Ревноста и жарот со кои Исус Христос се доверил Себеси на Бога, потполно предавајќи се на Неговата волја, со векови претставувале пример и углед во христијанската историја, како за поединците, така и за христијанските цркви, за и тие да Го подражаваат во животот: активно и борбено, носејќи оган на земјата, и со него создавајќи ја вистинската историја. Зошто тогаш оваа Христова ревност за Бога, толку често и трагично се извртувала во фанатизам кај таканаречените Христијани кои претходно не се очистиле самите себе со огнот, за така очистени и просветлени од љубовта да дејствуваат меѓу луѓето, туку тој небесен оган многу брзо станувал крвав меч кој ги сечел околу себе сите „неверници“ и „шизматици“? Немам друг одговор, барем до сега, освен оној психолошкиот: таму каде што на некој страстен, силен и зилотски настроен поединец, или ист таков народ, му е подарено изобилие од благодатни дарови, има и многу демонски искушенија, злобни страсти и гревови од секаков вид. Со примањето на христијанството, секој човек поодделно, како и сите народи кои се крстиле со крстот, примиле на себе тешка обврска: да го носат Христовиот Крст, но не и да го наметнуваат на другите!
Да се вратиме уште еднаш на насушната потреба на секој човек за трпение. Различноста на луѓето секогаш одново нè збунува, плаши, прави сомнежливи и затворени пред поинаквото и непознатото. Зошто толку многу религии, начини на верување, однесување, обичаи, јазици, раси, народи – често дури и несвесно се прашуваме. Колку би било убаво и на сите полесно доколку сите бевме православни, или католици, или муслимани или комунисти! А зошто тогаш, ве прашувам, толку бескрајна разноликост во природата, во растителниот и животинскиот свет на Земјата, од каде на една ливада толку различно цвеќе и тоа едно покрај друго, што го восхитува нашиот поглед и ги возвишува нашите чувства кога сме во природа? А колку, пак, различни се живеалиштата во домот на мојот Отец Небесен, во Вселената, во милијардите сончеви системи!
Колку пати треба да го прочитаме извонредното Прво послание на апостолот Павле кон Коринтјаните (особено 12-та и 13-та глава), во кое великиот Апостол на Христијанството секогаш одново нè потсетува дека различни се даровите, но Духот е еден и ист, за да нема расправии во телото, туку органите подеднакво да се грижат едни за други, бидејќи сите сме тело Христово, а поодделно – членови!
Затоа, ми се чини, дека треба секогаш одново и одново да бараме сличност и единство во различноста; тоа е Божјиот план кој се согледува во сите живи битија, тоа е онаа прабилка на Гете, всушност, Духот Свет Којшто дува каде што сака.
Кога ќе го откриеме Едното во мноштвото, нема веќе да има страв и збунетост во нас, туку восхит и славење на Творецот Кој пребогато се излеал во сè видливо и невидливо. Нашата нетрпеливост, понекогаш засилена до степен на страшен фанатизам, доаѓа од нашата слабост и страст. Затоа, Виктор Франкл е потполно во право кога вели: „Верата не смее да биде крута, туку силна. Крутата вера го прави човекот фанатичен, а силната толерантен“, или, како што пишува еден друг христијански мислител:
„Луѓето многу се пазат од личности кои сакаат да ги превоспитаат. Да не правиме од проповедта на Евангелието предмет на нашата саможивост, туку секогаш да ја почитуваме совеста на другиот. За Божјата мисија во светот најмногу ќе направиме ако бидеме вистински чесни кон сите оние кои Бог ги ставил на нашиот пат, без разлика на нивните убедувања. Јавувањето на Царството Божјо е нешто премногу свето и велико, за да можеме да ги смешаме во тоа нашите лични амбиции и желби и своето мислење да го наметнуваме на другите. Во ова најопасно е себе да се сметаме за подобри и поголеми од другите“.
Колку повеќе ги шириме нашите срца во љубовта, надежта и верата со Христос во нас – но само ако претходно го запознаеме своето христијанско потекло, потоа и својата христијанска националност и навистина бидеме пронижени од Христовиот Дух – толку побрзо и полесно ќе ја сместуваме во нас различноста на светот и различноста на верувањето на народите. Токму тоа поимање на различноста во љубов и од љубов, можеби навистина ќе нè прошири сè до мерата на растот на полнотата Христова.
Извадок од книгата: Владета Јеротић, Само дела љубави остају, Београд 2017.