Ликот на вероучителот во образованието

Отец Бобан Митевски[1]
Возљубени вероучители,

Претпоставувам дека сите од мене очекувате да ви зборувам, односно да се обидам да ја расветлам личноста на вероучителот, што е многу поопширно и поразлично од тоа да се зборува за ликот на наставникот по предметот „Етика во религии“, зашто вероучител или учител во верата не е оној кој само професионално се занимава со изложување на основите или, пак, тајните на верата, без оглед на тоа дали е свештеник, или наставник како што сте вие, или, пак, професор на Факултет, туку секој верник е учител во верата. Поточно, оној кој самиот себе се научил на верата, кој ја живее таа вера, а потоа како силно сведоштво ја пренесува таа вера и на другите луѓе, особено на оние кои не знаат за неа – само тој може да се нарече учител на верата.

Сведоштвото е многу важен сегмент, ако не и најважен во животот на еден православен Христијанин. Ако Христијанинот го нема тоа сведоштво за верата пред целиот свет, тогаш излегува како да сме задоволни со она што сме го постигнале само за себеси, како да сме си доволни на самите себе што пребиваме во вистината, што ја знаеме вистината, што ја живееме вистината, како да си уживаме во тој ексклузивитет и за другите не нѐ интересира. Но тоа не беше ставот на апостолите и на отците, туку тие јасно кажаа дека она што го прават и живеат, треба да го покажат пред светот, па затоа и рекоа: „Ова е верата на апостолите, ова е верата на Отците, ова е верата на Црквата“. Нели сето тоа го заклучија Отците на Петтиот вселенски собор?! На тој начин тие сакаа и на сите идни генерации да им покажат дека од нивното сведоштво, од сведоштвото на апостолите, а апостолите од сведоштвото Христово, ние го живееме Преданието на Црквата и го согледуваме како живо Предание во нашите животи. Токму затоа вероучител е и епископот, и свештеникот, и професорот, и монахот, но и секој Христијанин воопшто. И сега, кога се зборува за ликот на вероучителот, не се мисли на тоа како тој телесно или надворешно изгледа, или колку е привлечен, или колку е добар и кроток, и колку цртите на неговото лице се пријатни за гледање, туку се мисли и се заборува за неговата личност, односно за квалитетите на таа личност и што таа личност може да понуди со својот карактер и со својот живот. И оттука доаѓаме до заклучок дека кога веќе зборуваме на темата Ликот на вероучителот, треба да одговориме на две нешта:

  1. Што тој треба да биде или попрецизно каков треба тој да биде? и
  2. Што треба тој да продуцира, односно да придонесе, да направи и нам да ни покаже?

Одговорот на првото прашање, каков треба да биде вероучителот, во нашиот контекст е многу јасен. Тој одговор се развива во контекстот на оној што треба да поучува во верата. Тоа значи дека таквиот треба да ја живее таа вера и да ја познава верата преку животот, преку подвигот и личниот опит во неа. Само таквиот може да поучува во верата. Оној што не ја живее таа вера во својот живот, што нема светотаински опит, за кого што Литургијата е само една задолжителност и не е вистински начин на живот, за кого молитвата е само потреба кога е во искушенија и страдања, а не секојдневен разговор со Бога, што би ја богатело неговата душа која се труди да ги усвои добродетелите, тогаш таквиот не ќе може живо да им ја пренесе верата и животот во верата на оние на кои е должен тоа да им го покаже. Таквиот едноставно е професионалец, кој она што го изучил, смета дека треба да го искористи како некаков бенефит, или за своја лична придобивка, односно дека треба професионално да се реализира. Попрецизно кажано, неговиот живот и неговата ангажираност во таа насока се сведува токму на тоа, додека е во храмот, додека е во училиштето или додека ја извршува својата професија, тие 8, или 4 часа, или колку што му е доделено, а потоа заминува и нема никаква одговорност. Е такви вероучители, односно такви сведоци на верата не ни требаат. Не ни требаат ниту во храмот, ниту на факултетот, ниту во училиштата, ниту на улицата. За да може вероучителот да придонесе, да направи, да научи, треба да ја живее верата. А за да ја живее, тогаш треба да живее литургиски и светотаински; не може да не знае што е духовен отец, што е исповед, што е причест, што е молитва и пост. Замислете еден вероучител да не пости во среда и петок, или пак да не ги пости големите пости во годината! Како тој, како православен Христијанин и сведок, ќе им ја пренесе важноста на постот на оние кои треба да ги воведе и научи во верата?

Затоа поуката од мене, како од отец, е дека треба секогаш ревносно да се трудиме и да не одговараме на потребата само како некои професионалци кои го имаат учебникот пред нив, кои ја имаат материјата, па да раскажеме што е постот, да им кажеме дека постот е историски, односно да им ја предочиме историската придобивка од постот, како дошол тој во Христијанството итн., а не живо да им пренесеме што значи постот и, да се изразам со јазикот на свети Јован Златоуст, да им кажеме дека да постиш значи да се вратиш во Рајот. Тоа е многу поважно, многу посуштествено отколку само да им кажеме дека тоа е една должност во животот на православните Христијани.

Оттука доаѓа одговорноста на сите нас, кои поучуваме во верата, но таа одговорност ќе ја спроведеме на потребното ниво доколку знаеме, доколку она во коешто веруваме и вистински го живееме. Не смееме гордо да се доживуваме како професионалци кои на крајот од месецот ја очекуваат придобивката од спроведувањето на професијата, туку да бидеме такви кои на себе го земале големиот подвиг на сведочењето за Христа. Тој товар можеби не сте го сакале, но времето, потребата, а би рекол – Господ ви го подарил. Тоа е крстот кој прави од вас сведоци; сведоци, и покрај тоа што ќе се соочуваат со оние големи искушенија на неправда, или можеби на неприфаќање од колегите што ги предаваат другите наставни предмети, на незнаењето дали во следната година ќе имате или нема да имате часови, на тоа што вашето работно место не е осигурено итн. Иако навистина е важно да мислите на тие нешта, сепак, ве замолувам да не се ограничувате и заморувате на тој начин, зашто вашиот призив е многу поголем, оти ваш патеводител секогаш треба да биде тоа колкумина оваа година ќе научите на вистината, на верата, колкумина ќе воведете во верата. Ваквиот пристап, ќе ви го олеснува секојдневниот крст, секојдневните искушенија со кои се соочувате. Зашто, верувајте, радоста од тоа што барем еден ќе го научите во вистинската вера, е голема сатисфакција. Едно семе посеано во младоста, што понатаму веројатно ќе даде и плод токму поради вашата жива проповед и сведоштво за Вистината, е многу поголема и поважна сатисфакција.

Сега доаѓам до она што секогаш го размислувам дека како вероучители, како професори по Етика на религиите, не треба да се прилагодите само на наставната програма и она што ви го нуди вашето учебно помагало, туку како што спомна и доц. др. Нушев на вчерашното предавање, да се трудите да ги раширите дијапазоните, да ја пробиете материјата. И да наоѓате повеќе методи, да се трудите! Јас често се прашувам зошто некои професори по Етика на религии не ги носат децата во Црква!? И верувајте, најчесто го слушам оној одговор: „Што ќе ни каже директорот во училиштето?“ „Што ќе ни кажат родителите?“ А, се потрудивме ли тоа да го промениме!? Отидовме ли кај директорот на училиштето!? Се потрудивме ли да го покажеме нашиот опит, нашата љубов и ревност кон Вистината!? Сме ги замолиле ли директорите на училиштата да ги ослободат учениците за да им ги покажеме како изгледа храмот, бидејќи така полесно се совладува материјата и е во согласност во програмата!? Сѐ можеме да направиме, но само доколку сакаме. Ако е потребно можам дури и да разговарам со родителите на децата, ќе ги повикам, или, пак, ќе им се јавам и ќе им ја кажам мојата намера! Сите вие треба да тргнете не од вашата конкретна намера колку само да ја завршите работата, туку секогаш да се трудите да правите повеќе од она што е предвидено да се прави. Секако, овде избегнувам секакво обвинение дека имам намера да ве поттикнам да индоктринирате – не, имам намера да ве поттикнам, во рамките на законското, да изнаоѓате начини како вашите ученици да ги воведувате во живото предание и живеење на верата. Такви, кои го прават само она што им го дозволува работниот однос и наставната единица, ги има премногу. Треба да бидеме меѓу оние што секогаш ќе се трудат да направат малку повеќе од тоа, што храбро и со љубов ќе се жртвуваат, а тоа е нешто основно за вас. Ако се жртвувам, тогаш двигател во мојот живот секако ќе биде љубовта. Љубовта треба да биде основното нешто со кое вие ќе пристапувате во односот со децата кои Бог ви ги доверил, кои родителите ви ги дале за да им бидете, замислете, учители во верата, учители на вистинските вредности! Ако немаме љубов и кон агресивното дете, и кон лошото, и кон она што не учи, а многу јасно е дека имаме навика да ги делиме децата, дека гледаме да си ја завршиме работата и не се трудиме да покажеме повеќе љубов, тогаш не можеме ништо да постигнеме.

Ја спомнавме агресивноста како еден основен проблем во современото општество, нешто со кое се соочувате сите вие во училишните институции. Се обидовме да најдеме различни методи со кои би можеле да ја ублажиме. Да, сето тоа е прекрасно, но не смееме да заборавиме дека сите наши дела треба да бидат заквасени со квасецот на љубовта. Еве, сестра Ефимија само што ми раскажа за еден пример кој таа лично го имала слушнато, а во врска со некое помало дете кое било многу затворено во себе, така што со никого не комуницирало, а поради тоа станало и агресивно на секој оној што ќе сакал да му се приближи за да создаде контакт со него. Имено, неговите родители, не знаејќи што веќе да преземат, го однеле во Бигорскиот манастир за да му прочитаат молитва на чудотворната икона на св. Јован Крстител. И додека тие оделе накај храмот, игуменот на манастирот, Архимандрит Партениј, кој во тоа време стоел кај горната чешма пред скалите коишто водат до храмот, ги здогледал, го видел тоа детенце како се приближува и со огромна радост и насмевка на лицето ги раширил своите раце, очекувајќи го детето да му се фрли во прегратката. И навистина, тоа дете, коешто никогаш претходно не дозволило никој да му се приближи, па дури ни неговите родители, истрчало во прегратката на игуменот и како кротко јагне се стопило во неа. Тоа дете, кое сега е возрасно, никогаш повеќе не пројавило такви чувства, туку напротив, насекаде ја подарувало својата насмевка и прегратка. Сега, веќе како возрасен човек, се бори и другите да ги воспита во подвигот на верата, љубовта и кротоста. Значи, тоа дете се скротило од сведоштвото на вистинската љубов. Не било спасено од дефиницијата за љубовта, од тоа дека љубовта е ваква, љубовта е онаква, туку од сведоштвото на љубовта.

Ако ние не ја сведочиме љубовта, ако не знаеме и не можеме да го смириме детето што е немирно на часот, тогаш да се обидеме да најдеме начин кој ќе го мотивира да се поправи, низ разговор, игра, па нека е и во оној период по часот – не се штедете! Силно верувам дека можете да изнајдете начини како љубовта да допре до тоа дете. Многу е лесно да се оправдуваме со исказите: „Ех, неговите родители не го научиле, сега јас ли ќе го научам!“ Не! Такво нешто не ни е потребно! Рековме дека потребни ни се сведоци, кои ќе се трудат, ќе се жртвуваат и ќе дадат сѐ од себе, оставајќи го другото на милоста и благодатта Божја. А јас, од својот личен опит, но пред сѐ од опитот што сум го видел кај мојот духовен отец, архимандритот Партениј, научив дека сведоштвото на љубовта го пробива и најдебелиот мраз и го преобразува и најзакоравениот човек. А што друго е љубовта, ако не Самиот Христос? Онаму каде што ќе влезе Христос, сѐ се менува, се преобразува, преумува. Се сеќавате ли на житието на св. Мојсеј Мурин? Тој бил најголемиот развратник, убиец, крадец, разбојник. Но дошол во допир со Христа и со опитот на љубовта и станал маченик и сведок на таа љубов!  Значи, кога можел да се смени оној кој толку време пребивал во гревот, во гревовен амбиент, тогаш сѐ е можно. Ама е можно со труд. Господ сака да го види нашиот труд, нашиот опит. На едно од вчерашните предавања беше спомната евангелската парабола за блудниот син, кој знаеме дека го напушти татковиот дом и отиде да живее во гревовен амбиент, односно како што вели Евангелието во туѓа земја. Туѓа земја е земјата на темнината и гревот, според толкувањето на тој дел од параболата. Но блудниот син повторно се врати во прегратката на отецот. А како го пречека неговиот отец? Не му рече: „Аха, сега ти си под казна бидејќи грешеше“, туку ги отвори прегратките и му рече: „Дојди и влези во полнотата на татковиот дом, во полнотата на љубовта што може таткото да ти ја понуди“.

Затоа, ве замолувам: трудете се околу ова, зашто утре, не пред епископот, или пред директорот на училиштето, туку одговорноста ќе треба да ја понесеме пред Оној во чиешто име сето ова го правиме, а тоа е Воскреснатиот Бог, Кој е Бог на љубовта и Кој несебично Себеси се даде на жртва. А несебичноста треба да биде мотив што ќе ве движи кон Бога, околу ближните. Слушам дека меѓу вас има соблазни, за вакви или такви примери, дека честопати, плашејќи се за своето работно место, не дозволувате некој друг да влезе и да ја почувствува полнотата од тоа да биде сведок, да им предава на децата. И тоа, имате повеќе од 20 часови, или веќе имате работно место, па не ви се допаѓа и сакате друго… Ве замолувам, не бидете себични и не мислете само на себе, туку мислете и на другите. Мислете и на оние кои имаат помалку часови, и на оние кои воопшто немаат часови. Не ви велам: дајте им од она што го имате – тоа е голем, но навистина тежок подвиг – туку дајте им од она што го имате како вишок. И немојте да барате повеќе од она што ви потребно, туку споделувајте со другите, па поради несебичноста да бидете пофалени. Та оние што не Го познале Христос во вас, да видат дека во овие нешта ние настапуваме соборно, а не индивидуално, дека целта и приматот на сѐ она што сите заедно го правиме, е не да имаме работа, туку да воспитаме и придобиеме, да нахраниме со вистинската наука што повеќе деца.

Замислете, процесот требаше да биде обратен – сведоштвото требаше да се движи од родителите кон децата! Ама, ние како генерација на вероучители се соочивме токму со тоа: да ги научиме децата да им бидат сведоци во верата на своите родители. И тоа сте го виделе многу пати во вашиот живот. Ние прескокнавме цела генерација и сега стоиме пред предизвикот да работиме со најмалата генерација, пред која, поради современите трендови, не сме ни авторитети, не сме им ни родители. Но ако имаме љубов, сѐ ќе можеме да постигнеме. Тоа треба да биде наша цел, наш најголем подвиг. Ќе завршам со тоа што уште еднаш топло ќе ве замолам: тоа што сте повикани од Бога да работите како професори по Етика на религии, сметајте го не само како ваша професија, туку како еден ваш благодатен подвиг. А во тој подвиг, чиишто закономерности се послушанието, љубовта, пожртвуваноста и целосната предаденост на самиот себе во остварувањето на целта, помошник ќе ви биде, не било кој, туку Самиот наш Господ Исус Христос. 


[1]Отец Бобан Митевски ја извршува должноста асистент на предметот Догматско богословие при Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Скопје. Истовремено тој е и шеф на Кабинетот на Поглаварот на Македонската православна црква и претседател на Асоцијацијата на професори по Етика на религии. Предавање на семинарот: ХРИСТИЈАНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ЕВРОПА, 29 октомври 2017 год., во организација на АПЕР Просветление