Против лажењето

Се добива впечаток дека во последно време ниеден грев не е дотолку раширен меѓу луѓето како лажењето. Се лаже во секое доба и на секое место. Се лаже со криење на вистината; се лаже при раскажувањето на работите, поинаку од вистината; се лаже за да му се напакости некому; се лаже од користољубивост и алчност, како би придобиле нешто преку лажењето; најпосле, се лаже поради ласкања и човекоугодување, како би се додвориле некому. Накратко кажано, зборовите течат како поплава, а жедта останува неугаслива, бидејќи поради зломирисот на водите не може ни да се стаса до нив. Меѓутоа, на овој грев – лажењето, како што можеме да забележиме, денес се обраќа толку малку внимание, а во суштина станува збор за многу тежок престап пред Бога, на Кого Му е одвратен. Така, Словото Божјо вели: Лажливата уста е одвратност пред Господа (Изреки 12, 22), и на друго место: Ќе ги погуби Господ сите кои лажно говорат. Поради тоа, не смееме да се оддаваме на гревот на лажењето, туку треба да бегаме од него на сите можни начини, секогаш да го говориме тоа што е вистина. Значи, што треба да направиме за да го претвориме второто во навика? Потребно е како прво, да си спомнуваме дека лажењето е тежок грев, кој повлекува со себе казна Божја; второ: да имаме секогаш на ум дека кој лаже го подражава ѓаволот, кој според зборовите на Самиот Господ: не стои во вистината зашто е лажец и татко на лагата (Јн. 8, 44); и трето: да се учиме на правда и вистина од Светите Божји, кои за нив стоеја цврсто и неподвижно и во оние часови кога заради нив биле должни и животите свои да ги положат. – Да, во поглед на држењето до вистината, Светиите секогаш можат да ни дадат спасоносни поуки и со нивниот пример да нѐ одвратат од лажењето. Затоа и сега имаме намера да ве упатиме кон угодниците Божји, за да ја чуете лекцијата за вистината од нив; се надеваме дека поуката што ќе ви ја дадат тие, нема да остане неполезна за душите ваши.

            Слушнете ја првата лекција од свештеномаченикот Антим. Во една прилика, додека тој скришно живееше во едно место Семан, за него дозна лутиот гонител на Христијаните Максимијан и прати дваесетмина војници за да го фатат. Војниците бргу го најдоа Антима, но не знаејќи кој стои пред нив, го прашаа: „Кажи ни, каде да го најдеме Антим, учителот христијански?“ Антим најпрво ги повика војниците кај себе и ги понуди со јадење, а потоа им објави дека токму тој е Антим кого го бараат и им предложи да тргнат заедно при Максимијан. Војниците се зачудија, па исполнувајќи се со сожаление кон Светиот, рекоа: „Нема да те однесеме со нас; ние те советуваме да се сокриеш; а ние ќе го известиме Максимијан дека те баравме насекаде, но дека не те пронајдовме“. Но, на нивно големо запрепастување, Свети Антим одлучно го одби тоа што му го предложија и поучувајќи ги дека добро е секогаш да ја кажуваат вистината и појде заедно со нив и доброволно излезе пред Максимијан, од кого претрпе страшни маки.

            Друг пример за љубовта кон вистината ни дава житието на светиот маченик Мамант.

            Еднаш, некој си Александар, гонител на Христијаните, инаку управител на Кападокија, дознавајќи дека Мамант се крие во пустината, исто како и Максимијан прати војници по него, за да го фатат и доведат на мачење. Здогледувајќи ги во пустината, Свети Мамант сам им излезе во пресрет и ги запраша: „Кого барате?“, помислувајќи за него дека е некој сиромав овчар, војниците му одговорија: „Бараме некој си Мамант; да не знаеш нешто за него и каде би можел да биде?“ Маченикот ги праша: „А што ќе ви е тој?“ Тие му одговорија: „Нашиот управител ни заповеда да го доведеме за мачење“. Тогаш, Свети Мамант им рече: „Пријатели мои, знам каде се наоѓа тој, ќе го најдам; само за едно ве молам: дојдете кај мене, одморете се за момент во мојата колиба и каснете малку, бидејќи сте уморни од долгиот пат“. Војниците влегоа во колибата на Свети Мамант и седнаа на трпеза, а угодникот Божји стана на молитва. Кога војниците се нагостија, маченикот прозборе: „Јас сум тој Мамант, кого го барате“. Војниците се збунија чудејќи се, па му возвратија: „Сѐ ќе препуштиме на твојата волја; ако сакаш да појдеш со нас при кнезот, дојди; ако пак, не сакаш, остани овде, ние немаме храброст да те приведеме“. Свети Мамант одговорајќи им, рече: „Ајде, појдете вие, а јас ќе дојдам по вас“. Војниците појдоа во градот и очекуваа да се појави Свети Мамант крај градската капија. Очекувањето нивно не беше изневерено: Маченикот сам дојде при нив и тие го одведоа при мачителот.

            Гледате ли сега во какви околности Светиите се држеле до вистината и колку ја љубеле? Како што може да се види, тие ѝ останале верни и во моментите кога поради неа морале да поднесат крстна смрт, горење на клада, пролевање на својата крв, да примат на себе безмерни и незамисливи маки. А ние? Ние, кои живееме во спокојство и благосостојба, често во изобилие и раскош, потполно заборавивме на вистината, та на секое место, се оддаваме на лажење, ја продаваме и совеста, душата, доброто име, својата чест и честа на ближните свои, според зборовите Божји: со устата своја ги благословувате, а со срцето свое ги колнете своите ближни (Пс. 61, 5). Со устата кон ближниот зборуваат пријателски, а во срцето свое му кројат примки (Ерем. 9, 8). И во односот кон Бога, со лагите свои само имаме изглед на побожност, но од силата нејзина речиси на секој чекор се одрекуваме (2. Тим. 3, 5). Им доликува ли на Христијаните да постапуваат на овој начин? И нѝ приличи ли нам лажењето, кога знаеме дека јазикот ни е даден, за да ја говориме секогаш правдата и вистината и со тоа да го прославиме праведниот Бог? И не Го гневиме ли со лажењето истиот Бог, Кој, ја љуби единствено вистината? Најпосле, зар лагата не нѐ понижува на најсуров начин, правејќи нѐ слични на таткото на лагата – ѓаволот? Да се вратиме при себе, браќа и сестри, и да ја отфрлиме лагата засекогаш! Од овој момент, само вистината да нѝ биде верна придружничка во нашите дела и зборови, а лагата, како грев, кој ја помрачува душата и кој Му е одвратен на Бога, а за душите наши погибел, засекогаш да се оддалечи од нас. Амин.