Православието и човековите права – ΙV дел

Неодреденоста и двосмисленоста на фундаменталните сфаќања

Преамбулата на Општата декларација настојува за „признавање на достоинството кое што им припаѓа на сите членови на човечкиот род, на нивните еднакви и неотповикливи права“. Член 29 зборува за „слободен и целосен развој“ на „личноста“ и повикува кон „остварување на справедливите барања за морал, општествен ред и заедничка благосостојба во едно демократско општество“. Во рамки на официјалната правна рамка на Декларацијата тие изрази се неспорни можности за ширење на границите на сфаќањата за човечката личност. Сепак, јасно е дека вакви фундаментални термини како што се „морал“, „демократско општество“ и „личност“ остануваат философски неопределени и двосмислени.

Наполно е разбирливо дека авторите на ваквите документи, кои се надеваат да добијат сеопшто или заедничко признавање од луѓе и општества со различни религиозни погледи, ќе бидат принудени да избегнуваат слични експлицитни повикувања на прашања кои се однесуваат на потеклото, природата и назначеноста на човечкиот род. Но, иако навременоста на тој потфат е очигледна, тоа не го менува фактот дека крајот на Општата декларација останува антрополошки неопределен.

Во целина, православната мисла ја смета постоечката дискусија за човечки права како исклучително важна, но во краен случај ја разгледува како вовед кон дискусијата за многу посуштинските „права“ на човештвото. После целата потрага и сите обиди да се стигне до дефиниција на човечките права, останува неодговорено ова суштествено прашање: „Каде започнуваат, каде завршуваат и каква е крајната цел на човековите права?“ Декларациите остануваат ограничени или сведени на дескриптивни правни дефиниции на човековите права, но истовремено тие изразуваат и надеж и морална оценка.

Во епоха како нашата, во која постои голема разноликост на идеолошки погледи, просто е невозможно да се постигне философско и религиозно едномислие во поглед на овие значајни проблеми. Тука само треба да спомнеме дека православниот начин на мислење, за којшто овде станува збор, дефинициите запишани во постоечките Декларации, претставуваа појдовна точка, но не го запазуваат човечкото достоинство од негово поробување од страна на човечкиот егоизам, што е најжестоката од сите сили со која треба да се справиме; ниту, пак, го запазуваат човечкото достоинство од комплексните фактори коишто дејствуваат во многустраните и безличносни структури на нашето современо технолошко општество. Тоа треба да служи како своевидна значајна опомена, за да не паднеме во заблудата да мислиме дека усвојувањето на Декларациите за човековите права е доволно за да се запази човечкото достоинство.

Очигледно е дека плуралистичкото општество во кое живееме денес, треба да најде заедничка основа за врамнотеженост. Треба да го зачуваме сепак, јасното сознание дека во самиот момент кога правиме компромис со цел да постигнеме хармонија, губиме дел од универзалната и зададена вистина за човечката тајна. Следствено, останувајќи верни кон правата на човекот, треба да останеме отворени и кон една друга сфера која ги засега подлабоките и суштински права на човекот што не можат да бидат опфатени во правни Декларации. Сега е вистинскиот момент да се открие благовременоста на религијата.

(Продолжува…)