Петре, Ме љубиш ли? – I дел

Во Јовановото евангелие (гл. 21, 15-19) Исус три пати го прашува апостолот Петар дали Го љуби повеќе отколку другите. Петар два пати Му одговара со истите зборови: Да Господи, Ти знаеш дека Те љубам, додека третиот пат се нажали па Му одговори: Господи, Ти сè знаеш, знаеш дека Те сакам. Бидејќи ова беше веќе третото јавување на Воскреснатиот и прославениот Исус Христос на учениците, Он му претскажува ва Петар што треба да направи за Христа во преостанатиот дел од својот живот, велејќи му: Паси ги јаганцата Мои! Потоа го предупреди Петра, а преку него и сите идни Негови апостоли, сè до наше време со оваа пресудна порака: Кога беше млад, сам се опашуваше и одеше како што сакаше, а кога ќе остариш ќе ги рашириш рацете свои и други ќе те опашаат и поведат каде што не сакаш.

Петре, Ме љубиш ли?

Сите луѓе кои веруваат во Бога, кои се крстени и венчани во Црква, кои ги посетуваат богослужбите, се исповедаат и причестуваат, мислат дека се Христови ученици, дека Го љубат Исуса Христа и дека Он ги љуби нив. Но, дали е навистина така? Ако е, бидете сигурни дека во текот на нашиот живот, Господ барем три пати ќе ни го постави истото прашање што му го постави на Петра спроти неговото испраќање на страдања. Првиот пат на Христовото прашање: Петре, Ме љубиш ли? – одговараме во младоста своја, кога ова прашање ќе ни го постават нашите родители, девојката или младичот којшто мислиме дека го љубиме и од кој очекуваме да бидеме сакани „повеќе отколку другите“; дури и нашето професионално занимање ни го поставува Христовото прашање: „Дали ме љубиш така ти, столару, лекару, свештенику, учителу и дали си спремен Мене, којшто бев и останав и столар, и лекар, и свештеник и учител за сите луѓе, да Ми го посветиш животот, љубејќи Ме ‘повеќе отколку другите’?“

Различни се одговорите на ваквото индиректно Христово прашање во нашата младост. Ако сме биле барем малку несебично сакани од страна на нашите родители во раната младост, нема да ни биде така тешко позитивно да одговориме на првиот Христов повик, можеби дури и во ова прашање за љубовта, упатено од нашата најблиска околина, да го препознаеме божествениот призив Христов. Станувајќи и самите добри родители, верни сопружници и добри (можеби и креативни), столари, учители, лекари и свештеници, ние често и не знаејќи ќе го исполниме првиот Христов завет упатен кон Петра: Паси ги јаганцата! Ќе биде многу потешко, ако не и невозможно да го исполниме овој завет, ако во детството не сме биле сакани, односно ако сме имале родители кои не нè сакале, кои рано се разделиле, лоши родители со слабости кои ги наведувале на тешки гревови.

Вториот повик Христов кон Петра (и преку Петра кон сите нас), доаѓа во средовечниот период од животот, кога за разлика од младоста, помалку или повеќе можеме да го правиме она што го сакаме и кога ни се чини дека сме најслободни. Средното доба од животот би требало да биде и време на зрелост и наша полнолетност. Тоа нè научило (можеби и недоволно), да станеме повеќе свесни за својата одговорност пред веќе остварената (успешна или помалку успешна) семејна заедница и професија. Ако од младоста сме се учеле (и никогаш доволно не сме научиле) на самовоздржување, во средните години од животот, доколку навистина сме се одѕвале на првиот Христов повик, тоа воздржание ќе ни биде полесно и поприродно, пред сè затоа што знаеме поради што и во чие име се воздржуваме. Вториот повик Христов, ако сме се одѕвале на првиот, е понагласен бидејќи Он, Христос, сега бара од нас поголемо одрекување од себе за да би можеле да тргнеме по Него.

А што со оние кои го пренебрегнале првиот Христов повик додека биле млади? Бог никогаш никого не остава, само човекот е оној кој Го остава, заборава и не Го бара Бога. Дури и да не пошол во лозјето Господово на Неговиот прв повик во осум часот наутро, ќе го чуе и вториот во десет часот. Веројатно ќе му биде потешко да навлезе во работата и да продолжи да работи со истиот полет со којшто тргнале останатите лозари два часа порано; но сепак, ако бил искрен кога влегол во лозјето, брзо ќе се навикне на работата, ќе го надокнади изгубеното време, а господарот на лозјето кога ќе заврши работата, ќе му ја даде истата плата како и на оној кој дошол порано.

(Продолжува)