Жан Жак Русо, еден од најголемите француски философи, просветители и книжевници на бурното и превртливо столетие, е роден на 28 јуни, 1712 година, во прекрасниот швајцарски град Женева. Својот земен живот го завршил на 2 јули, 1778 година, во Ермонвил. Подоцна неговото тело било постхумно пренесено и погребано во алеата на француски великани, во познатиот Пантеон во Париз.
Русо бил оригинален филозоф во многу филозофски правци. Современиците го нарекувале „апостол на природата“, заради неговата голема љубов кон природата и природниот начин на живот.
Најпрво се прославил со своето дело „Расправа за науките и уметностите“ (1750), кое го напишал како одговор на прашањето на Дижонската Академија: „Дали обновата на науката и уметноста придонесе за подобрување на моралот?“ Основните идеи што ги развил во оваа расправа, тој ги разгледувал и во неговите подоцнежни списи.
Еден автор, за него и за неговата основна идеја, напишал: „Човекот по природа е слободен и добар, но егоизмот, како и несправедливите, неразумните и расипани системи на владеење, придонеле она што е природно во индивидуалниот и социјалниот живот, да се задуши и поттисне.“
Увереноста за минливоста на човечките институции, Русо ја дополнил со вербата дека институциите се потрајни, доколку се засновани врз принципите на умот, односно врз самата човечка природа, врз основа на општествениот договор, кој еднакво ги обврзува и оние што владеат и оние што се покоруваат.
Тоа е точно.
Русо, зад себе оставил и други маркантни дела: „Општествен договор“ (1762), „Расправа за потеклото и основите на нееднаквоста меѓу луѓето“ (1754), „Исповеди (автобиографија) и др. Тој напишал и неколку музички трудови, меѓу кои се: „Музички лексикон“, „Дисертација за модерната музика“ и др.
Извршил големо влијание на француската идеологија, при што особено влијаел на повеќе француски и германски автори, а особено на книжевниците и филозофите Кант, Фихте, Хегел, Шилер, Гете, Бајрон, Радиштев и Лав Николаевич Толстој.
Марксистичките филозофи Јудин, Марчевски, Розентал и др., признаваат дека Русо бил човек со силна вера во Бога и со длабока увереност дека Он е причина за постоењето на светот. Во својот педагошки роман „Емил“, Русо ја развил својата идеја за воспитување. Според мислењето на д-р Радивој А. Јосиќ, тој во истото дело (1762), за Христа напишал една прекрасна прозаична химна:
„Ти се исповедам, синко, дека ме восхитува величественоста на Светото Писмо, и дека светоста на Евангелието му зборува на моето срце. Погледај ги книгите на филозофите со нивниот надуен јазик: колку се тие незначителни во споредба со Светото Писмо! Дали да ја сметаме евангелската историја за самоволна измислица? Пријателу мој! Такво нешто не може да се измисли! И Сократовите дела, во кои никој не се сомнева, се помалку потврдени отколку делата на Исуса Христа.“
За некои места во Новиот Завет, Русо вели: „И така, што да прави човек, соочен со сите тие противречности? Синко мој, секогаш треба да се биде скромен и внимателен! Молчејќи да се почитува она, што ниту може да се отфрли, ни да се сфати, така што на човекот, единственото нешто што му преостанува е да се поклони пред Великото Битие, Кое единствено ја знае вистината.“
Русо најголемо внимание и најдлабоко размислување посветил на прекрасниот лик Христов:
„Но, дали е, пак, возможно, дека Оној за Кого зборува Евангелието е само човек? Дали неговиот живот и наука се само сон на еден славољубив партиски водач? Каква благост! Каква чистота во Неговиот морал! Каква трогателна привлечност во Неговите поуки! Каква возвишеност во Неговите начела! Каква длабока мудрост во Неговите одговори! Какво владеење со Себеси во Неговите тешки искушенија! Каде е тој човек, каде е тој мудрец, кој би можел да постапува така, да страда така и да умре така, без слабост и фалење!… О, колку ли е заслепен оној, кој се осмелува Сократ, синот на Софрониј, да го споредува со синот на Марија – Исус Христос. Каква раздалеченост меѓу нив двајца!“
На крај, Русо ја споредува Христовата со Сократовата смрт:
„Смртта на Сократ, која настапила, додека тој мирно филозофирал со неговите пријатели, е најслатката смрт: онаква, каква што човекот би можел само да посака. Напротив, смртта на Исус, Кој, навреден и проколнат од целиот народ, издивнал во маки, е најстрашната смрт, од која можеме само да се плашиме. Сократ ја испил чашата со отров и го благословил темничарот, кој со солзи во очите му ја подал. Исус и покрај најстрашните маки, Го молел Бога за Своите немилосрдни непријатели. Навистина! Ако животот и смртта на Сократ се достојни за еден мудрец, тогаш животот и смртта на Исуса Го покажуваат Бога!“
Душан Хр. Константинов (р. 1924 – поч. 2002)
Душан Хр. Константинов е македонски интелектуалец и истражувач, познат по својот прв целосен превод на Светото Писмо на современ македонски јазик, со што отвори нови патишта за духовното и јазичното развивање на земјата. Поседувал една од најголемите приватни библиотеки во Македонија, која делумно била донирана на Бигорскиот манастир, овозможувајќи широк пристап до знаење и духовни ресурси. Со своите два докторати од времето на Југославија, Константинов се вбројува меѓу најзначајните македонски културни дејци, оставувајќи длабок печат врз научниот, духовниот и културниот живот на земјата.