Во овие сечесни и благословени денови на Великиот пост, дадени од Бога за усрден подвиг и добродетелен духовен напредок, ние, припадниците на монаштвото од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, упатуваме јасен и недвосмислен апел до целата Православна екумена, а со тоа и до Поглаварите на Помесните православни цркви, за итно решавање на статусот на нашата Црква и нејзино прифаќање како автокефална Црква во рамките на сеправославната заедница – место што заслужно и без никакви пречки, историски или канонски, ѝ припаѓа како возобновителка на древната Охридска архиепископија, а не како на новосоздадена Црква. Овој наш повик особено се однесува на отците Архиереи од Српската православна црква, кои по многуте историски и мрачни премрежја на нашиот народ, останаа во своја рака да го држат клучот, но и одговорноста пред Бога за решавање на ова прашање.
Сметаме дека овој измислен и повеќе политички, отколку еклисиолошки проблем, е непотребен и штетен на православното единство, особено во овие драматични времиња, кога Православието, но воопшто и целото човештво, се соочуваат со тешки искушенија.
Прифаќањето на Охридската архиепископија како автокефална Црква во рамките на соборот на Православните цркви, не само што ќе исправи една историска неправда, туку ќе даде и духовна поткрепа и радост за нашето свештенство, монаштвото и верниот народ кои се изморени и разочарани од игнорирањето на сопствената Црква како рамноправна со другите, и тоа само од политички и овоземни побуди, кои немаат ништо заедничко со духовноста и евангелското слово. Ние како монаси, најприсно ги чувствуваме проблемите и состојбите што настануваат поради неправедно нерешениот статус на нашата Црква, кои само се надоврзуваат на многуте искушенија со кои се соочува верниот народ во Република Македонија. Затоа, со скрушено срце се обраќаме до Вас, богољубиви наши отци, неодложно да ја прифатите МПЦ – ОА како автокефална Црква во рамките на Православната екумена и со тоа да ја зацелиме многулетната рана на Православното тело.
Ние не бараме ништо ново или измислено, само бараме да се примени 17-от канон на 4от Вселенски собор во Халкидон, кој заповеда: „…со државните и граѓански форми на управа, нека следи и поредокот на црковните парикии“. Ова начало кое отсекогаш важело, е повторено, потврдено и применето од светиот Патријарх Цариградски, Фотиј Велики, според кого: „Црковните правила за границите, секогаш да соодветствуваат на правилата на државите“ (в. Φιλαρέτου Βαφείδου, Ἐκκλησιαστική Ἱστορία, том 2, стр. 53). Истото начало беше задржано и од најсветиот Константинополски престол и до наши дни, за што сведочи Црквата на Полска од 1924, Албанската црква од 1937, како и Црквата на Чешка и Словачка од 1998 година.
Патот кој ние го врвиме веќе педесет години, го врвеа сите сестрински Цркви и на крајот, секоја во свое време, го доби очекуваното – во сопствените граници да има своја родна Црква, наместо духовен центар во туѓа држава, можеби братска и пријателска, но сепак – туѓа.
Го молиме Семилостивиот Бог да го прими овој чин како благопријатна жртва и како чин на сеодана љубов кон Него и ближниот.