За осудувањето кое се оправдува како ревност за вистината

Ревноста може да биде конструктивна и добродетелна, кога извира од чисто и љубовно срце, и од просветлен ум, но може да биде и деструктивна сила, кога извира од острастено срце и ум, кога човек, неопитен и незрел во верата, започнува да си ја занемарува гредата и да ја гледа раската во туѓите очи, и така поради своето неискуство, мислејќи дека прави добро за Црквата, тој всушност запаѓа во страшна прелест. Тогаш започнува да ги осудува сите околу себе: монасите, свештенослужителите, епископите, сите околу себе ги смета за отпаднати од верата, а само себе си се смета за некаков си „бранител и борец за верата“, „нов столпник“, „нов исповедник“ итн. Страшно е и погубно кога духовниците намерно предизвикуваат такви соблазни кај духовните чеда, и криејќи се зад нивните имиња, започнуваат негативна кампања против еден епископ или против Синодот, или против останатите монашки братства и свештенослужители во Црквата. Таквите тенденции неизбежно завршуваат со раскол или секта. Да не заборавиме, дека врвна добродетел е љубовта, а не зилотизмот. На Господ Му пееме: „Слава на Твоето снисходење, Христе“, а не „слава на Твојот зилотизам и строгост“. Навистина Господ со камшик ги изгонил продавачите од храмот, но истиот Тој Господ им проштевал на митниците, блудниците, убијците, па дури и на оние кои Го распнале на Крст. Онаму кај што има гнев, осудување, омраза, злонамерност, гордост, суета, надменост, непроштевање, ситничарење, стерилен морализам, фарисејство – таму не може да има здрав зилотизам, ниту искрена љубов. Да ја извадиме најпрво гредата од своето око, па потоа да бараме раски во туѓите очи; да се излечиме себеси, па потоа да ги лечиме другите; најпрво да ги засакаме луѓето, па потоа да почнеме со љубов ги поправаме. Во продолжение за наша поука и растење во верата го објавуваме ставот и искуството на старецот Константин Абхазиски за осудувањето кое се оправдува како ревност за вистината, како своевиден ориентир во пронаоѓањето на царскиот пат, помеѓу зилотизмот и рамнодушноста.

***

Би сакал да споделам со вас едно свое горко искуство. Имено, своевремено се занимавав со истражување на „миротворното“ движење во Црквата (Движењето за Мир), започнувајќи некаде од 80-те години. Во манастирот ни го испраќаа „Весникот на Московската Патријаршија“, како и официјални документи во кои е опишано сето дејствување, разни екуменистички контакти итн. Кога го читавме тој весник, душата ни тагуваше и се појавуваа помисли на незадоволство и роптање против нашите архиереи…

Во весникот беше напишана следната фраза „Да се застане на стража на светот – тоа е задачата на христијаните“. Да не се исполнуваат Христовите заповеди, а да се стои на стража на светот, иако е речено дека „светот во зло лежи“ (1.Јн. 5,19) и дека „оној кој е пријател на светот е непријател на Бога“ (Јак. 4,4). Се разбира, сето тоа беше болно за душата. Еднаш, по редовното читање на весникот, започнав да се молам, но ми доаѓаа збунувачки помисли за архиереите, Синодот, Патријархот. Се молев: „Господи, помогни ми!“ И ми дојде јасна помисла: „Види се прво себе си па погледни на нив. Тие учествуваат во екуменистички движења, се занимаваат со нив и со политика, а се занимаваат и со други работи кои се условени од луѓето и околностите. А ти, си седиш овде во ќелија и не си подложен на никакви непријатности, ниту од луѓето, ни од околностите, па со кого ти разговараш? Започнуваш со обраќање кон Бога, а продолжуваш со помисли, што ти ги вметнува ѓаволот и завршуваш во разговор со него. Така што, кој е во полоша состојба: ти или тие?“ И кога станав свесен за тоа, од длабочините на својата душа извикав: „Господи помилуј!“ Затоа треба секогаш да се потсетуваме на зборовите од св. Игнатиј (Брјанчанинов), кој пишувал дека е неопходно „да се запознае духот на времето и да се проучи, за да се избегне можноста за негово влијание“. И понатаму заклучува: „солзи за себе и за целото човештво“.

Најправилна реакција на вистинскиот христијанин за апостасијата е – молитва, пост и солзи, а не осуда, укорување, злословие итн… дури тогаш ќе бидеме вистински христијани. Во спротивно ќе го правиме истото што го прави и ѓаволот. Сметаш дека ревнуваш за Православието? Не. Општиш со сатаната. И ќе речеш дека тоа не е така? Така е. Поради тоа ние плачеме за себе и за целото човештво.

Уште повеќе бев „приземјен“ таа „ревност“ да ја држам под контрола, односно во рамките на здравиот разум, поточно на светоотечкото учење, кога дознав дека на еден човек во видение, кому Господ му ги покажал рајот и пеколот, му било откриено следново,: „Ги видов во пеколот оние, кои не сакав да ги видам таму. И во рајот ги видов оние, кои не очекував таму да ги видам“. Односно, луѓето кои ние ги осудуваме може да се најдат во рајот. Постојат и луѓе за кои другите мислат дека се спасуваат, а тие тонат во пеколот. Освен тоа, имаше уште еден дополнителен доказ, кој ме порази: „Сретнав во пеколот голем број на ревнители. Адот беше полн со ревнители“. Но, зошто? Затоа што осудувале и немале сочувство за другите луѓе. И токму затоа, според зборовите на Нил Мироточив, оној кој го осудува својот брат е полош и од демон. Осудувањето ја прогонува благодатта на Светиот Дух, па тој човек прави три пати поголемо зло. И на друго место уште е речено дека оној кој го осудува ближниот е антихрист, бидејќи го зазема престолот на Христа Судијата, Кој е Единствен Праведен Судија. Зашто, оној кој осудува, на овој начин расудува: „Овие заслужуваат да им се направи ова, а оние – она. Овие треба да бидат предадени на анатема, а овие другите – на ова, а третите на нешто трето“. Поради тоа, тој веќе суди, заземајќи го престолот на Христа, Кој е Единствен Вистински и Праведен Судија.

Следствено, не треба да судиме и да го осудуваме свештенството, кое можеби денеска ја прави оваа или онаа грешка, затоа што ќе дојде време кога тие ќе се покајат, а ние кои ги осудуваме нема да знаеме каде ќе завршиме.

Би сакал да завршам со следнава молба да вознесеме молитви за нашите пастири, архипастири, за сиот православен свет, поради тоа што навистина ќе настапи војна и тоа особено тешка војна, војна на смрт и живот. И неопходно е да имаме таков стремеж, да сочувствуваме со луѓето и да се молиме. Притоа, треба да имаме на ум и еден факт:  по верникот оди „еден“ демон, по монахот „седум“ а, по јеромонахот „77“. Тогаш, колку одат по архиерејот? Поразително! Поради тоа треба да разбереме и да им снисходиме со разбирање и сочувство.


Превод од српски јазик: Дејан Апостоловски, Апсолвент на Теолошкиот факултет, Православна светлина бр. 25