Со огнот на Духот Божествен оросени биваме

Педесетница! Во каква нова радост се облече Црквата денес! Претходно на Маслиновата Гора, како верна невеста својот младоженец, Го следеше со поглед Христа Кој во слава се вознесе на небесата, а еве сега испратениот од Него Свет Дух слегува шумно во вид на огнени јазици, за да ги преобрази сите како што некогаш ги преобрази и бестрашни ги направи апостолите. И ете, одново, небото слегува на земјата, пламенот на Духот насекаде се разлева, тајната на верата се разјаснува, семето на Словото се посејува, народите се препораѓаат, чедата заталкани и загубени дома се враќаат. Сега сета твар во огнот се крштава, сè се изменува, обновува. Бог Духот Го испраќа, а човекот своето срце го подарува. Бог огнот го пали а човекот пламенот го разгорува. Човекот умот свој во висините духовни го издигнува, а Бог на него Духот на премудроста Го излева. Човекот дава сè што може и има, а Бог му го дава она што не може да го има – со Духот Свој Пресвет го оросува. Човекот го дава долното, Бог му го приведува горното. И во тоа општо преображение, тајната на спасението до крај се довршува, Црквата темели добива, сета твар во светлоста на Духот Христов се облекува, а Тој сите нас нè просветува, и како апостоли, на проповед на Вистината нè испраќа.

Спомнувајќи си за денот кога во Стариот Завет на Синајската гора ни беа дадени Божјите Заповеди, уште повеќе се радуваме и Го славиме Бога, зашто на истиот тој ден преку Духот Он ни го даде новиот закон на животот, слободата, восиновувањето, љубовта. Затоа денес Бигорски се закити со големо мноштво поклоници на Духот, соединети со монасите во една иста смирена молитва, која ја симнува на земјата благодатта на Утешителот благ. А кога повеќе од денес ни се потребни застапништвата на Оној Кој ни беше ветен од Спасителот уште пред тајната на Крстот!? Тој ни е единствената светлина и надеж за вечноста кога храброста ќе ја снема, кога ги затвораме дверите на нашето срце и кога стравот и рамнодушноста го определуваат односот со ближните наши. Тој е зракот што продира во густината на нашиот гревовен мрак и раѓа силно покајание. Тој е Оној Кому присутните во полниот бигорски храм, водени од прекрасните богослужбени стихири, ги управија своите срца, просејќи од Него да ги исполни со оган, да им дарува чудесно изменение, да ги исполни со смелост и борбеност духовна и да ги утврди во љубовта кон сите и сè, за усрдно да Го сведочат и на целиот свет да му го покажат Искупителот на душите наши.