли грешка, ќе ти простат. Но ако си претстојател? Грев фаќа. А епитроп? Двократно повеќе од Бога грев те фаќа.

„Така (ќе се случи) и со оној којшто примил од Бога бестрастие и духовно знаење, доколку не им принесе полза на други души“. Од друга страна, пак, ако навистина си бестрастен и имаш духовно знаење, ќе се спасиш, само доколку спасиш и други души. А ќе успееш во тоа ако се смируваш, ако твојот живот биде сведоштво на светлината; ако се молиш не како фарисејот на плоштадите и раскрсниците, туку ако трагите на твојата молитва се покажуваат, додека ти се криеш во твојата ќелија9 . Ако се помазуваш со елеј за твојата кожа да изгледа мазна10 и така да ја сокриеш твојата добродетел, односно молитвата твоја, но твојата духовна величина, што се крие под твоето немоќно тело, ќе се открива сама по себе, тогаш ќе се спасуваат и другите.

Никој не се спасува со нашите зборови. Кога некого советуваме, тој се спротивставува. Кога даваме совети на другите, тогаш ги искушуваме, им додеваме. Со тоа ги поттикнуваме да се спротивставуваат, и да сакаат да речат да, ќе ни речат не. Меѓутоа Бог со Својата мудрост успева да постигне острастените сами да се искушаат.

Продолжува

1.Мт. 18, 9; Мк. 9, 43.
2.Мт. 8, 12.
3.Јак. 1, 12; Отрк. 2, 10.
4.Мт. 7, 1.
5.Откр. 3, 10.
6.Мт. 1, 25.
7.Исход 17, 9.
8.Види: 1 Кор. 12, 28-29.
9.Мт. 6, 5-6.
10.Мт. 6, 17.