За злопамтењето

 

Отците кажале дека за монасите не е својствено да се гневат, а исто така и да навредуваат некого, и уште се вели: „Кој го победил гневот, тој го победил демонот, а кој е победен од страстите, тој е сосема туѓ на монашкиот живот“. А што да кажеме за себе ние, кои не само што не ги оставаме раздразливоста и гневот, туку му се предаваме и на злопамтењето? Како да не ја оплакуваме таквата жалосна и нечовечка состојба на нашите души? Затоа да внимаваме на себе, браќа, и да се погрижиме со Божја помош да се ослободиме од пеколот на таа погубна страст.

Се случува, кога меѓу браќата ќе се јави лутење и незадоволство, едниот од нив да му се поклони на другиот, молејќи прошка, но и после сето тоа продолжува да се лути и има помисли против братот. Таквото нешто треба во корен да се пресече, бидејќи тоа е злопамтење, а за да се стори тоа, како што кажав, на човекот му е потребно многу внимание, за да не се изложи на погубност. Откако се поклонил, молејќи да му се прости, и го направил тоа поради заповедта, братот привремено го исцелил гневот, но против злопамтењето уште не научил како да се подвизува и поради тоа продолжува да му се лути на братот. Бидејќи едно е злопамтење, друго е гнев, едно е раздразливоста, сосема друго лутењето; И за да можете сето ова подобро да го разберете ќе ви дадам еден пример.

Кога некој сака да запали оган тој зема прво малку разгорен јаглен: жарчето, тоа се зборовите на братот кој нѐ навредил. Ете, тоа е сѐ уште едно мало жарче, како што е и зборот на твојот брат. Ако го поднесеш тој збор, тогаш ти си го изгаснал тоа мало жарче. Но ако почнеш да мислиш: „Зошто ми го кажа ова, јас ќе му кажам вака и вака, да не сакаше тој да ме навреди, немаше да ми го каже тоа, и јас секако ќе му вратам со навреда“. Ете, со тоа ти всушност си ги потпалил дрвцата или, пак, нешто друго што се користи за распалување на огнот, и си направил чад, а тој ја претставува вознемиреноста и смутот. Вознемиреноста е самото тоа движење и возбуда со помислата, која го раздвижува и раздразнува срцето. Рздразнетоста е и своевидна одмазда на навредениот, која преминува во дрскост, како што рекол блажениот авва Марко: „Злобата, нахранета со помисли, го раздразнува срцето; но потиснувана со молитви и надеж, го смирува“. Ако можеш да го поднесеш малиот збор од братот, тогаш ќе го згаснеш, како што веќе наведов, тоа мало жарче, пред да се создаде вознемиреност; сепак, и потоа, ако посакаш можеш лесно да го изгаснеш чадот, додека уште не прераснал во нешто поголемо, со премолчување, со молитва, со еден дар од срце. Но ако продолжиш да чадиш, т. е. да се лутиш и да си го возбудуваш срцето со спомнување: „Зошто ми го рече тоа?“; „јас ќе му го кажам тоа и тоа“ – тогаш со самото судрување на помислите ќе ти се загрева и согорува срцето и тогаш ќе пламне рздразливоста, зашто, „раздразливоста е жар на крвта околу срцето“, како што вели св. Василиј Велики.

Ете, како се јавува раздразливоста. Таа исто така се нарекува и жолчност (пламнување). И ако сакаш, можеш да ја згаснеш пред да се претвори во гнев. Но ако продолжиш да се лутиш и возбудуваш, тогаш ќе личиш на човек што додава дрва на огнот и уште повеќе го разгорува, па од тоа се создава многу разгорен јаглен, а тоа се вика гнев. Истото ова го кажа и авва Зосима, кога го прашале што значи изреката: „Таму каде што нема раздразнетост, таму молчи непријателството“. Значи, ако некој уште на почетокот на лутењето, како што кажавме, додека само чади и исфрла искри, побрза да се прекори себеси и да му се поклони на ближниот, молејќи за прошка, и тоа уште пред да се разгори раздразливоста, тогаш тој ќе го сочува својот мир.

Но доколку, кога ќе се разгори раздразливоста, тој не замолчи, туку продолжи да се лути и дразни, тогаш тој ќе биде налик на човек што става дрва во огнот, а тие силно горат и на крај се создава многу разгорен јаглен. На тој начин разгорениот јаглен, кога ќе згасне и биде однесен некаде, таму ќе може да лежи неколку години без никаква промена, па дури и ако некој го полее со вода, нема да гние. Така е и со гневот. Ако се задржи, ќе се претвори во злопамтење од кое човекот не може да се ослободи, сѐдодека не ја пролее својата крв. Ете, ви ја покажав разликата, разбравте ли?

Слушнавте, значи, што е почетна лутина и што раздразливост, што е гнев и што злопамтење. Гледате ли како од само еден збор може да се дојде до такво зло? Зашто ако ти уште на почетокот се прекориш самиот себеси, поднесувајќи го зборот на братот свој и ако не посакаш да му се одмаздиш, па на еден негов збор да кажеш два или пет збора, и така вратиш со зло на зло, тогаш ти би се спасил од сите тие зла. Затоа ви велам: „Секогаш сечете ги страстите додека се уште млади фиданки, пред тие да се вкоренат и зацврстат во вас и почнат да ве мачат. Бидејќи тогаш многу ќе се измачите од нив; зашто една работа е да откинеш мало гранче, а сосема друго е да откорнеш големо дрво“.

Ние не се ни загрижуваме, ниту најмалку обрнуваме внимание на тоа колку често враќаме зло за зло! Зашто да се врати на злото со зло може не само со дело, туку и со збор, дури и со еден израз на лицето. Некој ќе помисли дека тој всушност не враќа зло за зло, но на крај ќе се покаже, како што реков и како што честопати се случува, дека тој со самиот израз на лицето, или движење, или поглед, го вознемирил братот свој; Бидејќи можно е и само со еден поглед, или движење на телото да се навреди братот, а тоа, исто така, е враќање на злото со зло. Некој друг, пак, можеби ќе се погрижи да не се одмазди за злото ниту со дело, ниту со збор, ни со движење, но во своето срце, сепак, да крие незадоволство од братот и да му се лути.

Гледате ли колку различни душевни состојби има? Некој може, пак, да не му се лути на својот брат, но кога ќе слушне дека некој го навредил со нешто, или го изобличил и понижил, тој во срцето чувствува радост; тоа покажува дека и тој на некој начин враќа зло за зло во срцето свое. Некој друг, пак, не чувствува злоба во своето срце и не се радува кога ќе слушне дека некој друг го навредил оној на кого се лути, дури може и да се нажали кога го понижуваат; но сепак, тој не се радува на успесите на оној што го навредил и кога ќе види дека го слават и му угодуваат, тоа дури и го лути, што секако е злопамтење, иако од полесен вид. Всушност, секој од нас треба да се радува на успокојувањето на својот брат и да направи сѐ што може за да му укаже почит.

Рековме нели, на почетокот на словото, дека може некој и кога ќе му се поклони на својот брат, да продолжи и понатаму да му се лути; и рековме дека тој, правејќи го поклонот, си го исцелил гневот, но уште не се подвизувал против злопамтењето. Може да се случи и кога некој ќе навреди некого, тие двајцата да си направат поклон еден на друг и да се смират, да живеат во мир меѓу себе, без да имаат некаква помисла еден против друг во срцето свое; Но ако по извесно време тие двајцата се сретнат и едниот одново го навреди другиот, тогаш навредениот ќе започне да се присетува и на претходната навреда и ќе почне да се нервира, не само поради ооваа втората, туку и за првата навреда. Тоа наликува на човек кој има рана и на неа положил фластер, и иако раната е зарасната, местото каде што таа била е сѐ уште болно и чувствително, и ако некој фрли камче на тоа место, од него, како почувствително од другиот дел на телото, веднаш ќе потече крв. Тоа истото го чувствува и навредениот: тој имаше рана и на неа стави фластер, т.е. направи поклон и го надмина гневот, и слично на спомнатиот човек, раната зарасна, односно тој почна да вложува сили да се одбрани од злопамтењето и да не помисли ништо лошо. Но таа рана не е совршено зарасната; уште има трага од злопамтењето, а тоа е горната површина на зараснатата рана, и од неа повторно може да се отвори целата рана, доколку човекот добие макар и најмала повреда.

Па така, треба совршено да се очисти и внатрешниот гној, за да може болното место целосно да зарасне, и да не остане дури ни најмала трага по која ќе може да се препознае дека на тоа место имало рана. Како да се постигне сето ова? Молејќи се со сето срце за оној кој те наведил и велејќи: „Боже! Помогни му на братот мој и на мене, поради молитвите негови“. На тој начин вие и се молите за братот свој, а тоа е знак на сочувство и љубов, и се смирувате, молејќи помош за себеси, а таму каде што има сочувство и љубов и смирение, зарем таму би можела да трае раздразливоста, или злопамтењето, или некоја друга страст? И авва Зосим рекол: „Дури и ако ѓаволот ги искористи сите свои злобни итрини со сите свои демони, сите тие стрели удираат напразно и се кршат од смирениот според заповедите Христови“. А друг старец, пак, рекол: Оној кој се моли за својот брат, нема никогаш да биде злопамтив“.

Она што го слушате исполнувајте го на дело и тогаш добро ќе го разберете тоа што го слушате; бидејќи, навистина, ако не го исполните тоа, само со зборови не ќе можете да се научите. Како човек да добие искуство, ако користи само еден пример или збор? Не, туку тој работи, и на почетокот можеби и расипува, работи и го уништува своето дело; и така малку по малку, со труд и трпение, ќе стекне искуство со помош на Бога, Кој татковски гледа на неговиот труд и напор. А ние сакаме искуството да го стекнеме само преку зборови и воопшто да не се зафатиме со работа. Како е можно тоа?

Затоа да внимаваме на себе, браќа, и да се трудиме постојано додека сѐ уште има време. Бог да ни даде да помниме и да го исполнуваме тоа што го слушаме, за да не ни послужи за осуда во денот на Судот Господов. На Бога Му прилега слава чест и поклонение во сите векови. Амин.