Православните во пандемија, некогаш и сега

Лицемерниот го погубува со уста ближниот свој, а праведниците се спасуваат со знаење. Кога праведниците живеат во благосостојба, градот се радува. Со благословот на праведните градот се издига, а преку устата на нечестивите се разрушува.

Изреки 11,9-11

На изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, отворена во четвртокот на 20 мај, меѓу останатите ракописи беше изложен и еден фрагмент од Зрзевското Четвороевангелие од првата половина на XVI век. Имено, станува збор за страничен запис во ракописното Евангелие, со кој се документира еден значаен историски настан: епидемија на чума во регионот околу селото Зрзе во 1538 година, од која починале многу луѓе. Она што восхитува е начинот на кој Црквата, водена од грижа за луѓето и човекољубие, се справува со големото искушение. Притоа, доаѓа до израз важноста од соборноста на Црквата и послушанието кон соборните црковни одлуки.


Фрагмент од Зрзевското Четвороевангелие од 16 век

Бидејќи во нашево време се соочуваме, исто така, со една пандемија, но за разлика од некогаш, денес гледаме, за жал, голема самоволност и непокорност, како кај дел од верниците, така и кај некои од клирот на Црквата, кои се однесуваат како самоповикани теолози, учители, проповедници, толкувачи и пророци, кои „се разбираат од сè“ и ја „бранат“ Црквата од нејзините пастири, најдовме за добро да го објавиме споменатиов запис и да го преведеме на современ македонски јазик, како поука за тоа колку насушно е потребно послушанието и соборноста во Црквата:

Во лето 1538, започна помор, по Божјо допуштение, во село Зрзе. Прво умре поп Никола, ноември 1-ви, а во истиот месец се претстави и слугата Божји Теодор, во 20-от ден и по него 150 души од селото и 6 браќа од манастирот: духовникот Јосиф, јероѓаконот Генадиј, Висарион монах, Сава монах, Герасим монах, Дионисиј јеромонах и Никифор јеромонах.

Потоа направија совет и закон положија, заедно со Соборот Архиерејски и со целиот народ од окрсните села: да не се дрзне никој поп мирски да крштава, ниту да венчава, ниту да пее без благослов од манастирскиот настојател, во селото Зрзе, во селото Крапа, во селото Барбарос. И кој свештеник нема да ја држи оваа заповед, да има проклетство од самиот Спасител, Отецот Седржител, од Евангелистите и од светите 318 Богоносни Отци и од сите Светии и да ја има честа на Јуда, што Го предаде Владиката Христа. Амин.

Во истото лето тргна Царот Сулејман-Бег против Карабогдан.

Напишав јас, јеромонах Паисиј.

Записот на јеромонах Паисиј од 1538 година во кој известува за епидемијата во с. Зрзе и околната област

Во прилог на ова актуелно прашање ќе се надоврземе и на зборовите на нашиот почитуван старец и владика г. Партениј, изговорени за време на архиерејската Литургија во Струга:

„Сосема погрешни се оние заплашувања за последните времиња што се мошне актуелни денес, за жал, дури и во Црквата православна. Бидејќи апокалиптична пропаганда навлегла и во Црквата и ги храни душите на верните со штетна храна, со нешто што му е туѓо на православното богословие и предание. Ете тоа е она на што мислел Христос кога зборувал за крајните времиња: Тогаш, ако ви каже некој: ‘Еве, овде е Христос’ или ‘таму е’ – не верувајте! Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните (Матеј 23,24). И да знаете, ова не е кажано само за инославните и за еретиците, туку и за православни духовници и верници, самоповикани сезналци, кои се разбираат од сè и сешто, знаат што содржат вакцините (а не ги слушаат медицината и науката што се дадени од Бога и кои треба да кажат дали нештото е штетно или не), па дури го најавуваат и доаѓањето на Господа. И сето тоа настојчиво им го наметнуваат на другите, сеејќи во нивните души страв и неизвесност. Разбирате ли колку се погрешни тие нездрави инсинуации со крајните времиња, со Страшниот Суд, со Второто Христово пришествие? Да, ние веруваме и знаеме дека праволинискиот тек на историјата ќе има крај, дека Христос повторно ќе дојде, за да им суди на живите и на мртвите, но ние, како верници, треба да се радуваме на Неговото доаѓање. А ќе се радуваме доколку сме со Него уште во овој живот. Јас треба да Го очекувам и да копнеам по Него уште во оваа вечер; треба да се насладувам со лицето Господово секој ден; да Го барам, да чезнеам по Него секој ден. Величествен е оној дијалог што се наоѓа во последната глава од Откровението на Свети Јован Богослов: ‘Господи, кога ќе дојдеш? Дојди, Господи Исусе побрзо!’ Да, доаѓам скоро! И Духот и невестата велат: Амин! Да дојди! Господи Исусе! Кој е Духот? Тој е Светиот Дух кој пребива во Црквата. А невестата? Невестата е Црквата. Значи, верниот, возљубени мои, верниот што навистина Го знае Христа, тој верник со копнеж Го очекува Христа и Му вели: ‘Дојди, Господи Исусе!’ Тоа е Христијанин, Го очекува Христа како Избавител; Избавител од гревот, од страданијата, од смртта. А точното време на свршетокот на историјата и на Страшниот Христов Суд не спаѓа во нашиот домен. За тоа Самиот Христос јасно говори: А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец (Матеј 24,36). Сака да ни каже дека ние не треба со тоа да се занимаваме, туку да се трудиме секојдневно со Него да бидеме. Знаете, Христијаните уште во првиот век мислеле дека Христос ќе дојде и ќе заврши светот. Ако ги читате, на пример, Посланијата на Апостол Павле до Солунјаните, ќе видите како тој татковски ги укорува околу тоа: ‘Колку пати ви кажував за Второто доаѓање Христово! Дека додека не се јави антихристот, Христос нема да дојде’. Ги искарал Апостолот затоа што некои од нив, штом слушнале дека Господ ќе дојде за скоро, ги оставиле своите работни места, ги затвориле дуќаните и почнале да шетаат од врата на врата и да празнословат, да безделничат и да осудуваат. Ние треба да се трудиме и да работиме како да ќе живееме долго, а да се подготвуваме за конечната средба со Христа како денес да ни е последниот ден. Оти, за нас многу поверојатно е да излеземе пред судот Божји поскоро, одошто да настапи Второто пришествие. Од каде знам дека оваа вечер Господ нема да ми побара сметка за душата моја? Доколку размислуваме вака ќе бидеме исправни Христијани“.

(Извадок од словото на старец и епископ г. Партениј Бигорски: Што е вечниот живот?)