Атеизам и морал

Човековиот духовен живот е разновиден и се манифестира низ повеќе области како што се религијата, моралот, уметноста, философијата, науката итн. Овие области на духовниот живот се различни но, многу често се поклопуваат, помагајќи си меѓусебно, како на пример, религијата со уметноста, религијата со науката итн. Во нашиов случај тоа е религијата, која е во тесна и суштинска врска со моралот, кој пак е неизоставен дел од секој религиозен облик. Сепак, не се сите религиски облици исти, па затоа и не можеме да зборуваме за возвишен и чист морал кај сите религии. Така на пр. кај Хиндуистите постои култ кон божицата Сакти, чија женска секта изведува развратни и блудни игри во чест на нивната богиња.

Моралот, пак, зависи од религијата и тоа двојно: како етички систем и како етичка пракса. Секоја религија си има свое морално учење. На пр. Христос, нашиот Спасител и моралот за совршената љубов, за простувањето, за Отецот Небесен, Кој е Милостив, можеме да го поврземе само со Евангелието и со верата во постоењето на Небесниот Отец, Кој нè спасува, Кој Е исполнет со љубов и со милосрдност, а никако со чудниот Зевс, или злобниот Шива, со пијаниот Бахус, со блудницата Венера, ниту пак со будизмот кој во својата суштина е чист атеизам, бидејќи Буда никогаш позитивно не одговорил дека Бог постои – неговиот одговор бил дека не постојат поголеми богови од него и дека тој не верува во „она што меѓу луѓето се зборува“.

Но, сепак атеистичките философи сметаат дека моралот исто така успева и на атеистички терен, па затоа нема некоја поконкретна врска со религијата. Како доказ наведуваат повеќе факти, меѓу кои е и тоа дека општите морални принципи се всадени во човечката природа и се заеднички за сите, без оглед на вероисповеста, потоа, дека поморален е оној човек, кој добрите дела ги извршува од чисто чувство на должност, отколку оној кој тоа го прави очекувајќи награда за вечен живот или, пак, од страв од вечна казна, како и тоа дека има атеисти, кои се многу чесни луѓе, наспроти оние верници од сите религии, кои се многу неморални и нечесни.

Сето ова е точно…но, да образложиме:

Најнапред, точно е тоа дека општите морални принципи се всадени во душата на секој човек, без оглед на неговата религиска определба. Но, при сето тоа, со оглед на гревољубивата човечка природа, разните философски и религиски гледишта, можат и те како да повлијаат на човекот да ги замагли своите кристално јасни морални принципи, усвојувајќи одреден религиски облик и извршувајќи ги неговите култови. Ако, пак, помеѓу сите тие философски гледишта, имаме пред себе една атеистичка философија, која тргнува од ставот дека Бог не постои, па согласно со тоа го порекнува и поимот грев, бидејќи гревот по дефиниција е спротивставување на Божјата волја, а за атеистите не постои Неговата волја. Значи, ако не постои Неговата волја, тогаш не постои ниту гревот. Ако пак, гревот не постои, тогаш човекот може да прави сè што сака и што не е спротивно со државните закони. Токму ова е психолошката суштина на атеизмот, кој го ослободува човекот од сите должности спрема Бога и Неговите заповеди. Но, гревот отсекогаш постоел, а човекот денес се наоѓа на степен и на омраза спрема Бога, што докажува дека тој не е баш рамнодушен кон Него, бидејќи никој не може да мрази нешто што не постои. Никој не може да каже дека е вистински атеист, туку е антитеист, па токму затоа атеизмот на некој начин е одмазда насочена против Бога. А зошто Го мразат Бога? Го мразат не само поради тоа што нивните дела се дела на темнината, туку и затоа што Го сметаат за опасност, за свој непријател, за судија, прогонител. Ѓаволот успеал да го убеди човештвото во тоа дека Бог не нé сака, т. е. дека Он само Себеси се сака, или дека ги сака само оние кои се однесуваат онака, како што Он сака да се однесуваат. Тие го изгубиле чувството дека Он е семоќен лекар и на душите и на телата, бидејќи Он затоа и се овоплоти, за да го спаси човекот од инфицираноста со гревот и смртта и притоа на човекот – како слободно битие, му остава потполно слободно да одлучува за тоа дали ќе живее со Него или не.

Атеистите велат дека човекот треба да го избегнува не само она што државните закони го забрануваат, туку и она што го понижува неговото моралното достоинството. Но, пред кого моето достоинство ќе биде понижено, ако јас гревот го извршам во најголема тајност и притоа тој грев мене ми донесе некаква материјална корист? Сите ние сме свесни дека денес сме опкружени со луѓе, кои на чуден начин се збогатиле, кои извршуваат прељуби, погубуваат невини души и кои прават дела, со кои сведочат дека се синови на темнината…сето тоа и многу повеќе, а доколу некој се обиде да им го направи она што тие им го прават на другите, тогаш и тоа како знаат да се спротивстават на „неморалното“ дело. Денес, човекот е оној кој одредува што е морално и што е во согласност со неговата сопствена природа, со неговата личност. Ова е единствениот логички заклучок од атеистичката философија на моралот, која само субјективно и фиктивно го ослободува човекот од „ропското“ религиско чувство.

Сосема е точен и другиот факт дека поморален е оној човек кој моралниот закон го извршува од чиста должност, не очекувајќи никаква награда, ниту плашејќи се од некаква казна, доколку делото не го изврши. Но, ова е морал за ангели и безгрешни, а колку такви има во светот? Или со што атеизмот може да ги воодушеви луѓето да се придржуваат до моралните должности, кои и самите не ги признаваат или не им годат?

Религијата распламтува во човечкото срце љубов спрема Бога и со тоа му дава на човекот еден мотив, кој е далеку повозвишен и поефикасен од чувството на должност.

Најпосле, вистина е дека не се сите атеисти лоши луѓе, ниту пак сите религиозни луѓе се светители. Постојат чесни атеисти, како што погоре наведовме. Што се однесува до религиозните, тие знаат дека сите луѓе се грешни и „ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас“ (1 Јован 1, 8). Христијанинот знае дека води борба против гревот и дека Бог е Оној, Кој му помага во таа борба, озарувајќи го со Своите благодатни сили и енергии. Христијанинот знае да ја приклони својата глава пред својот Спасител, и Утешител, и Учител во добродетелта. Христијанинот знае да ја положи надежта во Оној, Кој никогаш не би му ја затворил вратата и Кој всушност стои пред вратата на човековото срце, чекајќи да Му се отвори. Неговата моралност е плод на верата во Бога, а гревот е плод на онаа гревољубивост, која почива во природата на секој човек и која војува против Божјиот закон во човечкиот ум.

Во човечката природа постојат елементи на доброто кои го влечат кон исполнување на моралниот закон и кога е тоа така, тогаш нималку не е чудно што има толку чесни атеисти и нечесни верници. Разликата е во тоа што моралноста на еден атеист не е ниту во најмала мера плод на неговиот атеизам, односно на неговото неверување во Бога, бидејќи денес неретко ќе слушнеме: „Јас не верувам во Бога, а сепак правам добри дела“. Неговата моралност е плод на нешто сосема друго, на некои други причини и услови. Тука, пред сè, доаѓаат оние природни елементи на доброто, кои во извесна мера постојат кај секој човек, потоа воспитанието од детството, па и влијанието на другите луѓе врз него. Понекогаш тоа може да биде и страв од некаква дисциплинска казна, ако притоа му е важно да биде коректен член на институцијата во која членува и која му одредува како да се однесува.

Како и да е, во областа на моралната активност, човекот не подлежи на никаква механичка потреба, а и доколку врши грев, повторно никој не го принудува, туку самиот по својата слободна волја се решава на тоа. Човекот секогаш се наоѓа пред својот слободен избор, за кој атеистите велат дека штом ќе се изврши, тој веќе не е слободен. Но, дали е тоа така? И дали можеме да направиме разлика помеѓу послушноста кон Бога и послушноста кон човекот? Ако човекот избрал некој принцип, на кој како роб му се потчинува и кој го прогласува за авторитет, тогаш слободата е избор, кој неа ја ограничува и на крајот сосема ја укинува. Вака атеистот Го доживува Бога како непријател на својата слобода. Но христијанинот, избирајќи да живее со Него и по Неговата волја, се ослободува од гревот кој го држел окован и на кој му бил роб. Тој избира да живее во душевен мир, со чиста совест, со Вистината која вистински го ослободува, со дарот на евангелската љубов која е неспоредливо поубава од омразата.

Но, што е тука попрактично? Атеизмот или Христијанството?

Практичниот атеизам всушност се јавува како бунт против Бога и причините за неговата појава се различни. Понекогаш тоа е потсвесна желба, потхранета од човечката вродена склоност кон гревот, стремеж човекот да се ослободи од моралното туторство и „попување“, кое религијата му го наметнува. Но, атеизмот, колку и да е морално богат, го гуши човекот и го води во чист песимизам. Светот ваков каков што е, без Бога, без религиски идеали и вредности, не може на човекот, кој е склон кон размислување, да му обезбеди доволно радост и среќа. Среќата и радоста, кои се обременети од минливоста и превртливоста, не значат никакво блаженство. А светот без Бога е баш таков. Кога – тогаш атеистот, колку и да не сака, ќе почне да верува, всушност тој веќе и верува со самото тоа што спрема Бога се однесува како спрема конкретно противничко Битие, а не како кон нешто непостоечко. Тогаш тој застанува пред егзистенцијалното прашање „и што понатаму?“ Така, неминовно ќе признае дека сè во овој свет е минливо. Но, и не мора да признае, само на тој начин се лишува себеси од бескрајната радост во вечното блаженство на Царството Божјо, на кое по слободна волја се определува и надева христијанинот.