Православието и човековите права – X дел

Развој и усовршување на личноста

            Самото сфаќање за општеството јасно имплицира дека правата на секоја личност се неразделно поврзани со правата на секоја друга личност. Правата и задолженијата се независни; уште повеќе, индивидуалните права треба да бидат усогласени со социјалните и политичките права. Почитта кон човековото достоинство бара повеќе од едно пасивно признавање на правата на другите, особено во епохата на социјалниот плурализам. Таа го бара нашето активно учество во критичните моменти од животот на нашите ближни; тоа значи да им дадеме целосна поткрепа во нивниот развој како човечки битија.

            Токму тука е огромното значење на христијанската идеја за љубовта (агапе). Единствено таа може да го преобрази општеството од едно купче песочни зрнца, секое изолирано и рамнодушно кон другите, во една организирана целина, изградена од клетки, при што секоја од нив допринесува за развојот на сите други. Секоја личност има „право“ да биде љубена од другите луѓе во општеството; самиот Бог, во Својата љубов, ни го дал тоа право. За да биде навистина слободен, секој човек треба да љуби, бидејќи токму во љубовта се остварува слободата. Во православното учење за Света Троица личноста и општеството се сврзани во хармонија: личноста е целосно вклучена во општеството, без да ја губи својата индивидуалност.

            Во епохата како нашата, кога култот кон човечките права достигнува речиси до идолопоклонство, христијанската мисла и животен опит ставаат нагласок врз правото на човекот слободно да ги жртвува, дури и сопствените „права“ во име на љубовта. Тоа не е наложена на никого туку е слободен избор. Љубовта е активен избор, којшто просветлува надвор од тесната рамка на правните конструкции; за разлика од Мојсеевиот закон или која и да е друга форма на човечко законодавство, љубовта дава слобода. Љубовта е исполнување на законот (Рим. 13,10).

Личносната совест и почит

            Постоечките различни декларации за човековите права се несомнено од големо значење за организацијата на општеството, а регулаторната улога на државата е клучен елемент. Покрај тоа, во нашето комплексно општество постојат многу итри и цинични начини за заобиколување или нарушување на човековите права. Секогаш постои можноста некои луѓе да злоупотребат други и никаков избор на човекови права не може да заштити некого во врска со тоа. Декларациите не се во состојба да му наложат на некого да го исполнува доброволно она што е предвидено со нив. Лицемерниот начин на којшто проблемот за човековите права се третира на меѓународен план, е најциничната иронија на нашето време.

            Освен тоа, прашањето за заштита на човековите права не е ограничено само на нивото на државата и нејзините органи, туку го опфаќа и поведението на секоја социјална група која ги нарушува правата на други луѓе. Сите знаеме дека има приватни интереси кои со државно содејствие ги нарушуваат правата на луѓето во другите земји.

            Проблемот е како да ги преобразиме постоечките Декларации од интелектуални и правни конструкции во живи реалности. Законот може само да го дефинира нарушувањето, откривајќи ја природата на гревот, но не може да го елиминира.

            Коренот на злото е сè уште човечката себичност, која секогаш наоѓа начин да го наруши законот во име на своите егоистични цели. Тоа го објаснува огромното значење на личносната совест и почит, ако сакаме да ги уважуваме правата на другите. За да го можеме да го исползуваме својот ум и да ја изразиме својата волја на посоодветен начин, треба непрестајно да го чистиме своето срце. Во тој поглед религиозната вера и култивирањето на искрена и здрава религиозна совест се од примарно значење. Развивајќи го тоа чувство на лична одговорност секој од нас може да стане тврдина на отпор против нарушувањето на човековите права, како во нашата околина, така и во нашите сопствени срца. Материјалистичките теории, засновани на философскиот натурализам се противат на тој пристап: од една страна нивните теоретски претпоставки логички водат до заклучокот дека човековите права не се еднакви, бидејќи во животинскиот и растителниот свет владее нееднаквост; но од друга страна, пак, психолошки, тие ги поттикнуваат нашите егоистички импулси потполно елиминирајќи секакви ограничувања, наложени од волјата.

(Продолжува)