За зборовите: „Со пот на лицето свое, ќе го јадеш лебот свој“ и за љубовта

(Од житието на Светите маченици Флор и Лавр)

            Господ рекол: Со пот на лицето, ќе го јадеш лебот свој (Битие 3,19). Што значи тоа? Тоа дека Бог не нè создал, за да безделничиме и да денгубиме, туку сиот свој живот, додека имаме сила, да работиме за славата Божја, во полза на ближните наши и за спасение на душите наши. Како да ги сфатиме овие зборови? Како треба да се поставуваме, за нашата работа да биде во слава Божја и во полза на ближните и воедно да обезбедиме и спасение на душите наши? Ќе поразговараме за ова заради духовна поука.

            Светите маченици Флор и Лавр, чиј спомен денес го празнува нашата Света Црква, за да ја исполнат заповедта Божја: Со пот на лицето, ќе го јадеш лебот свој и нивното дело да служи за слава Божја, за полза на своите ближни и за спасение на нивните души, тие постапувале на следниов начин: како искусни каменоресци, напорно работеле во текот на денот, строго внимавајќи на воздржувањето и творејќи умствена молитва; навечер, надоместокот добиен за нивниот труд им го давале на сиромашните и ги учеле неверниците на светата вера во Христа, додека ноќите ги поминувале во молитви.

Преподобниот Алипиј Печерски, чиј спомен вчера го празнуваше Светата Црква, постапувал на следниов начин: како и секој иконописец, во текот на денот, може да се каже, ниту еден момент не поминувал без работа, туку или сликал икони за својот манастир, или без надоместок тоа го правел за сиромашните храмови, или ги обновувал веќе старите икони, што му ги носеле Христијаните. Сето тоа тој го правел, како што е наведено во житието, за да не го поминува времето во безделништво и подражавајќи ги древните Свети Отци, кои биле многу вредни во ракоделието, како и светиот апостол Павле, кој за себе рекол: сами знаете дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце (Дела 20,34). Парите добиени за иконописот, Алипиј ги делел на три дела: едниот дел го чувал за набавка на штици и бои потребни за работата, вториот дел им го давал на сиромашните, а третиот дел го наменувал за манастирот. И така правел многу години, не давајќи си одмор, ниту дење ниту ноќе. Ноќите ги минувал во бдеење, молитви и правење метании, а преку ден „усрдно се занимавал со ракоделие“, како што се вели во житието, правејќи го тоа со сета смиреност, несебичност, чистота, трпение, пост, љубов и богомислие.

Никој никогаш не го видел да одмара, а исто така треба да се спомене дека Алипиј секогаш присуствувал на црковните служби.

За Светиот Евхарист, пак, е забележано дека имал овци и ги пасел. Од парите што ги добивал, едниот дел го користел за свои потреби, другиот го давал на сиромаси, а третиот го оставал за примање странци и така си ја спасил душата.

Значи, од овие примери, како што можете да видите, се открива дека за да се работи за слава Божја, за доброто на нашите ближни и за спасението на нашите души, не треба да обрнуваме внимание само на приликата, туку и да постапуваме како што постапувале светите трудбеници, на чии примери сега се осврнавме: да не забораваме на Бога за време на работата, што било и да правиме; во тоа време да не ја прекинуваме умствената молитва; да се држиме до смирението, несебичноста и трпеливоста и најпосле, да ги споделуваме плодовите од нашиот труд со оние на кои тоа им е потребно. Откако го решивме ова прашање, очигледно, последното прашање беше решено само по себе – што треба да се направи, за од нашата работа да протече славата Божја и полза за нашите ближни, а и ние да обезбедиме спасение на своите души. Ако сега се уверивме дека за да го постигнеме тоа, потребно е да постапуваме онака како што постапувале Светиите, тогаш ќе се угледаме на нив и во иднина.

Амин.


За љубовта

(Поука за мирот и за љубовта, како подрагоцени од сè)

Има ли нешто поубаво, браќа и сестри, од тоа да гледаш луѓе кои живеат со сите во љубовта? Да не зборуваме за цели заедници на такви луѓе! Погледнете макар и едно семејство, чии членови живеат меѓу себе во мир и хармонија и веднаш ќе се уверите во вистинитоста на нашите зборови. Секогаш ќе забележите дека Божјиот благослов почива на таквите семејства и радост, тишина, и спокојство ќе ви го исполни срцето кога ќе посетите такво семејство. Зошто сите ние да не живееме во таква љубов? Тогаш Божјиот благослов ќе почива и врз нас, а среќата секогаш ќе биде со нас. Но, вие можеби ќе возвратите: „Не знаеме на каков начин да стекнеме ваква љубов!“ Ако не знаеш, треба да се научиш. Кој може да ве научи на тоа? Се разбира, Господ пред сè, Кој имаше таква љубов кон сите нас, што Самиот Себе се предаде на смрт; потоа и оние кои живеат со сите во љубов и најпосле Светите Отци кои често преку дела и зборови ни даваат примери на љубов, спасоносна за нашите души. Денес, како пример, ќе наведеме поука за љубовта од светоотечкото наследство.

„Љубете се браќа едни со други“ – учат Светите Отци, „и Бог на мирот и љубовта ќе биде со вас. Нема ништо подобро од мир и љубов. Со нив, секое непријателство и злоба се победува. Бидете милосрдни и љубезни еден кон друг, како што рекол и Христос: Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу се (Јован 13,34-35); и: каде што сум Јас, таму ќе бидете и вие, а Он, исто така, рече: Блажени се миротворците, зашто ќе се наречат синови Божји (Матеј 5,9). И има ли нешто поблагословено од тоа да живееш со Бога во Царството Небесно, во кое Христос секогаш нè повикува? Затоа, браќа и сестри, не одвојувајте се од Бога Кој нè возљуби и Кој се даде Себеси за нас и нè откупи со Својата крв и оддалечете се од секое зло дело и лоши помисли. Во сè имајте љубов, која е врска на совршенството, бидејќи покрива мноштво гревови и ги лекува смрдливите делови на душата. Кој го сака својот брат, пребива во светлината; и Бог е љубов, и нема страв во љубовта, туку совршената љубов го изгонува стравот. Затоа, ако некој сака да се спаси без труд, нека негува љубов кон сите – мали и големи. Оние кои го сакаат целиот свет ќе се радуваат на љубовта. Подобро е да се јаде сув леб со љубов, отколку угоено теле со непријателство кон ближните.

Гледате ли, браќа и сестри, колку добрини, според учењето на Светите Отци, ни дава љубовта? Самиот Бог пребива во оној кој ги поседува. Љубовта ја уништува секоја злоба, покрива многу гревови, ги лечи душевни слабости. Кој има љубов, живее во светлината, и таа го исфрла стравот надвор. Затоа трудете се непрестајно да ја утврдувате во вашите срца, а запомнете го и тоа дека сите ние сме деца на Единствениот Отец небесен, дека живееме на една земја, дека уживаме во заедничките дарови на Божјата добрина и дека сме повикани да бидеме наследници на едното Царство небесно. Значи, сите ние сме членови на едно големо семејство и еден на друг сме сопатници на патот кон Земјата на вечноста. Амин.