Поздравно обраќање на Старецот, Архимандрит Партениј, пред почетокот на сеноќното бдение во чест на Рождеството на Свети Јован Претеча и Крстител
Bаше Високопреосвештенство,
преподобни и чесни отци,
почитувани претставници на државната власт,
возљубени во Христа, браќа и сестри!
Со молитвена собраност стоиме во навечерието на Рождеството на чесниот и славен, Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован – првиот кој ја положил својата рака на главата Господова и кој со својот живот совршено Го предобразил Христа. Би можело да се каже дека Свети Јован е и првиот апостол на Новиот Завет, или, како што се вели во една стихира од празникот: „почеток на апостолите“. Бидејќи, тој не само што им ги отворил срцата на луѓето од Јудеја за да го примат просвештението од Светиот Дух, испратено од Бог Отецот, а предадено преку Синот, туку бил и првиот гласник на Светата Троица во адот, проповедајќи им на душите таму за скорешното доаѓање на Спасителот. Целиот земски живот на Светиот Предшественик Христов, како и неговата маченичка смрт, но и животот после неа, не е ништо друго освен проповед за Царството Божјо. Всушност, животниот пат и подвиг на овој „земски ангел“ и „небесен човек“ останаа во вековите совршен образец за возвишениот и рамноангелен монашки живот.
Следствено, би можеле да претпоставите колава е нашата радост, но и свештен трепет, што и ние, последните и најмалите, сме удостоени да бидеме смирени служители токму на овој прв и најголем Христов монах!
Затоа, дозволете ни да ја споделиме таа наша неизмерна радост, најнапред со Вас, Ваше Високопреосвештенство, Митрополите Брегалнички, г. Иларионе, но и да Ви ја изразиме својата преголема благодарност што и годинава благоволивте да претстоите на овој молитвен собор. Впрочем, Вашето присуство овде го сметаме за уште еден од даровите на Свети Јован за манастирскава слава, дотолку повеќе што и Вие духовно се изнедривте од ова плодоносно Светилиште на Чесниот Претеча.
Исклучително скапоцен дар од нашиот небесен покровител вечерва сте и Вие, наши возљубени гости од соседната и братска Грција, поточно од древната престолнина на демократијата – Атина. Неискажлива е нашата благодарност кон Свети Јован и кон вас, достојнопочитуван протопсалту, г. Илија Редијади Тумба, што го гледаме Вашиот ценет хор тука, подготвен, со прекрасни гласови да Го слави заедно со нас единиот семилостив Бог и да пее во чест на „најголемиот меѓу родените од жена“. Патем, во Вашиот хор ние го гледаме благочестието и љубовта на грчкиот православен народ кон Бога, народ кој толку многу ја прославил и украсил Црквата Христова низ вековите. Ние навистина најсрдечно Ви благодариме, поради тоа што со Вашето доаѓање покажавте добродетел достојна за почит. Зашто вие на дело ја посведочивте евангелската љубов што пребива во вас, соодветно на Христовите зборови: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе (Јован 13,35). Се надеваме дека за набрзо ќе дојде и времето кога без никакви притисоци ќе можеме непречено и почесто да се среќаваме во заедничкиот литургиски живот. Да се помолиме, затоа, Бог да им испрати просветление на оние од кои зависи решението на проблемот, во прв ред на архиереите, та што побрзо да се надмине оваа несфатлива состојба на нерешени проблеми од управен карактер, која трае со години и им причинува рани на верните православни Христијани. Ве замолуваме да му ја пренесете нашата огромна благодарност и љубов и на Блаженејшиот Архиепископ Атински и на Цела Грција, г. г. Јероним, како и на други архиереи што го дадоа својот благослов за вашето присуство овде. Впрочем, во нивното лице продолжува апостолската мисија и евангелска љубов на Еладската Црква, докажана толку многу пати низ историјата, вклучително и кон нашиот народ и нашата Црква. За нивното и ваше духовно благородство и братољубие, остануваме вечно благодарни.
Во нашето молитвено и благодарно сеќавање длабоко се врежа и името на г. Димитриј Перпецис од Солун, вистински пријател на нашата Обител, кој со огнена љубов се бори на каков било начин да ѝ помогне.
Најпосле, од името на сите мои собраќа, ви се заблагодарувам бескрајно и вам, мили чеда, поклоници и пријатели на оваа Света Обител, што вечерва, со Вашето за нас драгоцено присуство, ја украсивте оваа манастирска слава. Утрово што следи го очекуваме доаѓањето и на Неговото Блаженство, Архиепископот г. г. Стефан, како и на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, на кои однапред им се заблагодаруваме за нивното присуство и служење.
Добро бдение и Свети Јован нека ве благослови сите!