Распаѓањето
Додека во минатото општеството се одржувало во определени стабилни форми, дотогаш и човекот наоѓал некаква потпора во животот. Во современото општество, пак, сѐ се распаѓа и разложува. Човекот го преживува и пројавува распаѓањето и разложувањето на општеството, и во својот личен живот, и во социјалното општење со другите. Тој сака да се утврди себеси и да биде вреднуван според достоинството, но стигнува до самопорекнување и до обезвреднување на сопственото си постоење. Човекот ја зголемува својата активност и мобилност, за да си го утврди битие. Ја менува професијата за да стекне нови искуства; го урива семејството за да создаде нови врски; патува до различни точки на земјата за да спознае нови нешта и да го исполни празнината што постои во него. И покрај сето тоа човекот, сепак, не наоѓа смисла на животот.
Откривањето на смислата
Смислата на животот се открива во врската со неговата причина – Бог. Верата во Бога и признавањето на Неговата љубов кон човекот, му дава смисла и содржина на човечкиот живот. Животот на човекот не се идентификува со неговите моментални социјални односи, ниту се исцрпува во неговата ограничена биографија, туку се простира и надвор од нив. Кога ќе остари човекот, покрај тоа што ги истрошува силите, тој уште и созрева, тогаш кога се движи на рамниште на животот во Христа, каде сите нешта ја откриваат својата смисла. Без тоа, во човекот владее здодевноста, распадот, стресот и возмутеноста.
Вистинскиот живот
Вистинскиот живот извира од Источникот на животот – Бога. Човекот којшто се одделува од Бога, умира, иако изгледа жив. Токму тоа го изразуваат зборовите на Христа упатени кон оној којшто посакал да врви по него, но откако претходно си го погребе татко си: Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци! (Матеј, 8,22). Вистинскиот живот е надвор од распадливоста и смртта. Човекот е распадлив и смртен, додека Бог е нетленен и бесмртен. Распадливиот и смртен човек го открива вечниот и бесмртен живот преку своето учество во несоздадениот божествен живот, преку кое тој ја победува распадливоста и смртта. Тоа е смислата на учеството во Таинствата на Црквата, а особено во Крштението и Божествената Евхаристија: Ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо (Јован 3,3); Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе (Јован 6,53).
Сеопшта обнова
Обновувањето во Христа не се ограничува на умот или душата на човекот, туку се однесува кон целото негово битие. Божјата благодат ги осветува луѓето „наполно“ (види 1.Сол. 5,23). Тоа значи дека телото исто така учествува во Божјата обновувачка благодат. Освен тоа, телото е храм на Светиот Дух (види 1. Кор. 6,19). И затоа за презирот кон телото нема место во Црквата. Христијанинот се одвраќа и војува не со плотта, туку со плотското мудрување. Зло е не телото, туку гревот. Неволјите и страдањето на телото имаат за цел да ги зауздаат похотите и победат страстите, кои не дозволуваат Божјата благодат да се пројави во човекот. Пример во поглед на тоа се подвижниците, кои трпат доброволни лишувања за да го победат гревот и да станат приемчиви за благодатта на Светиот Дух. Од друга страна, разумната природа на душата, не ја ослободува од гревот, ниту ја доближува до Бога. Напротив, особено во светоотечкото богословие, умот на човекот се определува како „првиот пострадан“. Умот прв се побунил против Бога и го вмешал и телото, и затоа страстите на умот се потешки од телесните. Како единствено душевно-телесно битие, паднатиот човек е оддалечен од Бога, додека новиот човек во Христа е блиску до Бога и ја доживува неговата обновувачка благодат, како единствено душевно-телесно битие.
(Продолжува…)