Трансхуманизмот и обожението – IV дел

Дозволете ми да продолжам со следниот пример. Овој пример е поврзан со еден текст на современиот српски светија, кој бил гонет, затваран, измачуван од Германците во Дахау за време на Втората светска војна. Овој текст е пример за тоа како обожениот човек го доживува својот однос кон непријателите и мачителите.

Тој пишува:

„Благослови ги непријателите мои, Господи. И јас ги благословувам и не ги колнам.

Непријателите повеќе ме турнаа во Твојата прегратка, отколку пријателите.

Пријателите ме врзуваа за земјата, непријателите ме одврзуваа од земјата, и ги рушеа сите мои надежи во земјата.

Тие ме правеа странец во земските царства, и непотребен жител на земјата.

Како што гонетото животно наоѓа посигурно засолниште, така и јас, гонет од непријателите, најдов сигурна закрила, сокривајќи се под Твојот шатор, каде што ни пријателите, ни непријателите не можат да ја погубат мојата душа.

Благослови ги моите непријатели, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам.

Тие наместо мене ги исповедаа моите гревови пред светот.

Тие ме камшикуваа, кога јас се сожалував да се удрам себеси.

Тие ме мачеа тогаш, кога јас бегав од маките.

Тие ме навредуваа тогаш, кога јас си ласкав самиот на себеси.

Тие ме плукаа тогаш, кога јас се гордеев со себе.

Благослови ги моите непријатели, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам.

Кога се правев мудар, тие ме нарекуваа луд.

Кога се правев силен, тие ми се смееја како на немоќен.

Кога сакав да бидам водач на луѓе, тие ме туркаа назад.

Кога брзав да се збогатам, тие ме удираа со железна рака.

Кога мислев мирно да спијам, тие ме будеа од сон.

Кога ѕидав куќа за долг и спокоен живот, тие ја рушеа и ме гонеа надвор.

Навистина, непријателите ме одврзаа од светот и ги продолжија моите раце до Твојот скут.

Благослови ги моите непријатели, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам!

Благослови ги и умножи ги; умножи ги и уште повеќе огорчи ги против мене –

та да биде моето бегство кон Тебе неповратно;

надежта во луѓето да се искине како пајажина;

да се зацари смирението целосно во мојата душа;

да стане срцето гроб на моите два злобни близнака: гордоста и гневот;

за сето мое богатство да го соберам на небото!

Ах, барем еднаш да се ослободам од себеизмамата, која и ме заплеткала во страшната мрежа на лажливиот живот.

Непријателите ме научија да го знам, – она што ретко кој го знае – дека човекот нема непријатели во светот надвор од себе.

Непријателите ги мрази само оној, кој не знае, дека непријателите не се непријатели, туку сурови пријатели.

Навистина тешко ми е да речам, кој ми направил повеќе добро а кој повеќе зло во овој свет: пријателите или непријателите.

Затоа благослови ги, Господи, и пријателите и непријателите мои!

Робот ги колне непријателите, зашто не знае. А синот ги благословува, зашто знае.

Зашто синот знае дека непријателите не можат да му го допрат животот.

Затоа слободно чекори помеѓу нив и Му се моли на Бога за нив.

Благослови ги моите непријатели, Господи. И јас ги благословувам, и не ги колнам!“

Кој е патот кон обожението? Точно е дека светот во којшто живееме, без разлика колку и да е голем или колку разноликост, креативност и убавина да одразува, на моменти се чини претесен и загушлив. Покрај неговата импозантна големина, неговите рамки се сепак ограничувачки. Ние живееме во овој свет, без да можеме да го протолкуваме и да ги разбереме неговите таинствени детали и подлабоката смисла. Иако нашето знаење расте, царството на непознатото станува сè поголемо и поголемо. Природата е несфатлива. Само 4% проценти од вселената е видлива, остатокот е скриено од нашите очи. 23% од неа е темна материја, а 73% темна енергија. Темно е, но постои. И, што е поважно, ги крие најсуштинските тајни на светот. Природниот свет, според принципот на Хајзенберг е недостижен и недефиниран, несигурен, според теориите на Ајнштајн релативен, а според теоријата на Планк дисконтинуиран и квантизиран. Општо земено, законите не можат да се протолкуваат.

Вселената има многу димензии и ние препознаваме само три од нив, заедно со четвртата – времето. Во одредени околности, должината се собира, додека времето се издолжува. Иако сето ова може да биде докажано, ние не можеме да ја сфатиме причината зошто овој свет е направен вака. Истото важи и за неговата големина, неговите димензии. И во макро и во микро космосот, тие се несфатливи. Не можеме да ги сфатиме ни големите димензии, ниту микро-димензиите. Во рамките на овој свет, ние ги чувствуваме нашите ограничувања. Иако знаеме голем дел, не сфаќаме сè. Иако имаме многу моќ, не можеме да направиме сè. Иако имаме силни сетила, не можеме да видиме сè. Имаме моќни инструменти за да го видиме она што е видливо, но немаме средства за да го откриеме она што е невидливо. Имаме докази, но не и толкувања. Знаење, но не и сфаќање. Што и да правиме, чувствуваме дека повеќето од тоа ги надминува нашите способности за перцепција, сетилата и нашата сила. Иако Ајнштајн еднаш рече дека најнесфатливото нешто за светот е дека е сфатлив, денес би можеле да го кажеме токму спротивното, односно најсфатливото нешто во светот е дека Бог е несфатлив. Ова е причината зошто човекот има вродена потреба да ги надмине своите лимити и да се издигне над сопствената природа. Во краен случај, човекот не се чувствува затворен поради својата недоволна интелигенција или ограничена сила, така што унапредувањето на неговата интелигенција или зголемувањето на неговите сили, не е решението на проблемите.

Неговата слобода не се наоѓа во неговите физички или интелектуални сили, туку во неговиот духовен потенцијал. Не во неговата сопствена моќ, туку во мудроста и силата Божја. Човекот треба да се собере, смири и очисти себеси, така што да стане приемчив за благодатта Божја, а верата, чистотата и смирението е единствениот пат кон тоа трансцендирање.

Исто како што атомот, иако толку мал, само 1/10 од nm, има огромна количина на енергија во себе; исто како што материјата во рамките на нано-скалата, покажува ретки квалитети кои се потполно непознати за човекот; исто како што ѕвездите, кога се собираат за да станат црни дупки, стекнуваат многу моќно гравитационо поле, така човекот стекнува поголема сила и прикажува единствена верзија од себеси кога се намалува и се смирува себеси.

Патот на смирението е пат кој води во правец кон еден поинаков свет – светот Божји, светот на вистината, и на нашата заедница со Него, светот на обожението.

Секој човек го има потенцијалот да стане обожен. Тоа е нашето најголемо завештание и човекот мора да го искористи најдобро што може. Со Своето Воскресение и Вознесение, Исус Христос веќе ја обожи човечката природа, и така им го нуди овој потенцијал на сите. На ист начин, обожението не е едно индивидуално искуство, туку се споделува со сите верни во рамките на Црквата, преку нивната лична борба за соединување со Бога. Светот на сетилата, на логиката, на човечките квалитети, на секојдневниот живот, потсетува на сфера во којашто човекот е заробен. Надвор од сферата е непознатото. Она што трансхуманизмот може во краен случај да го направи е да го зголеми радиусот на оваа сфера, без претходно да ги стави во ред работите што се во неа. Од друга страна, пак, во состојбата на обожение, сферичната површина станува транспарента и пропустлива, трансцедентна. На овој начин, човек може и да ја знае и да ја доживее тајната на Бога.