Концептот на виртуелноста и модерната мисија

Во историјата на човековото постоење индивидуализацијата се појавува како директен резултат на она што на богословскиот јазик се именува како човеков пад, резултат на одбивањето на Другиот, нашиот Творец, од првиот човек, Адам. Постои патологија вградена во самите корени на нашата егзистенција, наследена преку нашето раѓање, а тоа е стравот од другиот, страв од самата можност човекот да се сподели себеси со некој друг. Чувствуваме сè поголема закана од присуството на другиот. Присилени сме и дури охрабрени да го сметаме другиот за наш непријател, пред да почнеме да го третираме како пријател. Заедницата со другиот не е спонтана; изградена е на огради кои нè штитат од опасностите имплицирани во присуството на другиот. Го прифаќаме другиот во онаа мера која не ја загрозува нашата приватност или толку колку што е корисен за нашата индивидуална среќа.

Од друга страна, луѓето од сите епохи имаат длабока потреба за примање на нивната личност во една заедница на љубов и на братски односи. Таа потреба ја чувствува и во голема мера неисполнетиот современ човек поради неговото големо оттуѓување од Бога, од коешто произлегува и неговото оттуѓување од ближниот. Кога Бог отсуствува од животот на луѓето, отсуствува и соединувачкиот центар, а луѓето, и покрај многуте средства за комуникација, дури и кога се доближуваат меѓу себе, остануваат суштински, душевно неповрзани, како што се случува дури и во самиот брак. Сходно на ова, помирувањето со Бога е неопходен предуслов за помирување со другите.

Интуитивно свесен за кризата на идентитетот во односот со другите луѓе, модерниот човек најчесто не сака да го надмине овој проблем на начин крстоносен, литургиски, на начин кој подразбира подвиг и жртва за другиот како идеал на христијанската љубов и врв на сите подвизи. Токму подвигот е нешто најмачно за современиот човек од којшто тој бега во сите сфери, барајќи го не она што е спасоносно и вистинито, туку она што е лесно и примамливо. И така, немоќен да живее во заедница со Бога и со ближните, човекот прибегнува кон сурогати, вештачки блаженства и рај, неодговорни телесни односи и сл., што конечно му ја прошируваат не-заедницата и го прават невротичен и плашлив. Утилитарно-хедонистичката етика, која стои во основата на овој проблем и не му дозволува на субјектот задоволување на туѓите потреби ако тие не се совпаѓаат со неговите, го турка во изнаоѓање алтернативни решенија, алтернативна заедница, алтернативен, виртуелен ближен, алтернативен односно виртуелен универзум.

Концептот на виртуелен свет како субститут на реалноста претставува обид да се побегне од овој свет и неговите искушенија во друг, имагинарен свет, кадешто не постои неопходност од искуството на Крстот во меѓучовечката комуникација, нема потреба од подвиг, нема потреба од покајание, нема потреба дури и од елементарна одговорност и, во крајна линија, нема потреба од Бога. Наместо да се обиде активно да делува во светот кој го опкружува, да го преобрази однатре и однадвор со тоа што ќе започне со преобразување на својата личност, современиот човек ја избира другата можност, а тоа е пренесување на својот живот во виртуелниот свет, кадешто ќе се обиде да го реализира она што во реалниот живот не успева.

Навиката кон страста (која според Светите Отци создава втора природа) го поттикнува човекот да преживува, да страда, да има чувства, да биде соучесник на она што се случува во виртуелната реалност. Така тој неосетно создава своја ,виртуелна ипостас“, го пренесува своето постоење во новата реалност, далеку од своето конкретно биолошко постоење. Во мрежата тој има сè – изобилство на информации, анонимни пријатели со кои може да разговара за православието, та дури и прекрасни ,онлајн“ богослужби. Добивајќи го сето кажано во пустите фантазии на разумот, тие поради своето прекумерно безумие си вообразуваат дека со она на кое се надеваат веќе се насладуваат како присутно и фрлено пред нивните нозе. Гледање соништа во будна состојба на телото, претставува болест која е својствена на мрзливата и негрижлива душа .

Виртуелната реалност, како дефиниција за девијантна појава во меѓучовечките односи и комуникација, се стреми да ги сокрие сите недостатоци на личноста, но притоа ги губи и сите нејзини вистински вредности, кои во виртуелноста исчезнуваат.

Фантазија (имагинација) – е термин кој Светите Отци го употребуваат за опис на начин, преку кој се отфрла вистината создадена од Света Троица. Светот на фантазијата и виртуелноста не е само бегање од проблемот на реалноста: човекот создава алтернативна псевдовселена, кадешто не постои неопходност од покајание за гревот и страстите. Фантазијата го засилува одрекувањето од Света Троица и одбивањето на благодатта. Таа го одвраќа вниманието на срцето од Света Троица и од задобивањето благодат и го насочува на страстни желби за поседување на целиот свет – виртуелен свет, кој загубил секаква врска со Бога. Фантазијата – тоа е илузорно претставување на непостоечка реалност од страна на човекот, тоа е пат на кој човекот ја одвојува тварта од Творецот, се одвојува себеси од Бога“. Имагинацијата ги препокрива токму оние канали, преку кои е единствено возможно да пријде до нас реалната, дејствена благодат. На јазикот на аскетиката тоа се нарекува духовна прелест. Ако гревот, вината и суетата го попречуваат општењето со Бога, прелеста го заменува, отфрлајќи го како можност.Со Бога можеш да се сретнеш насекаде, дури и во пеколот, како што вели Псалмопевецот: Ако слезам во пеколот – и таму си Ти (Пс. 138:8), а христијанската традиција зборува за присуство на Христос во адот. Има само едно место, кадешто средбата со Бога е невозможна, имено во имагинарниот свет“.

Ако фантазијата и не е некој нов поим, мрежниот компјутерски виртуелен свет е нова и единствена појава во историјата. Модерниот човек ја заменува реалноста, стапувајќи во псевдооднос со виртуелниот свет, однос дефиниран како интимност без одговорност, псевдооднос кој создава илузија на комуникација и заедништво. Во прашање е класична криза на идентитетот на личноста, а технолошката зависност е само последица. Проблемот не е во самата технологија, туку во начинот на кој таа стана изговор за човековата страст да го претвора животот во илузија, да ја заменува полнотата на животот со некоја негова верзија, а зошто да не – виртуелна?

Искушението на пандигитализација на свеста треба да се разоткрива и разобличува преку литургиската свест и од есхатолошкиот аспект. Тука лежи одговорноста на современите христијани, зашто само со делотворен пример може да се покаже правилно користење на дигиталните технологии и автентичен однос кон Бога и кон луѓето. Само Православното искуство може да му понуди на човекот животворен лек, спасоносен начин за преовладување на амбисот кој зјае помеѓу пројавата на образот (во желбата за заедничење) и реализацијата на овој потенцијал.

Реалноста на Црквата е заедницата. Во неа луѓето се учат на заедничарење. Само таа има капацитет да формира и култивира поинаква култура на комуникација во секого што е нејзин член, а на тој начин и да дејствува во општеството. Таа е жив организам, чиишто клетки сме самите ние, таа е тело Христово. Секој кој влегува во Црквата со себе го внесува своето бреме, своите гревови, своите страсти, својата култура и токму тука се здобива со можност да ги преобрази, преку учеството во животот на Црквата, во Светите Таинства, во Светата Евхаристија. Храната за вечен живот, која Црквата му ја нуди на човекот, е апсолутно реална и вкусувањето од неа во тајната Евхаристија го гради опитот на вистинска комуникација – општење со Христос и со ближните. Ова е автентичниот православен реализам и единствен противотров за секоја виртуелна верзија на животот.

(Извадок од дипломската работа на тема: УПОТРЕБАТА НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ МЕДИУМИ ВО МИСИЈАТА НА ЦРКВАТА ДЕНЕС)