Закон и вистина – II дел

 

Кога, пак, се вели: законот е даден преку Мојсеј, се мисли на еден посебен закон, кој од вистина и милост е даден преку Мојсеј, за луѓето со тој закон да се спасат од служењето и робувањето на безброј други закони, и така да се одвратат од патот што води кон пропаст и небитие, та да се свртат со лице кон патот што води кон милоста и вистината. Замислете едно огромно поле потопено со вода и луѓе кои се дават во тој потоп, според природните закони. Со Мојсеевиот закон фрлени се многу даски во тој потоп, за оние, кои би се фатиле за тие штици да можат да ја држат главата над водата и да дишат. Првиот закон, според кој луѓето во водата би морале да потонат и да се удават, е победен од овој другиот закон, според кој луѓето, држејќи се за даските, можат да ја држат главата над водата и да живеат. Но, и едното и другото е закон. Сега замислете да блесне огнено Сонце и потопеното поле брзо да се исуши. Обата оние закони ќе ја изгубат својата власт над луѓето; тие ќе застанат на сувата земја со нозете, ќе ги фрлат даските од рацете, па слободно и по своја волја ќе се движат. Но, некои од луѓето, од навика и страв од потопот, ќе продолжат да се движат по сувото поле со даска во рацете, исто онака како што правеле во водата. И така ќе предизвикаат зачуденост и смеа кај оние кои ги фрлиле даските и почнале слободно да чекорат по сувата земја. Значи, еден закон може да победи друг закон и да ја прекине неговата власт над човекот. Но, вистината е како огнено сонце, кое ги победува сите закони и ја поништува нивната власт над човекот. А, оние кои ќе продолжат и после потопот да држат даски во рацете, тоа се оние кои продолжуваат да се држат за законот и тогаш кога вистината ќе го осветли светот и ќе ги исуши мочуриштата и потопот.

Затоа се вели: благодатта и вистината постанаа од Исуса Христа. Не се вели: ни се дадоа преку Исуса Христа, како што се вели дека законот беше даден преку Мојсеј, туку – постанаа од Исуса Христа. Зашто некој друг го даде законот преку Мојсеј, а благодатта и вистината не ги даде некој друг, туку Самиот Исус Христос. Самиот Он е благодат и вистина и од Него Самиот благодатта и вистината дојдоа во светот. Како што би можело да се каже: ноќното видело се даде преку Месечината, а топлината и светлината постанаа од Сонцето. Кој го даде ноќното видело преку Месечината? Сонцето. Зашто Месечината сама по себе не светли, туку го добива своето видело од Сонцето. А кога Сонцето ќе се роди, Месечината исчезнува, и од Сонцето, непосредно и во полна мера доаѓа топлината и светлината. Слично на тоа треба да се разберат Евангелските зборови: законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината постанаа од Исуса Христа.

Во законот нема благодат, зашто во законот нема милост. Законот по мерка дава и по мерка зема, и никогаш не дава додека не земе. Во благодатта нема мерка и благодатта не се дава со мерка. Благодатта е полнота и изобилност од дарови. Законот е беда и сиромаштија, па оттука доаѓа штедливоста и скржавоста. Благодатта дава и не забележува во тефтерите. Законот наредува: око за око, заб за заб. Законот е беда и сиромаштија и додека не земе, не може ни да даде, и кога дава – мора и да земе. Благодатта е полнота и изобилност, и затоа дава и не забележува во тефтерот, и повторно дава и не зема за возврат. Благодатта не оди заедно со законот зашто законот не е вистина. Благодатта оди само со вистината, и благодатта грее само онаму каде што вистината светли.

Но, да го оставиме Мојсеевиот закон. Земете го било кој закон во универзумот или меѓу луѓето и веднаш ќе се уверите дека законот не знае за благодат. Благодатта нè опсипува со добрите дарови од својата полнота и изобилие. Зашто се вели: и од полнотата Негова сите ние примивме благодат врз благодат. Дали за било кој закон во вселената и меѓу луѓето може да се рече: и од полнотата негова сите ние примивме благодат врз благодат? Не! Туку ако живееш во областа на законот нема да земеш ако не дадеш, а ако имаш мора да дадеш. Зашто и најдобрите закони се само огради и ограничувања. И најдобрите закони едвај само ја допираат областа на милоста и на допирната линија на милоста – се губат. Зашто таму каде што почнува милоста, законите престануваат. Милоста со еден скок ги исполнува сите закони и ги прескокнува. Во својата крајна исцрпеност, законите апелираат на милост и милоста со еден здив ги ублажува и ги заоблува сите остри шилци на законот. А, благодатта е нешто повеќе од милоста; благодатта е токму божественото именување на милоста, празничниот изглед на милоста, или милоста во својот најголем раскош – тоа е благодатта. Кога човекот е милостив, тој му ги проштева навредите на својот противник; кога човекот е божествено милостив тој го опсипува со добро оној кој него го опсипува со зло. За пример да претпоставиме за миг дека дрвата се разумни битија и дека свесно дејствуваат. Еден човек со секира во рацете наидува на три расцутени костенови дрва. Тој удира со секирата на првиот костен, и костенот замавнува со едната гранка и го удира човекот. Го удира со секирата другиот костен, и костенот мирно го поднесува ударот и не му возвраќа на човекот. Тој удира и на третиот костен и костенот го опсипува човекот со преизобилен слап од своето прекрасно цвеќе. Првиот случај би спаѓал во областа на законот. Другиот случај би ја претставувал обичната милост. Третиот случај, пак, би ја претставувал благодатта или божествената милост, или милоста во својот празничен изглед, во својот најголем раскош. Токму на овој последен вид на милост, всушност, мислиме, кога зборуваме за милоста. И на овој вид милост мислиме, кога зборот милост, заради побрзо разбирање, го употребуваме наместо зборот вистина и наместо зборот благодат. Зашто, како што е тешко да се зборува за сонцето, а да не се мисли непрестајно на топлината и светлоста, така тешко, и уште потешко е да се зборува за вистината, а да не се мисли и да не се зборува за милоста и благодатта.

Ќе прашате: зар Мојсеевиот закон не е вистина? И ќе прашате: зар Христовата вистина не е закон?

Не! Ниту Мојсеевиот закон е вистина, ниту Христовата вистина е закон. Законот врзува и стега, вистината одврзува и ослободува. Законот Мојсеев само ги заменил другите закони, на кои луѓето од Израил, пред Мојсеј, им служеа и робуваа. Но, и овој закон од своја страна бил апсолутен и немилосрден господар над душите човечки. Имајќи бледо сеќавање на своето царско потекло, луѓето се чувствувале во ропство и под Мојсеевиот закон, како што, повторно, луѓето надвор од Израилот, се чувствувале во ропство под законот на Хамураби, или на Тезеј, или на Нум Помпилиј. Ослободувајќи ги луѓето од Израил од потешките закони, Мојсеј направи – да се изразиме метафорично – од свињари, козари. Но како можат да се задоволат кнезовите со така мало унапредување? Мојсеевите дела и Мојсеевиот закон претставуваат насликана вистина на врамена хартија. Многу убава слика – но, само слика. Многу јасна слика – но, само слика, која ја наговестува вистината и поттикнува глад и жед кај луѓето, за полната и целата вистина.

Христовата вистина не е закон, туку победа над сите закони и ослободување од сите закони. Колку што светилата во ноќта наликуваат на сонце, толку и законите наликуваат на вистината. Светилките им помагаат на луѓето да не се сопнат на краткиот пат и да не паднат во некоја бездна; но, од нив ниту трева расне, ниту цвеќе цвета. Сите закони, па и Мојсеевиот, им помагаат на луѓето да не се сопнат на кратките растојанија и да не паднат во бездната на пропаста и небитието; од законите, пак, животот не се раѓа, ниту цвета, туку животот се раѓа и цвета од вистината. Законите секогаш ги имаат предвид кратките растојанија и се однесуваат на краткиот ден на човековиот живот на земјата – даски фрлени на давениците во потопот – вистината ги опфаќа сите можни растојанија, од пред почетокот на сè, па до после крајот на сè. Затоа Христос на едно место и вели во врска со Себеси дека Он е почеток, а на друго дека Он е пред Авраам; на трето дека ќе се јави пред свршетокот на светот; а на четврто, им заповеда на учениците да одат и да им проповедаат на сите народи. Сето ова јасно покажува драстично големи растојанија кои Он ги зема предвид. Токму на Неговиот вид нанапред и наназад, и оддесно и одлево нема крај. Тоа е видот на вистината, браќа. Неограничен од времето и просторот, неограничен од законите и племенските јазици и обичаи – тоа е видот на вистината.

Нека тој божествен вид го разбистри и продлабочи нашиот слаб и ограничен видеокруг во кафезот на законите. Нека вистината и благодатта Божја ги разреши сите законски врски, со кои е заврзана и притеснета нашата душа. Нека полнотата на Господ Исус Христос се отвори и за нашата ненаситна глад и неизгаслива жед – незаситена и неизгасната, и уште повеќе распалена со законите. И нека и ние се освестиме, додека сè уште има време, и се вратиме од кобниот мост на законската област назад во мајчинското крило, каде што сите закони престануваат и љубовта храни и напојува до наситување, сега и за сите векови. Амин.

Крај