Гласот Христов во нашиот живот

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија, во втората недела по Педесетница, на 18 јуни 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денешното Свето Евангелие од апостолот и евангелист Матеј ни зборува за Христовото повикување на првите ученици, за првиот апостолски призив. Првите апостоли биле, всушност, двајцата браќа Петар и Андреј, како и браќата Јаков и Јован. Минувајќи покрај Галилејското Езеро, Господ Исус Христос ги забележал овие прости риболовци и со наједноставни зборови ги повикал: Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе (Матеј 4,19). Она што е мошне интересно е дека тие обични, неуки луѓе, само на еден повик од Учителот, веднаш, без  прашања, без пресметки, без сомневања, ги оставиле своите чунови, рибарските мрежи – единствениот извор на својата егзистенција, а другите двајца дури и својот родител, татка им Заведеја – и тргнале по Христа. Тие не Му возвратиле на Оној Кој ги повикал со логиката од овој свет, која во овој случај би барала одговор на барем неколку основни прашања: Каде ќе одиме? Што значи тоа дека ќе бидеме ловци на луѓе? Тешка ли е таа работа? Колкава ќе биде нашата плата? Ќе имаме ли некакви овластувања и привилегии? – и слично на ова. Не, првите Христови ученици не поставиле ниедно од овие прашања, туку без никаков сомнеж и резерва, во истиот момент веднаш тргнале по необичниот Учител и станале Негови ученици. Кога човек повеќе ќе размисли за овој чуден призив и за мигновениот позитивен одговор, тогаш неминовно ќе се запраша: Со каков ли Божествен авторитет вибрирале овие Исусовите зборови?! Каков ли духовен магнетизам поседувала Неговата личност?! Која ли била таа пресилна харизма во Него, што да може уште веднаш да ги привлече луѓето кон Себе?!

Всушност, мили мои, овој повик на Господа Исуса Христа, со несмалена моќ се повторувал низ целата христијанска историја. И ден денес тој благодатен повик со истиот интензитет, со истата сила и енергија е упатен кон сите нас. На некој начин, секој од нас е повикан да биде ученик, сведок Христов. Нема значение дали тој призив е за свештенство, за монаштво, за брачен живот. Сите Христијани сме повикани да бидеме светлина на светот. Пред секого од нас е поставен императивот да го наследиме Царството Небесно, да се обожиме. Врвете по Мене. Едноставниот повик на Христа одекнува и во нашиве дни. „Врвете по Мене, Јас ќе ве направам Свои ученици, ќе ве направам светлина, а со тоа и ловци на луѓе“. Христијанинот со својот побожен и смирен живот и заедничарење во благодатните искуства на Црквата станува ловец на души, ловец за вистината, ловец за Царство на вечната радост.

Следствено, мили мои, сите ние имаме преголема одговорност пред Христа, затоа што сме го слушнале, а и постојано го слушаме тој Негов повик, Неговото слово, Неговото Евангелие упатено кон нас на нашиот мајчин македонски јазик. Неговиот глас, значи, стасува до нашето срце на јазик разбирлив за нас. Божјиот повик врви по Мене одѕвонува и во нашиот внатрешен човек. Слушнавме пред малку од апостолското четиво, коешто е поврзано со денешното Евангелие, како Апостолот Павле говори за внатрешниот закон во човекот, за совеста. Тие докажуваат дека делото на Законот е запишано во нивните срца, за што сведочи и нивната совест, а и нивните внатрешни размислувања, со кои меѓусебно се обвинуваат или одбрануваат. Тука Апостолот мисли на незнабошците кои не знаеле за правиот Бог, кои немаат Закон, но природно ги извршуваат одредбите на Законот (Рим. 2,14-15). Се водат, значи, од својата добра совест. И како добри луѓе, накрај ќе бидат оправдани од Бога. Замислете сега колкава одговорност имаме ние кои, покрај внатрешната совест, знаеме и за вистинскиот Бог, го читаме Светото Писмо, повикани сме од Господа Исуса Христа и уште го имаме и Неговото Евангелие на нашиот мајчин јазик! Не само што немаме никакво оправдание за да не бидеме добри луѓе, туку навистина би било жално и доколку не се стремиме кон нашето врховно предназначение, кон тоа да станеме обожени личности, охристовени луѓе. Бидејќи сме создадени според образ и подобие Божјо, ние сме призвани достојно да одговориме на тоа.

Сепак, за жал, се согледува една крајно неприлична состојба меѓу Христијаните, и тоа во голема мера меѓу оние кои одат во Црква, читаат Евангелие, и се фалат со својата вера по социјалните мрежи. Оти, напразно ни е сето знаење за верата и сè друго, ако ние не станеме, пред сè, добри луѓе. Факт е дека Христијаните не се тоа што треба да бидат. Прво ќе почнам од себеси, како што би требало и секој да започне од себеси, за да сфати и признае дека не сме онакви какви што треба да бидеме. Но прво да видиме какви тоа треба да бидеме, какви нè сака Господ. Он сака да нè направи Свои ученици, Свои следбеници. Да се биде, пак, Негов следбеник, значи да се биде кроток и смирен и добар, подобно на Него, Кој е кроток и смирен по срце (сп. Матеј 11,29). Ние, напротив, честопати стануваме лицемери и лажливци, затоа што само со уста го спомнуваме името Негово, а со срцето свое сме далеку од Него. А, на што нè повикува Господ денес? Каков треба да биде нашиот одговор, за да станеме Негови вистински ученици?

Евангелскиот расказ вели дека штом апостолите го слушнале Христовиот призив веднаш ги оставија мрежите коработ и татка си и тргнаа по Него и тргнаа по Него (Матеј 4:20,22). Значи, Господ на еден преносен начин нè повикува да ги оставиме сите оние нешта што нè приврзуваат за овој свет, за материјалното, за временото и како такви нè оддалечуваат од Христа. Нè повикува да ги оставиме мрежите на страстите што ја врзуваат и заплеткуваат нашата душа, мрежите на омразата, на зависта, на злобата, на лажните задоволства; нè повикува да го оставиме бедниот чун на нашиот лажен конформизам и да го напуштиме болниот егоизам кој е само происход на нашиот паднат ум, како своевидно наследство од падот на прататкото. Да ги оставиме страстите и сетилните задоволства, кои навистина стануваат наша замка, наш затвор, од каде што не можеме да излеземе, за да тргнеме по Христа и да станеме Негови ученици.

Па така, мили мои, да ги отвориме духовните очи и да видиме колку само мрежи сплетиле нашите страсти во секојдневното наше живеење и да почнеме, со Божја помош, преку пост, молитва, смирение и добрина, малку по малку да ги раскинуваме тие духовни окови, та да можеме без приговор, токму како апостолите, да тргнеме по Христа и да станеме Негови ученици. Ако настапиме со желба да ги оставиме своите страсти и пристрасности за овој свет и за сè што е во него, ако Бог види во нас искрена и силна желба да тргнеме по Него, тогаш Он ќе ни ја испрати преку Светот Дух потребната благодат и ќе нè направи Свои автентични следбеници. Оти, гледаме од житијата на апостолите, како нивните животи станале чудесни откако тие оставиле сè и тргнале по Христа; се восхитуваме на нивните подвизи, на нивната храброст, на нивните чудеса, на нивната проповед, на нивните зборови со преголема сила, и најмногу на нивната подготвеност да ги положат своите животи за Христа, за Вистината, за Воскресението. Но не само на апостолите.  Ние се восхитуваме и на сите оние кои низ целата историја станале Христови и преку Него направиле прекрасни и славни дела. Зашто, Христовиот глас е ист и вчера и денес и во веки. Истиот тој глас и ден денес нè повикува. Повикува свештеници, епископи, монаси, повикува Христијани, луѓе сведоци на благодатниот пат од животот во Христа. Еве, зарем денес не е големо чудо тоа што еден млад човек го прифаќа Христовиот призив да стане монах во овој збркан и прелестен век, кога луѓето се потполно изгубени дезориентирани?! Навистина е едно големо чудо. Исто како и апостолите, кога еден човек ќе замине во некој општежителен манастир за да стане монах, тој не прашува: Ќе имам ли некаква плата, или која ќе биде мојата молитва. Верувајте, и јас самиот, како духовен татко на монаси, не можам а да не се восхитувам постојано, и непрестајно благодарам за тоа големо чудо, за тој Христов глас кој одекнува низ вековите и повикува и до ден денес. Се чудам како еден млад човек доаѓа в манастир полн со радост, посакувајќи да биде монах, без притоа да прашува каква ќе биде неговата плата, неговата корист.

Најпосле, мили мои, без разлика каков е нашиот призив, дали сме епископи, свештеници, ѓакони, монаси, Христијани, да останеме верни на гласот од нашиот Спасител, да бидеме Негови нелажни следбеници, за да се обожиме и да сведочиме како Негови вистински деца, деца на светлината. Нека Он ни даде благодатни сили и нека Неговиот моќен глас допре до длабините на нашето битие, та облагодатени и осилени од него, да останеме верни до крај и да ги оставиме сите мрежи на лукавствата во нашето срце, како би станале вистински Христијани.

Амин.