Како и секоја друга религија, т. е. буквално, врска, христијанството не ги поврзува луѓето само со Божественото, туку исто така и еден човек со друг. Христијанското учење за општеството е содржано во следните зборови: Ако ли во светлина одиме… тоа значи дека ние еден со друг општиме (1. Јован, 1, 7); зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив (Матеј, 18, 20); Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас; еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сè, и преку сите, и во сите нас (Ефес. 4, 6). Од наведеново следува дека општеството не е броен поим, туку соборен. Тоа не е механички агрегат, не е инертна маса со која управува физичката неопходност, не е јато. Тоа е слободна врска меѓу душевните и духовните лица, кои свесно дејствуваат во името на повисоките принципи. Најважното во него не е физичкото, па дури ни психичкото, туку духовното дружење. Според тоа, општеството е врска на личностите. Какви се личностите, такво е и општеството. И сегашната општественост не е толку дадена само како природен факт, колку што е зададена како морална обврска. Таа задача успешно може да се исполни, повеќе или помалку, само во името Божјо. Преку Бога, со Кого, како што забележа дури и незнабожецот Цицерон, настана првото општество, личноста се приклучува на општеството во кое сè она што е пониско, понесовршено – отпаѓа. Тоа е општество во кое нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сè и во сè е Христос (Кол. 3, 11). Лајбниц го нарече христијанското братство сјајно и најшироко општество. Најпосле, христијанската општественост не се заснова на борбата, паразитизам или оспособување за некоја друга средина, туку на соработка и взаемна помош. А, ако, пак меѓу себе се гризете и јадете, пазете да не се истребите еден со друг (Гал. 5, 15); Учесниците во христијанското општество се соработници Божји. И на нив се однесуваат Христовите зборови: А Јас сум меѓу вас како слуга (Лука 22, 27); Тие ги носат тешкотиите еден на друг (Гал. 6, 2). Што имаш, а да не си примил? (1. Кор, 4, 7) Никој да не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот (1. Кор. 10, 24). Таквата општественост исклучува принудно или тоталитарно израмнување. Таа го прима фактот на социјалната диференцијација, но со безусловно сочувување на соработката и взаемната помош: Има разни служби, но Господ е еден и ист (1. Кор. 12, 5). Човечкиот живот е призвание и служење. Служете си еден на друг, секој со дарот што го примил, како добри распоредници на разнообразната Божја благодат (1. Петр. 4, 10). Оти како што во едно тело имаме многу органи, но сите членови не вршат една иста работа, па така и ние сме едно тело во Христа, а посебно еден на друг сме му органи (Рим. 12, 4 – 5). Благодарејќи на ваквата соработка, општеството се опишува како тело составено и соединето со помош на разни врски кои взаемно си помагаат. Телото не е еден член, туку многу. Притоа, се покажува дека оние делови на телото кои изгледаат послаби се далеку поважни. И секогаш е можно првите да се покажат последни, а последните први. На тој начин, како што забележа Лилиенфилд, споредбата на општеството со организам не му е туѓа на Христијанството.
Но во овој случај биологијата се наведува само како илустрација, делумно како надградба, или слично на тоа, како симбиоза или взаемна помош на билките или животните, која Руските научници Кеслер и Сјеверцов, а после нив и Кропоткин, им ја спротивставија на учењето на дарвинистите за борбата за гол опстанок, како основен закон на секаков живот. Во социјалната философија постоеше поимот духовен организам уште од првите десеттини на деветнаесеттиот век. Идеалот на христијанското општество, доколку срцата се управени нагоре, е Црквата со нејзиниот повик: да ги собере заедно растурените деца Божји (Јован, 11, 52)… и вие кои некогаш бевте далеку, станавте блиски (Ефес. 2, 13). Според Никејскиот Символ на Верата, една таква Црква не е предмет на знаењето, туку на верата, т. е. жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа (Евр. 11, 1). Всушност, од монизмот на една идеална Црква, уште е многу далечен плурализмот на реалните емпириски цркви со нивните вероисповедни и јуридистички препирки, кои, како што забележа еден руски ерарх, не доаѓаат од небото. Но тоа никако не треба да ја колеба верата во една црква како граница, како асимптота за секакво соединување на верните. И тоа ги обврзува сите христијани, не само да се молат за единство на сите, туку и да работат во тој правец, претпоставувајќи му ја вистинската христијанска љубов на она што беше осудено од Третиот Вселенски Собор како надменост на власта под видот на свештенодејство.