Да се трудиме за даровите на Светиот Дух

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, за празникот Педесетница, изговорено на Светата Литургија, на 5 јуни 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, изминаа педесет дена од Светата Пасха, од Воскресението Христово и во овој педесетти ден, на Светата Педесетница, го славиме слегувањето на Светиот Дух врз апостолите – настан од суштинско значење во Божјиот домострој за спасението и обожението на човекот. Всушност, со овој празник се заокружува тој Божествен домострој, бидејќи со него се втемелува Светата Црква.

 Слегувањето на Светиот Дух станало согласно ветувањето што Господ Христос им го дал на апостолите, пред Неговото заминување на доброволно страдање – имено дека Он ќе им испрати друг Утешител, Духот на вистината: А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе Го испратам Јас од Отецот, Духот на Вистината, Кој излегува од Отецот, Тој ќе сведочи за Мене (Јован 15,6). Истото ветување Он им го потврдил и кога воскреснал, пред Своето Вознесение: Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене… Ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата (Дела :4,8). И навистина, педесет дена по Своето славно Воскресение, Христос на Своите ученици, со кои, се разбира, била и Неговата пречиста Мајка, им Го испратил Светиот Дух, Кој слегол врз нив во вид на огнени јазици: И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети (Дела 2,3-4). По ваквото Божествено собитие Апостолите, поткрепени од Духот, се распрснале по целиот тогаш познат свет, за да го проповедаат спасителното Евангелие со несоборлива вера, со Божествена мудрост и со дар на чудотворство.

Бог Светиот Дух е вистинскиот просветител и очистител. Он слезе врз апостолите и им потврди дека Воскреснатиот Исус е Синот и Словото Божјо и Спасител на светот и им вдахна храброст да ја проповедаат насекаде таа вистина. Во Светото Писмо читаме дека учениците иако Го виделе Христа воскреснат, сепак имале многу сомнежи и недоумици во себе. Но кога на овој ден Светиот Дух сллегол на нив, Тој им ги отворил духовните очи за да ги разбираат светите писанија, ги просветлил, ги научил да зборуваат разни јазици, односно ги облагородил со животворна и обожувачка енергија, којашто ја нарекуваме благодат. И од тој миг тие станале храбри проповедници, распоредители на разнообразната Божја благодат, непоколебливи темели на Христовата Црква. Имајќи Го во себе Светиот Дух, апостолите започнале да им Го предаваат на сите луѓе, на целиот собор верници, на сета Црква.

Рековме дека на овој ден Светиот Дух слегол во вид на огнени јазици. Го направил тоа за да покаже дека како што огнот има својство да свети и да ги очистува благородните метали од земјата, така и Светиот Дух има својство, во духовна смисла, да нѐ просветлува и да нѐ очистува. Тоа е Неговото дејство во Црквата. Тука важно е да напоменеме дека Светиот Дух не слегол само еднаш и само во тој даден временски момент врз Христовите следбеници, туку слегува постојано, посетувајќи го благодатно литургиското собрание на верните. Историската Педесетница е само почеток на Неговото дејствување во Црквата. Всушност, Светиот Дух постојано обитава во Црквата Божја. Присутен е и дејствува во секоја света тајна, особено во тајната на Светата Евхаристија – којашто, патем, ја служиме сега во овој свет храм, кога Му ги принесуваме даровите  и кога тие дарови, лебот и виното, преку Неговата сила и дејство, се претвораат во вистински тело и крв Христови, со кои ние се осветуваме.

Мили мои, Светиот Дух ја наполни Црквата, за ние да се наполниме со Него. Тоа е единствената цел на нашето суштествување во Црквата: да се стремиме со сиот наш живот да Го здобиваме, да Го стекнуваме Светиот Дух. Свети Серафим Саровски вели: „Целта на мојот живот е здобивање на Светиот Дух“. Впрочем, тоа е целта на секој еден човек создаден од Бога. Ние Христијаните го имаме тој благослов Божји да можеме да Го стекнуваме Светиот Дух, за потоа да Го предаваме и на светот. Оти, единствено Светиот Дух го прави човекот вистински, автентичен, онака како што бил првоначално замислен и створен од Бог Творецот.  Тој го прави човекот целосен, според образот и подобието Божјо. Само човекот исполнет со Духот Свети е радосен човек. Тоа најдобро ни го објаснува Светот апостол Павле, кој како најважни плодови на Духот ги набројува: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, благоста, добрината, верноста, кротоста, воздржливоста (сп. Гал. 5,22-23). Еве ги одликите на оној кој Го здобил Светиот Дух. Меѓу другото, гледаме дека таквиот човек е кроток, добар и милосрден, полн со љубов. Значи, Светиот Дух е Оној Кој го востановува човека во неговата првобитна полнота и убавина, да биде сличен на неговиот Создател. Следствено, Духот Божји посредува човекот да се преобрази и да стане добар и совршен човек. Науката и техниката, социјалните мрежи и вештачката интелигенција, којашто веќе ги надминува границите на нормалното, нема да нѐ направат подобри и порадосни луѓе. Да можеа овие нешта да го усовршуваат човекот, денес немаше да имаме зло, војни, крвопролевања, меланхолија, депресии и несреќа. Напротив, се чини како злото да се умножило во луѓето. Освен тоа, сè потенка станува границата меѓу реалноста и виртуелноста. Животот ни станува имагинација. Луѓето повеќе не живеат автентичен живот, туку некаква симулација на живот. Тоа од своја страна повлекува, за жал, и духовноста на луѓето да стане еден симулакрум. Од оваа опасност, погубна за човечкиот дух, ние Христијаните треба особено да се пазиме. Повикани сме да бидеме светлина на светот и токму затоа треба со големо трезвеноумие да се трудиме во стекнувањето на даровите на Светиот Дух, та просветлени и патеводени од Него, да ја шириме Неговата топлина и светлина, подобно на апостолите. Рековме дека Светиот Дух му ги дава на човекот храброста и умеењето да твори добри дела. Он дури и неучените, необразованите ги прави просветлени и премудри ловци на човечки души за Бога. „Благословен си, Христе Боже наш, Кој премудри риболовците ги покажа, кога им Го испрати Светиот Дух, и преку нив ја улови вселената“ – пееме во тропарот на Педесетница. Ваквиот духовен риболов за Бога не застанал во апостолско време, туку со истата енергија продолжува и денес во Црквата Божја. И во нашево време Бог Светиот Дух покажува „премудри риболовци“ кои успокојуваат и облагородуваат илјадници души. Да погледнеме малку во минатиот век: голем дел од оние коишто последниве години беа превозгласени за светци, не беа теолози со диплома или некои извонредно учени луѓе, туку пред сè, личности на Духот Свет. Сите вие сте слушнале и сте читале за светите Старци Паисиј, Порфириј, Јаков Цаликис и др. Многу од нивните дела и житија се преведени и на македонски јазик. Тие биле прости монаси, не многу учени во световните науки, но затоа, пак, вистински магистри и доктори на премудрото Божествено учење. Погледнете само што направи Светиот Дух просветител преку нив! Едно огромно рамноапостолско дело! А направи, затоа што тие Му дозволиле да дејствува преку нив, станале Негови садови и спроводници. Преку покајанието, преку подвигот, жртвата, молитвите, милосрдието.

Токму тоа, мили мои, треба и ние да се трудиме да го правиме: да Го стекнуваме Светиот Дух. Најнапред да Го помолиме за прошка, бидејќи никој од нас не е достоен да биде Негово обиталиште. Не сме достојни, но сепак доколку со смирение и со желба да бидеме Негови причесници Му пристапиме, тогаш Он ќе дојде и ќе се всели во нашето срце, ќе почне да нè очистува од нашите прегрешенија и да нè просветлува. Затоа, на овој денешен голем празник, да се покаеме за сè што сме згрешиле во нашиот живот, да ги отвориме своите срца, та во нив да дојде Он, Духот Утешител, Духот на вистината, Кој ќе ни ги подари љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, благоста, добрината, верноста, кротоста, воздржливоста.

Амин!