Навечерие на Претечевото славно Усекновеное

Собрани во големо мнозинство пред свештениот и чесен лик на славниот Претеча и Крстител Господов Свети Јован, изобразен на неговата древна чудотворна икона, преку која тој е така моќно присутен во своето сакано Бигорско Светилиште, во тивките ќелии на нашите срца, со благодарност се сеќаваме и му оддаваме почит на Божествениот пророк, чиј глас некогаш ја пробивал јорданската пустина, а и денес одекнува низ ходниците на времето, повикувајќи нè на внатрешно покајание и на непоколеблива љубов кон Христа. Настанот со обезглавувањето на Свети Јован Претеча не е само приказна за една земска трагедија, туку длабоко созерцание за минливата природа на нашиот световен живот и за вечните вистини што лежат над него. Среде една декадентна световна гозба и веселба, каде што желбите порочни и непристојни никако да згаснат, барањето на главата на Крстителот служи како остар потсетник за цената на развратниот и богоотпаднички живот, но и неизбришлив маченички свиток, напишан со крвта на Праведниот, за цврстото и неотклонливо држење за Божествената правда и вистина, наспроти световните времени привлечности.

Сепак, како пустина која цвета по редок дожд, среде овој тажен настан, процветува длабоката порака за нашите души. Имено, Претечевото славно усекновение нè потсетува дека светот, со сите свои минливи задоволства и болки, со сета своја привлечност и злоба, не може да ѝ наштети на богољубивата душа. Свети Јован со губењето на главата се здоби со непропадлива круна. Со крајот на својот земски живот, тој се стекна со бесмртност во неискажлива слава. Преку неговата жртва се потсетуваме на зборовите на нашиот Господ: Кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој го загуби животот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го спаси (Марко 8,35). Затоа, кога го празнуваме овој празник, ние не заглавуваме во тагата за одземениот живот, туку со мислите и срцата се преселуваме во небесната прослава за исполнетата мисија. Оти, во тишината што следеше по обезглавувањето на Претечата, Гласот на Јагнето Божјо се посилно го повикуваше целото човештво кон неисцрпниот извор на Божјата милост.

Токму таа беше и главната порака на вдахновената омилија на нашиот сакан Старец, Преосветениот Епископ г. Партениј, кој со умилителните солзи од своето срце ги натопи со љубов нашите души и ни го откри силното благодатно присуство на Чесниот Претеча во храмот.

На крајот од вечерното богослужение, Старецот срдечно му се заблагодари на нашиот драг брат во Христа, Архимандритот г. Херувим и на неговата чесна придружба од Православната Црква на Грција, кои со своите слаткозвучни гласови и умилни пенија ги возвишуваа нашите души во небеските височини.

Нека животот и жртвата на Свети Јован Крстител ни служат како светилник во самракот на нашите сопствени духовни патувања. Наспроти искушенијата и лажните привлечности во овој свет, да најдеме сила да застанеме непоколебливи, вкоренети во Божествената љубов, додека патуваме кон Царството каде што ќе се избришат сите солзи и каде што хорот на Светиите, со Свети Јован меѓу нив, пее непрестајно пофалби пред Светата Троица.