Православието и човековите права – XII дел

Правата на идните поколенија 

            Самоограничувањето и аскетскиот начин на живот се исто така поврзани со сфаќањето за местото на човештвото во многу поширока перспектива – во светот на природата и животинскиот свет – и со признанието дека не може да биде оправдано бесмисленото искористување на природните ресурси исклучиво само за наши потреби.

            Кога зборуваме за човековите права, обично ги имаме превид само правата на нашите современици. Но сфаќањето дека историјата продолжува и дека и други поколенија ќе дојдат по нас, нè прави почувствителни и кон нивните права: правата да се насладуваат на природата и здравјето и да опстануваат достоинствено во светот. Многу од нашите големи проблеми, како што е загадувањето на околната средина, на водите, заразувањето на храната и неразумното трошење на енергетските ресурси, заедно со сè друго, се непосредно поврзани со човековите права на идните поколенија.

Врховно право на сите човечки суштества да го остварат она за што се создадени 

            Најпосле, основна идеја и убедување на православните христијани е дека имаме неприкосновено право да го осуштествиме она за што сме создадени. Нашето најважно право е да ја реализираме својата автентична природа и да станеме „деца на Бога“ по благодат. Ако е занемарено тоа за нашето суштествување основно право, ние можеме да изгубиме ориентација и во краен случај да станеме рамнодушни кон најсуштественото: кон свештениот призив на христијанската вера, којшто непрестајно ни го насочува вниманието кон тоа дека човечките битија го имаат правото и обврските да ги ползуваат своите по Божја благодат дадени сили, за да ја победат својата грешна природа, да ја поразат смртта и да се насочат кон обожение.

            Православната христијанска мисла ни дава можност подлабоко да навлеземе во смислата на човековите права и да го направиме неопходното за да го спречиме претворањето на Декларациите за човековите права во суви правни документи. Тоа исто така ни дава можност да го рашириме опсегот на човековите права, така што тие да вклучуваат и други суштински прашања, како што е правото да ја следиме својата вистинска природа и цел во животот.

            Христијаните никогаш не го губат својот критичен однос кон историските процеси. Тие се задоволни кога ги гледаат различните постигнувања на човештвото, но не престануваат да бараат нешто посуштествено. Тие знаат дека „ниедна Декларација за правата на човекот не може да биде совршена или неизменлива. Таквите Декларации секогаш одат рака под рака со моралната свест и култура на конкретното историско време“. Токму поради тоа Христијаните треба да бидат будни, стремејќи се правната и политичка структура на своето општество да ја направат сеопфатна, преку постојано реформирање и преоценување.

            Што се однесува до Христијанските цркви, ако тие сакаат да направат свој придонес кон каузата на човековите права, не треба да се ограничуваат на анализи и опомени, туку да станат навистина она за кое се предназначени: центри за морално и духовно вдахновение, каде личностите се преобразуваат; лаборатории за несебична љубов; место каде што Царството Божјо се открива на земјата; место каде што нивото на човечкиот живот е издигнато од група на поединци кои егзистираат просто биолошки до „заедница на личности“ која ја има за пример возвишената реалност – Светата Троица од Црквата непрестајно славена.

            Православието ја поткрепува желбата да ги прифаќаме луѓето такви какви што се, со длабока почит кон нивната слобода и без да бараме тие да ги усвојат христијанските погледи. Тоа го олеснува општењето со другите, вклучително и со оние кои припаѓаат на други религии или следат поинакви идеи. Тоа исто така негува длабока почит кон човековите права и желба да соработуваме со другите за сеопшто прифаќање и заштита на човековите права.

 

Постскриптум

 

            Во 1979 година УНЕСКО ја организираше јубилејната конференција насловена како „Местото на човековите права во религиозните и политички традиции во светот“. Таа Конференција која се одржа во Банкок (03 – 07 декември), ги разгледа следниве проблеми:

  1. Погледи за човековите права кај основните религии: Хиндуизам, Будизам, Јудаизам, Православие, Римокатолицизам, Протестантизам, Шинтуизам и Ислам;
  2. Планови за Декларација против секаква форма на фанатизам, принуда и дискриминација врз религиозна основа, како што беше решено од страна на Комисијата на ООН за човекови права на 14 март 1979 година.

Меѓународната Конвенција за надминување на секакви форми на нетолерантност и дискриминација врз религиозна или верска основа беше официјално утврдена на 25 ноември 1981. На Конференцијата имаше едномислие во врска со следново: Декларацијата за човекови права и другите слични иницијативи на ООН претставуваат важен чекор во признавањето на вредноста и достоинството на човековите битија. Проблемот за човековите права, независно од значењето на интерпретацијата која зависи од различните религиозни заедници, е сериозно прашање за речиси сите религии за светот. Уважувањето на човековите права и сеопштото признавање на светоста на човечкото битие ја олеснува соработката помеѓу религиозните заедници и Меѓународните организации кои се занимаваат со правата на човекот. Иако мотивирани од различни критериуми, говорниците на различните религии постигнаа согласност во редица основни прашања, како на пример фактот дека секое човечко суштество е единствено. Освен со индивидуалните и социјални права, човечките битија секогаш се поврзани и со различно сфаќање на реалноста, кое може да биде наречено: трансцендентно, свештено и божествено. Повикувањето на човековите права предвидува одговорност да се признаат правата и слободите на другите. Природно, секоја религија го решава тоа прашање поаѓајќи од различни фундаментални принципи и ползувајќи различни критериуми. За повеќето религиозни традиции не постои непремостлива бездна помеѓу трансцендентното или вертикално толкување односно сфаќање и хоризонталното односно социјално-историско сфаќање. И покрај тоа, многу религии не обрнуваат доволно внимание на економските и политички фактори во човечкиот живот.

Справувањето со проблемот на злото е суштествен елемент во секое разбирање за човековите права. Иако многу религии нè уверуваат дека нивната улога во однос на тоа не се ограничува само на следење на Декларацијата на ООН од 1948 г., зашто таа се заснова на идеи кои се туѓи или други неприфатливи за нивните традиции, во краен случај, барем признаваат дека таа Декларација ѝ дава на секоја религија можност да се преосмисли себеси и истовремено да се отвори за соработка со останатиот свет, за да се намали принудата. Тие го признаваат предизвикот, но исто така и фактот дека носат огромна одговорност, зашто можат и треба да станат движечка сила во напорите за претворањето на човековите права во реалност.

Крај