Црквата и општеството во контекстот на усилбите за запазување на традиционалните вредности во современа Европа

[1]Важните прашања за сите луѓе низ сите времиња се егзистенцијалните: кој сум јас, зошто сум роден, што треба да бидам и како треба да живеам, за животот да ми биде вреден и да ја постигнам неговата крајна цел. Од тоа како ќе си одговориме на овие прашања, ќе зависи нашиот начин на живот – колку вредни личности ќе бидеме и колку вредно ќе ги проживееме своите денови. Зашто, како што веруваме, така и живееме.

Животот на индивидуалниот човек и на општеството како целина се хаотични и бесмислени без систем од вредности, од одржливи претстави за целите и смислата на човечкиот живот и идеали, кон чие постигање тој би се стремел. Суштината и обликот на едно општество, како и достоинството на одделната личност, се определуваат од духовно-моралните вредности кои се исповедаат, зашто од тоа во што веруваме, какво е нашето разбирање за нашиот живот, за светот и за нас самите, зависи и како ќе се однесуваме кон светот што нè опкружува, кон другите луѓе и кон сопствениот живот. Само она општество кое има систем од општоприфатени возвишени постојани вредности, кон кои се придржува и кои се стреми да ги постигнува, е единствено, животно и способно да се развива, а распаѓањето на овој вредносен систем или девалвацијата на вредностите го бележи почетокот на неговиот крај.

Историјата на човештвото и современите општества се богати со големо разнообразие од вредности, кои го формираат светогледот на луѓето, од претстави и определби за достојно и недостојно поведение и справедливо устројство на општеството. Религијата е оној авторитетен извор кој ги определувал претставите на луѓето за светот, за доброто и злото, справедливото и несправедливото, за смислата на човечкото постоење и правилата во општеството. Овие вредности не се примале како плод на човечки разум и проценка или како резултат од општествена согласност, туку како плод на божествено откровение за волјата на Бога за човекот и светот. Животот на сите се определувал од единствена хиерархија на вредности во кои духовните идеали и морални норми имале првостепено значење.

Библиските книги сведочат за случаи на неисполнување на Божјите заповеди и отклонувања од Божјата правда, но и покрај тоа, таа востановена од Бога етика си останувала фундаментална и валидна за целиот богоизбран народ, а отклонувањето од неа се сметале за грев и биле осудувани од заедницата.

За христијанскиот свет ,морални идеали од кои тоа се раководи се Евангелските вистини, а тие се Откровението на Бога кон човекот и изразот на Божјата волја, грижа и љубов кон Неговите чеда. За разлика од оние вредности што се измислени од луѓе, а кои се релативни, преодни и несовршени, тие кои ни ги открил Господ се вечни, општовалидни и неизменливи и ги надвишуваат земното благоденствие и егоистичните интереси на одделната индивидуа. Тие ја одразуваат вистината за човекот како создаден по Божји образ и повикан кон богоподобие и вечен живот во Божјото Царство. Евангелските вистини објавуваат вредности, чие достигање го прави човекот способен да го разбере и почувствува Божјото присуство во историјата на човештвото и во својот сопствен живот, да Го прими Бога во своето срце и да стане причесник на Божјото вечно и апсолутно битие.

Христијанството ја признава човечката повреденост после гревопадот на прародителите и склоноста на повредената човечка природа да ги следи своите плотски потреби, егоистични интереси и страсти, но преку систем од богооткриени заповеди и правила Црквата се стреми да ја ограничи оваа склоност и да ја насочи човечката волја и поведение кон високите идеали на евангелските вистини. А светото Православие, не само што ја открива богооткриената вистина за возвишениот происход и назначеност на човекот, туку ни дава и благодатни сили да ја постигнеме таа назначеност.

Црквата Христова секогаш, од самото свое основање до денес, ги објавувала овие вистини, сведочела за важноста да се запазуваат Христовите морални правила и да се следат традиционалните, богозаповедани и морални идеали, зашто тие го поткрепуваат духовниот имунитет од злото и распадливоста, кои му се својствени на светот што лежи во зло, а ја обезбедуваат и устојчивоста и животоспособноста на општеството.

Кога европските народи ја примаат христијанската вера, тие ги примаат и старозаветните десет заповеди и новозаветната етика, заснована врз учењето на Господ Исус Христос. Новите морални идеали, чие воплотување е Самиот Син Божји Господ Исус Христос, од корен ги променуваат новопокрстените народи и ги возведуваат на ново духовно-морално ниво на постоење и развој. Овој систем од вредности, во текот на вековите за европските народи бил регулатор на општествениот, семејниот и личниот живот на европејците и е во основата на егзистенцијалниот опит на редица поколенија. Евангелските духовно-морални идеали и стремежот за нивното воплотување во животот на луѓето, го создале во европеецот и самообразното чувство за добро и зло, исправно и неисправно, справедливо и несправедливо, кој му дозволува правилно да се ориентира во реалноста што го опкружува и да ги идентификува новите појави во општеството сообразно со евангелските вистини, црковното предание и традициите.

Но, иако порано христијанскиот свет се поврзувал со Европа, во втората половина на ХХ век ситуацијата на Стариот континент почнува да се променува. Општеството брзо се секуларизира, христијанските традиции почнуваат да се ставаат под сомнение и да се издигаат на ниво на култ човечките права и слободи, извадени од контекстот на Христовото учење за човечкото достоинство и слободна волја. Како резултат на судирот помеѓу правата на човекот и моралот, денес стануваме сведоци на оправдување и озаконување на неморални постапки под изговор дека се заштитуваат човечките права и слободи. Вредносниот систем од Христоцентричен станува антропоцентричен, општото добро отстапува пред личното, а есхатолошкото блаженство пред стремежот за блаженство овде и сега, и тоа со сите можни средства.

Илјада лета по ред, Европа имала свој релативно одржлив морален кодекс и општоприфатени морални правила. Денес стануваме сведоци на последователно разградување на оној вредносен систем кој го определувал светогледот и животот на нашите предци. Вдахновени од идеите на Просветителството и неговите специфични претстави за слобода и толерантност, современите поддржувачи на либералниот хуманизам намерно налагаат убедувања и начин на живот кои се туѓи за христијанското разбирање. Под превезот на запазување на човечките права, толерантност и демократски релативизам, добро организирани малцинства категорично ги налагаат своите погледи на мнозинството, притоа со нулта толерантност по однос на религиозните убедувања и народните традиции, кои се несогласни со нивните сопствени либерални убедувања и начин на живот.

Се разбира, религиозноста не е гаранција за висок морал, како што и атеизмот не означува задолжително порочен живот. Помеѓу неверните луѓе несомнено има такви кои водат висок морален живот и исповедаат високи идеали, како што и помеѓу верните има грешници и престапници, но има кардинална разлика помеѓу верниот човек и современиот носител на секуларниот светоглед. Првиот, извршувајќи грев, ја сознава гревовноста на својата постапка, се покајува и се стреми да се поправи, додека вториот не го смета гревот за грев, зашто го оправдува на основа на специјално создадените за целта идеолошки парадигми. Парадигми, кои лежат во основата на новиот морален кодекс, кој наполно расчистил со религиозните традиции и цели кон создавање на нов тип на човек, лишен од апсолутни морални ориентири.

Но, дури и ако даден морален систем се налага не со лоша умисла, а со цел да се изгради едно посправедливо општество, каде што секое човечко суштество ќе има свое достојно место и живот, треба да е јасно дека изградувањето на таков свет е невозможно без Бога и без востановените од Него апсолутни морални закони и уредби. Секакви обиди во насока на изградување на општество без Бог и општовалидни високи морални идеали, неизбежно ќе доведат до општество во кое царува беззаконието, општество осудено на пад и загинување. Историјата сведочи за повеќе примери на такви цивилизации и општества.

Современа Европа сè повеќе се отцепува од својата христијанска традиција, а притоа ја губи здравата потпора на вистинските и непреодни вредности и многувековниот религиозен опит на минатите поколенија, а човек многу лесно може да се изгуби во денешното море од различни, взаемно негаторски теории, во сè поразвиените морални категории и заменска терминологија, ако ги нема јасните ориентири што ги дава христијанското учење, запазено во полнота и чистота во светото Православие.

На пример, денес во современа Европа, се отфрла разбирањето за бракот како свештен сојуз меѓу еден маж и една жена и тоа не останува само на полето на расудувања и дискусии, но се става и во законодавни норми. „Живееме во времиња кога моралните вредности кои векови наназад биле верен ориентир за луѓето, поткрепа на моралот и спојка за општеството, лекомислено и насочено се подлагаат на измена и отфрлање, а кажано е: ‘Тешко на оние кои злото го нарекуваат добро и доброто – зло, темнината ја сметаат за светлина и светлината – за темнина!’ (Ис. 5,20)“. – вели бугарскиот Патријарх Неофит во едно од своите обраќања кон бугарскиот народ по повод одржувањето на една геј-парада во Софија.

Ќе го продолжам цитатот од ова патријаршиско обраќање. Кое ја коментира промената на вековната претстава за семејството и моралот, на која стануваме сведоци во наше време, со зборовите: „Од Бога, Кој го создал човекот како маж и жена (Битие 1,28) е даден и всаден морален закон: мажот и жената да се поврзуваат во свештениот и благословен сојуз на бракот, машкото и женското начало да се соединуваат и во тоа општење и единство во љубовта да растат кон совршенството. Тој модел на човечки взаемни односи е фундаментален, а неговото пренебрегнување води кон духовна смрт – како за одделниот човек како личност, така и за семејството и за општеството“.

И уште: „Провозгласувањето на гревот како норма и на погубното – за добро, не е нешто ново за човештвото“, вели Патријархот Неофит, „во историјата се гледаат трагични повторувања: во време на морална криза и пад народите биваат опфаќани од користољубие и гревовни страсти, кои ги поместуваат традиционалните морални вредности и идеали, го поразуваат како со метастази здравјето на општеството кое се отцепува од своите христијански корени, во стремежот да биде толерантно и хумано го заменува разбирањето на основните вредности како љубов и слобода и ја нарекува хомосексуалноста со морално неутрални изрази како ‘сексуално малцинство’ или ‘различна сексуална ориентација’. Но, да го сакаш човекот, да го цениш и уважуваш, не значи да бидеш рамнодушен за тоа по каков пат врви тој: вистински или лажен, пат кон спасение или кон погибел, кон живот или смрт“.

Можеби тука е местото да споделам дека во Бугарија, после надминувањето на расколот, за време на кој, освен единството на БПЦ, многу сериозно пострада и нејзиниот авторитет пред бугарското општество, денес бугарската држава и бугарското општество бараат и очекуваат Бугарската православна црква да го изразува својот став по сите актуелни прашања за општеството.

При разгледувањето на предлог-законите од Народното собрание, особено таквите кои се однесуваат на општествениот морал и етиката, или се допираат до вероисповеданијата во земјата, бугарскиот парламент официјално го бара ставот на Црквата по разгледуваниот предлог-закон, а широката јавност очекува и бара таков став по значајните за општеството проблеми, кој ќе им помогне на бугарските граѓани правилно да се ориентираат и информирано да го направат својот избор. БПЦ излегувала со свои ставови по однос на актуелниот медицински стандард за недоносените деца, предлог-законот за детето, предлог-законот за училишното и предучилишното образование, по однос на законот кој се допира до помогнатата репродукција и сурогатното мајчинство, законот за трансплантација на органи, ткиво и клетки, проектот за нов Семеен кодекс, законски мерки по однос на евтаназијата, легализацијата на лесните наркотици и многу други.

Во денови на тешки искушенија на земјата и народот, како во периодот на протестите и кризата во државноста през 2013 година, бранот од актови на самозапалувања през истата година, при различни беди и катастрофи, кризата со бегалците и друго, Бугарската православна црква со свои обраќања кон бугарскиот народ потсетувала на верните морални ориентири, апелирала кон ненасилност, општествен мир, солидарност, сострадание, разбирање, взаемна почит и љубов кон ближниот.

Во своите редовни обраќања кон бугарскиот народ по повод значајни црковни и официјални празници, во вонредни обраќања, изјави пред медиумите и интервјуа, бугарскиот Патријарх, како и митрополитите на БПЦ, не пропуштаат можност да напомнат за христијанските вистини, евангелските морални вредности и етика; да напомнат за здравите христијански традиции на нашиот православен народ, за историскиот опит кој сме го собрале, испитанијата низ кои сме поминале, укрепувани и наставувани од светата православна вера; да настојуваат дека врз овие здрави основи треба да ја градиме својата иднина; да ги напомнуваат верните перспективи, кон кои треба неотклонливо да се придржуваме како христијани и како православен народ.

Мислам дека нема да биде претерано ако кажеме дека, ако до пред 25 години за земјите од социјалистичкиот блок, во кој господареше милитантниот атеизам, Западна Европа беше пазителка на христијанските вредности, а денес е обратно. Нашите општества, во кои традиционалното вероисповедание е светото Православие, денес се можеби последниот бастион на христијанските вредности, традиции и морал во Европа и сите ние, кои се нарекуваме православни христијани, имаме исклучителна одговорност да ги пазиме, да настојуваме, да потсетуваме и да ги распространуваме во европскиот континент кој се секуларизира, евангелските вистини и Христовиот идеал како мерка и образец за човечкото поведение.

Ние, кои на дело се убедивме во бесмисленоста на атеизмот и го испитавме беспаќето и моралната деградација до која води следењето на идеали отцепени од Идеалот-Христос, денес во своите земји гледаме и стануваме соучесници на вистинска преродба и процвет на православната христијанска вера и реална, а не само декларативна слобода на вероисповеданијата.

Во истото време во „демократска“ и „толерантна“ Европа сè почесто гледаме религиозна нетрпеливост и стремеж не само верата да се истиснува од сферата на општествениот живот, но дури и личните убедувања на христијаните да се етикетираат како назадни, застарени, ограничени.

Ако до пред неколку години ги криевме крстчињата под облеката, а издигањето на светиот Крст на јавни места беше незамисливо, сега во демократска Европа ја гледаме истата нетрпеливост кон овој христијански симбол.

Во своето Обраќање по повод делото бр. 30814/06 на Европскиот суд за човечки права, по однос на присуството на христијанските симболи на јавни места, Светиот Синод на БПЦ – Бугарска Патријаршија вели: „Не треба да се останува без национална позиција, како од страна на државите, така и од страна на црквите, кога заштитата на индивидуалните човечки права, во тој ред и правото на вероисповедание, се користат за да се дадат на државите препораки од страна на Судот за да го засегнат единството на признатите од нив Цркви за државни, официјални или традиционални, или да ги игнорираат симболите на христијанството, за да осигурат преку рамноправноста со другите религии ‘плурализам во едно демократско општество’“.

Според нашите синодални архиереи „Европскиот суд за човекови права не може да им налага на државите општа рамка на поведение и законодавен однос кон основните цркви во државите и симболите на тие цркви, што, всушност, е прашање на национален суверенитет, кој се заснова на историското и културно наследство, што го запазило ткивото на европската христијанска цивилизација“. Во заклучокот се кажува дека „Бугарската православна црква секогаш стоела на принципиелни позиции кога станува збор за опстојување на националниот идентитет во бугарската држава, која се основа на источното Православие, како и за опстојување на општохристијанските вредности“.

Со задоволство сакам да одбележам дека во оваа своја високо одговорна општествена мисија, БПЦ низ последните години ги има за свои сојузници и медиумите – црковните, но и сериозните светски медиуми, кои при добра работа со новинарите, се покажаа многу приемчиви за сите добри иницијативи и усилби на Бугарската црква. Тие не само што со голема желба ги објавуваат и емитуваат добиените од нас информации за настани од црковниот календар, животот на Црквата и нејзините ставови по различни актуелни прашања, но и самите се интересираат и бараат да го слушнат нејзиниот глас, како и да најдат добри примери за висока моралност и силна вера, коишто ќе ги популаризираат. Притоа ја наоѓаат нашата полна соработка.

Во својство на началник на Одделот за „Врски со јавноста“ на Светиот Синод на БПЦ, одделувам многу време за непосредно општење со новинарите од ресорите поврзани со Црквата. Се грижам да создадам однос на доверба, взаемно уважување и соработка. Им говорам многу за одговорноста која ја носи човек за секој свој збор, каква важна улога имаат нашите зборови врз мислењето, ставот и животот на луѓето, до кои тие стигаат. И колку е огромна одговорноста на луѓето како нив, чии зборови стигаат до илјади и стотици илјади луѓе и одекнуваат во нивните умови и срца.

Од сè во овој живот треба да бараме духовна полза. Од погледот во другиот човек – исто, треба да бараме пример или поука. Особено внимателни по тој однос треба да бидат популарните личности и новинарите – каков пример претставуваат на луѓето. Мојот апел кон нив секогаш е: сè повеќе да се грижиме да го задржуваме вниманието врз добриот пример и врз она коешто насочува кон добро. Зашто човекот има право да се изразува слободно – не го оспоруваме тоа, но како што кажавме, треба да се ползуваме со својата слобода одговорно.

Современото општество, целиот т.н. „модерен свет“ е во длабока морална криза, криза која се одразува во самиот општествен ред, во односите, во движечките сили и вредности. За да излеземе од неа треба да сме внатрешно силни и мотивирани да го променуваме ова општество, започнувајќи од самите себе си и од својот живот, во насока кон оние взаемни односи и вредности, кон кои нè повикува Христос и кои ни се всадени од Творецот во основата на битието.

Треба јасно да си даваме сметка дека основните причини за проблемите во современото општество и индивидуално, во Европа, е вредносната дезориентираност на современиот човек, губењето на оние духовни темели врз кои поколенија со ред го граделе своето општество. Денес стануваме сведоци на тоа како во цели држави официјално се озаконува беззаконието и гревот. Но, моралниот закон е „запишан“ од Творецот, врз плочите на срцето на секој и кога човек ги погазува Неговите правила, неговата совест го изобличува. Оттука, од животот далеку од Бога и од нашата предодреденост, доаѓа и тоа чувство на празнотија, страв, ескалирачка агресивност, која го угнетува човекот и ги цеди неговите животни сили.

Духовната криза е криза на вредностите, криза на општоприфатеното разбирање за тоа: што е важно во овој живот, како треба да живееме и на што вреди да си го посветиме животот, криза на идеалите и примерите за подражавање. Христијанинот, но и секој човек, каде и да се наоѓа – во храмот, дома, на работното место или на улица, треба да се раководи од едни и исти морални принципи: братољубие, чесност, мирољубие, справедливост и да се стреми кон еден идеал – Господ Исус Христос. Овие принципи треба да се определувачки за нашето поведение на сите нивоа: на личен план, во семејството, во професионалната сфера, економските односи, политиката.

Ако во своите дела сме раководени од егоизам и небрежност кон ближните, а уште повеќе од омраза и ожесточување, никогаш нема да постигнеме среќа и добробит, ниту на личен, ниту на општествен план. Зашто Бог ја поврзал нашата добробит со запазувањето на одредени правила, со морален закон кој го наоѓа своето исполнување во двете најважни христијански заповеди: возљуби Го Бога и возљуби го ближниот како себе си.

Бугарскиот Патријарх вели: „Во денешното немирно време, кога постои закана за христијанските основи на европската цивилизација, кога се ставаат на дискусија вековните претстави за морал, ние, православните духовници, политичари и општественици од различни земји, со сите луѓе од светот со добра волја, треба да ги обединиме своите сили за заштита на исконските христијански морални вредности и норми на поведение“.

Патот кон ослободување од угнетувањето од социјалните недостатоци на општеството е директно поврзан со растењето на секој човек во моралните идеали што ни се завештани од Господ Исус Христос и усилбите на Црквата во оваа насока стануваат дефинирачки за нивното решавање. Во оваа врска дури и луѓе кои се далеку од Црквата сметаат дека таа е потребна на општеството како пазителка на традиционалните вредности и е важен елемент од националното самосознание и култура.

Конкретно за БПЦ, мислам дека нема да биде претерано, ако кажам дека едвај низ последните неколку години, после распадот на комунистичката атеистичка власт и следниот период на расколот, кој никна и постоеше со активното учество на Државата, можеме да зборуваме за конструктивна соработка помеѓу бугарската држава и нашата православна Црква по тој однос.

Новото, што се случува како последица, е дека БПЦ и бугарската држава започнуваат да се осознаваат и гледаат како рамноправни партнери и сотрудници во редица области, осознавајќи дека така, преку взаемна помош и надополнување, нивните усилби ќе имаат подобар резултат. Отворањето на оддел при синодалната канцеларија, чија грижа и задолжение е потпомагање на контактите на БПЦ со државата и широката јавност е имено израз на ова разбирање на Неговата светост патријарх Неофит и на Светиот синод на БПЦ за важноста на општественото служење на Црквата. Во текот на последните три години социолошките проучувања на општественото мнение несомнено ја покажуваат постигнатата доверба кон БПЦ помеѓу бугарските граѓани, а според тоа избраниот пат за односи со општеството е правилниот.

Државата може да ѝ даде можност, па дури и да ја потпомага Црквата за да ја исполнува својата мисија, но и да ѝ пречи, дури и да ја подложи на отворено гонење. Слава на Бога, ние денес се радуваме на светска власт која на никаков начин не ја ограничува БПЦ да го извршува своето служење и сè повеќе политичари разбираат колку е важна и детерминирачка е верата за светогледот на луѓето, за нивната мотивација, приоритети, вредносен систем и за нивниот однос кон своите професионални, општествени, граѓански, лични ангажмани, цели и начин на живот.

Како што православните христијани, верните луѓе, се и граѓани на оваа држава и неделив дел од нашето општество, така и Црквата и Државата се многу тесно поврзани и имено грижата за човекот треба да биде најважната сфера на взаемна работа помеѓу Црквата и светската власт. Грижата за моралноста, грижата за запазувањето на традиционалните вредности и нашето културно наследство, мирот, справедливоста и согласноста во општеството се заедничка грижа на духовната и световната власт во една држава и колку поактивно е ова взаемодејствие, толку подобро, толку поцелосно ќе живееме во духовно-морална, интелектуална, културна и социјална смисла и толку поздраво ќе биде нашето општество.

Црквата е одделена од државата, но не може да се оддели од општеството и да абдицира од одговорноста за духовната состојба на народот. Црквата и власта имаат грижа за еден ист народ и повисокиот општествен морал е нивна заедничка цел, а православната вера има докажано позитивно влијание врз душите на луѓето, нивното изградување како целосни личности и добри граѓани. Таа учи дека секој човек има уникатни дарби од Бога и духовни квалитети, за кои е повикан да ги развива за свое спасение и за полза на другите луѓе.

Се разбира, влијанието на Црквата врз политичкиот, економскиот и социјалниот живот не се остварува преку надворешен притисок и мешање, туку однатре, преку влијание врз човечката совест и светоглед. Бидејќи „не од овој свет“ и постоејќи заради вечното спасение, признавајќи го како вторично и несовршено, но безусловно неопходно, секое државно устројство, религијата влијае на внатрешната состојба на луѓето и на нивните претстави за животот и односите.

Духовништвото, извршувајќи го своето служење и пастирска грижа, во голем дел го формира погледот на тоа што е морално, а што неморално, што е добро, а што зло, што е справедливо, а што не, како човек да се однесува кон своите семејни, службени, граѓански должности, кон својот сопствен живот, кон другите, кон управниците, кон екологијата, кон една или друга појава во општеството и светот. Водејќи постојана борба со гревот, за духовното и морално здравје на својата паства и за спасението на нивните души, Црквата неминовно и несомнено влијае врз општествениот живот. И слава на Бога, зашто без утврдувањето на основните морални принципи на христијанството во умовите и срцата на луѓето, општеството никогаш не може да излезе од својата криза на системот.

Основниот проблем на Црквата сега и секогаш е борбата со гревот – посочувањето на гревот и потпомагање на луѓето да ги преодолеат своите гревовни пројави и страсти. Од самото свое основање од страна на Господ Исус Христос, па до денес, Црквата била носител и ги утврдувала највозвишените идеали: Божјата правда – апсолутната, која ја надвишува „мојата правда“, „твојата правда“, „неговата правда“ или „правдата“ на дадена политичка сила или власт; го утврдувала мирот што извира од чистата и непорочна совест; ја утврдувала безусловната и никогаш неотпадната љубов кон секој човек како Божјо создание; единството и взаемната помош помеѓу луѓето на основа на взаемното уважување и љубов. Затоа и улогата на Црквата во животот на одделниот човек и народ е од толкава животна важност, зашто таа и во најсмутните времиња не се поколебува да ги објавува овие непреодни вистини и возвишени идеали, а нејзините достојни чеда да се раководат од овие евангелски принципи во своите секојдневни дела и при земањето на судбоносни решенија.

Човекот е така устроен, така што сакал или не – верува. Верата дека нема Бог, дека сè ни е дозволено, дека нема плата и справедливост, дека љубовта е измама и така натаму, исто така е вера. Но, тоа е вера која го прави човекот демотивиран, самотен, озлобен и, во крајна сметка, длабоко несреќен. Треба разумно и внимателно да избираме во што ќе веруваме, зашто како што кажавме: од тоа во што веруваме, зависи како ќе живееме, како ќе ги перципираме луѓето и светот околу нас и како ќе ни помине животот.

Причината за страдањата во овој свет секогаш била една и иста: нашето оддалечување од Бога, нарушувањето на боговостановените морални правила, поради нашите недостатоци: алчноста, омразата, егоизмот, ожесточувањето, зависта итн. Залог и основа за преобразување на општеството, на народот, на земјата е духовно-моралното изменување на одделниот човек. Од тоа какви сме ние како личности, каков е нашиот систем на вредности, животни приоритети и морален облик, зависи состојбата и патот на развивање на општеството.

Сè започнува од длабочините на човечкото срце, а Црквата Христова е повикана да ги преобразува човечките срца, да ги утврдува вистинските непреодни вредности и да нè води кон спасение од злото. Затоа е толку важно да ја пазиме нашата православна вера, да ја преумножуваме во своето срце и да растеме во неа. Тогаш нашиот живот и животот на светот ќе се преобразува, а Христос – Воскреснатиот, Победителот на ѓаволот и смртта, Љубвеобилниот и Сесилниот – ќе биде со нас. А, ако Он е со нас, кој ќе биде против нас и од што ќе се уплашиме? (сп. Рим. 8,31).


[1] Г-ѓа Александра Карамихалева е поранешен раководител на Одделот „Врски со медиумите и јавноста“, при БПЦ – БП. Во моментов таа ја извршува должноста на главен уредник на Службениот дел на „Црковниот весник“ на БПЦ. Предавање на Семинар: ХРИСТИЈАНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ЕВРОПА, 28 октомври 2017 год, во организација на АПЕР Просветление.