Како што спомнавме претходно, прашањето за постоењето на Бога потполно исчезнува. Наместо да биде одговорено теоретски и умствено, тоа се заменува со доживувањето на Неговата благодат и на Неговото присуство. Кога некој го има доживувањето на единството со Бога, тој нема потреба од логичка потврда на Неговото постоење. Присуството Божјо во нашите животи дава плод преку стекнување на одредени дарови како на пример: читање на срцата, прозорливост, расудливост, знаење и чудотворност. Иако човекот останува човек и ги запазува одликите на својата личност, тој покажува доблести и способности кои не само што не се вообичаени, туку се и Божествени. Покорувајќи ја својата волја, тој всушност ја поистоветува со Божјата волја, својата мисла, пак, ја усогласува со Умот Божји, и на тој начин станува способен да ја прими Божјата сила. Тој го надминува времето па така може да проѕира и во иднината на другите луѓе – ова е прозорливост. Или за прв пат те среќава, а го знае твоето име и твоето минато – ова е проѕирање во човечките души. Ти го открива она што е за твоја духовна полза. Може да ти понуди лек за неизлечива болест и да ти благодејствува, како на телото, така и на душата. Ти помага да ги исполниш твоите потреби, понекогаш дури и без твое знаење. Ти Го открива Бога и патот кон Него и може да влијае на текот на настаните. Сето ова се случува на еден многу нежен и внимателен начин, така што да не изгледа како некое впечатливо достигнување кое ќе ја задоволи љубопитноста и ќе го храни човечкото его. Напротив, ја открива славата Божја и го сведочи Неговото присуство. Во близина на таква боголика личност не можеш а да не исповедаш дека Бог е жив. Како резултат на тоа целото искуство и погледот кон светот се менува. Повеќе не те вознемирува неговото несовршенство ниту те разочаруваат неговите непознати тајни и несфатливост, бидејќи неговата реалност е во хармонија со неговото значење и цел. Ова состојба ја надминува природната, таа е светост и се нарекува обожение.
Сето ова може да биде сфатено единствено доколку дојдеме до заклучок дека човечката крајна цел не е неговото технолошко усовршување туку неговото лично осветување. Неговото единство со Бога. Величието на човекот не се крие во она што тој може да го постигне, туку во она што Бог го манифестира преку него. Обожението не е само најдобриот пристап до трансцендирањето, туку е истовремено и единствениот пристап кон животот. Во состојбата на обожение сè е променето. Смирените стануваат возвишени, последните стануваат први, смртта е живот, бедните стануваат богати, оние што се гонети се благословени, нашиот непријател станува наш доброчинител, оној што нема ништо – има сè, оној што ни се чини глупав или болен, може да е мудар или силен, робот е слободен човек. За да можеме да влеземе во пределите на обожението, треба да се откажеме од себе си и да го земеме својот крст. За да го спасиме својот живот треба да го изгубиме. Имено, да се жртвуваме до смрт.
Како што кажавме погоре, најголемите непријатели на човекот се неговото его, смртта и времето. Егото раѓа страсти, смртта буди стравови, времето води кон искривена, кратковида перцепција и ограничен поглед кон животот воопшто, како и кон немоќта да се влезе во длабочината на таинственото. Обожениот човек е осветен, ослободен од своите страсти и ја живее вечноста уште од сега.
Во поглед на ова би сакал да прикажам два типични примери на таков пожртвуван живот. Едниот е земен од житието на многу саканиот руски Светија – Св. Серафим Саровски. Некој Русин со презиме Мотовилов ја опишува во својот личен дневник средбата и разговорот со Св. Серафим. Нивниот разговор бил во врска со состојбата на обожение, поточно за стекнувањето на Светиот Дух. Бидејќи имал тешкотии да го сфати тоа, тој го запишал следново: „Не разбирам како можам да бидам сигурен дека сум во присуството на Духот Божји. Како да бидам сигурен во себе за Неговите вистински пројави во мене?“ Тогаш отец Серафим ме опфати многу силно околу рамената и ми рече: „Во овој миг и двајцата сме во Божјиот Дух, чедо! Погледни во мене!“ Јас одговорив: „Не можам да погледнам, отче, бидејќи твоите очи светат како молњи! Лицето ти стана поблескаво од сонцето, и очите мои не можат да ја истрпат таа болка“. Отец Серафим рече: „Не плашете се, ваше богољубие! Сега и вие самите станавте светли! Сега и вие сте во полнотата на Духот Божји. Инаку не ќе можевте да ме видите ваков како што сум сега“. Потоа наведнувајќи ја својата глава кон мене, ми шепна тивко на уво: „Да Му благодариме на нашиот Господ заради Неговата неискажлива милост кон нас. Во своето срце се помолив на Господа и си реков во себе: ,Господи дај му со своите телесни очи да го види јасно Твоето присуство’, и гледаш, синко, Господ веднаш ја исполни скромната молитва на бедниот Серафим“. По овие зборови се загледав во неговото лице и ме обзеде уште поголема свештена страхопочит.
Замислете си во центарот на сонцето, во заслепувачката светлина на неговите пладневни зраци, лице на човек кој ви се обраќа. Го гледате движењето на неговата уста, и промената на изразот во очите, го слушате неговиот глас, чувствувате како некој ве држи за рамена, а сепак не ги гледате неговите раце, не се гледате дури ни самиот себе, ниту, пак, неговата фигура, туку само заслепувачка светлина која се шири наоколу во далечина од неколку метри. „Како се чувствуваш сега?, ме праша отец Серафим. Јас му одговорив: „Чувствувам такво спокојство, таков мир во душата, што не може со зборови да се објасни. „Што друго чувствуваш?“ „Необична радост во срцето.“ „Оваа радост што сега нè посети е мала и краткотрајна. Што друго чувствувате, ваше богољубие?“ Одговорив: „Необична топлина. Седиме надвор во шума среде зима, снегот ни е под нозе, а има уште повеќе снег врз нас, и сè уште снежи. Од каде оваа топлина?“ „А миризбата?“, ме праша. „Сега побегнавме во благомирисот на Духот Божји. Со топлината, пак, подвижниците се грееле и не се плашеле од зимскиот студ. Облечени, како во топли бунди, во благодатта на Светиот Дух“. Кога си заминав отец Серафим беше сè уште на истото место каде што се одвиваше нашиот разговор, опфатен од неискажливата светлина што ја имав видено со свои сопствени очи.