Од каде и на каде патувате?

Патуваат по патот патници. Што најмногу прилега да ги запрашате патниците: Од каде и на каде патувате?

Има ли нешто побезумно од тоа, од патниците да го чуете одговорот: Не знаеме ни од каде и на каде патуваме. Навистина, добро е кажано за таквите патници: Темен е патот на синовите човечки (Псал. 34, 6). Каква корист имаат патниците од сето знаење, ако не знаат од каде и на каде патуваат? Не е ли празно и смешно сето нивно останато знаење? Ако патниците знаат, да речеме, колку камења има во калдрмата на патот, и колку зрна песок под калдрмата; и ако ги знаат имињата на сите дрва и на сите тревки што растат покрај патот, и количината на вода во рововите лево и десно – што им користи сето тоа знаење, ако не знаат каде почнал патот и каде ќе заврши, и од каде тргнале и на каде одат? Оттука, без сомнение, најважното знаење за патниците е да знаат каде е почетокот а каде е крајот на нивниот пат; кој ги пратил на пат и кој ги чека на крајот на патот; кој ги води, кој ги снабдува со потребите за пат, и кој ќе им даде награда за извршеното патување?

Не е ли ова најважното знаење за патниците?

Навистина, тоа е за нив најважното знаење. Оној кој патува без тоа знаење не може да се нарече патник, туку скитник.

Зарем не сме сите ние патници во овој живот? Зарем не гледаме како едни доаѓаат, а други си одат? Со песна се нишка колевка, со плач се копа гроб. Смената се врши непрестајно. Јасно е дека и сите ние, кои сме сега на земјата, ќе отидеме и ќе дојдат други, како што си отишле оние кои биле пред нас на земјата, па ние сме дошле на нивно место.

Патувавме еден ден од С. за М. Во возот имаше многу патници. Прашавме неколкумина од нив од каде и на каде патуваат и секој си кажа за себе. Секој знаеше од каде патува, на каде патува и зошто патува.

Не е ли сиот наш живот патување? Не сме ли сите ние во овој век на животен пат? Тој пат трае за секого од нас од раѓањето до смртта… Нашето патување од едно место во друго е само еден малечок дел од нашето животно патување. Ние го знаеме почетокот и крајот и смислата на тие кратки патувања од место во место, но дали го знаеме почетокот и крајот и смислата на целиот животен пат од раѓањето до смртта? Кога секое наше поединечно патување од едно до друго место има свој разумен почеток и целисходен крај, дали тоа може да се каже и за нашиот целокупен животен пат од раѓањето до смртта?

Во Бога е клучот од тајната на нашиот почеток и нашиот крај. Во Него е смислата и целта на нашето животно патување, како што е во Него клучот на сите тајни на небото и на земјата, на сè што било, што е и што ќе биде. – Раката Божја го води секој оној што ќе се роди.