Биоетичка проблематика
Биоетичката проблематика го третира проблемот на современата биоетика. Оваа наука, чијашто главна содржина е биомедицинската етика, ја опфаќа целата област на етиката, од индивидуалното и социјално поведение на човекот, до неговите односи со животните, растенијата и целата твар. Биоетиката е par excellence современа етика, којашто го иницира хомогенизирањето на моралното мислење и дејност. Поточно, биоетиката е етика на глобализацијата која се обидува да ги надмине религиозните, метафизичките, или други сфаќања и да воведе заеднички и широко прифатени утилитарни принципи на животот и однесувањето на човекот. Како тави принципи се востановени следните:
- Принципот на автономијата
- Принципот да се избегнува причинувањето на штета или болка
- Принципот да се прави добро
- Принципот на справедливоста
Биоетички фундаментализам
Овие принципи се користат како замена за традиционалните етички принципи, но тие го стимулираат пошироко духот на глобализацијата. Особено карактеристично е тоа дека преку едностраното истакнување на принципите на биоетиката, се формира парадоксален фундаментализам, врз основа на кој сите други религиозни и етички сфаќања од биоетичката проблематика се определуваат како фундаменталистички. Од друга страна, доколку принципите на биоетиката во извесна мера се секуларизирани формулации на традиционалните христијански ставови, тие можат да се исползуваат како допирни точки и да се разгледаат од православна богословска и антрополошка перспектива, со цел надминување на биоетичките проблеми.
Принципот на автономијата
Поконкретно, автономијата, која според православната христијанска етика соодветствува со највисокиот степен од моралното совршенство на човекот, е главниот принцип за решавањето на прашањето на биоетиката. Од православна перспектива, сепак, автономијата се поврзува не со индивидуалната самоволност, туку со полнотата и соборноста на личноста. Затоа и принципот на автономијата може да се дополни или восоврши преку принципот на личноста или ипостасното начело. Специфичноста на овој принцип се состои во неговата трансцендентна димензија, која произлегува од онтолошката содржина на човечката личност. Во краен случај, тука станува збор за обожувањето на човекот, коешто е идеалот на Православието. Затоа, како мерка за определување на вистинската личност, како и на нејзината вистинска автономија, се посочува Личноста на совршениот Човек – Христос.
Избегнувањето на штета и правењето добро
Принципот на избегнување на штета или болка, станува разбирлив во духот на христијанската љубов. Истото важи и за принципот на правењето добро, коешто е активна форма на претходниот принцип. Доброто не секогаш е полезно за човекот, а вистински полезните нешта не секогаш ни се чинат добри. Квалитетот на нештата се определува од расположението и од начинот на коишто луѓето ги користат. Затоа, определувањето нa доброто и полезното, може да се направи не преку надворешно утилитарни или емоционални критериуми, туку преку најзадлабочено разгледување и чувствување на нештата. Суштинското што може да се обележи тука од страна на христијанската етика, е дека љубовта, која е основа и на овие два принципи, не е користољубива и себељубива, туку некористољубива и кенотична (што може да се испразни), каква што ни се открива од Бог на љубовта.
Принципот на справедливоста
На крај, четвртиот принцип – на справедливоста – има основно значење за христијанската етика и во поопшта смисла, кога одново ќе се постави во неговата правилна перспектива. Таа перспектива се создава, кога справедливоста ќе се оддели од силата или од власта. Вистинската справедливост има приоритет пред силата и ползата. Освен тоа, вистинската справедливост не се ограничува на тоа секому да му се дава подеднакво, туку е сеопфатна добродетел, или самата добродетел, како што вели уште и Аристотел. Во христијанското учење, справедливоста исто така се сфаќа во таа бескрајна широчина. Всушност, за жал, човечката справедливост се ограничува на нејзиното првично значење и уште полошо, таа функционира како слугинка на силата и на ползата. Во тоа се состои основната причина за нејзиното искривување и за негативниот нејзин придонес во пространството на биоетиката.
Справедливоста во биоетиката
Доколку ја поставиме справедливоста на чисто практично ниво, биоетиката ја ограничува до првичното нејзино значење. Но со тоа, таа ја потценува нејзината суштина и ја изложува на произволност. За да се заштити справедливоста од таа произволност, треба да се запази нејзината сеопфатност. Тогаш и прашањето: дали е дозволено човекот да прави сè што може да прави, добива правилен одговор. Поконкретно, од гледна точка на православното богословие, мешањето во генетскиот материјал на тварта е мешање во природниот ред којшто ја материјализира Божјата волја. Кога тоа мешање се случува не само од незнаење, туку и од чист презир кон Божјата волја, нормално е тоа да повлече сериозни опасности.