Двесте години од раѓањето на великанот Партениј Зографски

Во тековното, 2018 лето Господово, се навршуваат 200 години од раѓањето на великанот на Преродбата од 19-от век, галичанецот Партениј Зографски, преродбеник, писател, учебникар, фолклорист, народен деец и духовник, митрополит во Кукуш, Дојран (Полјанин) и Ниш.

Митрополит Партениј Зографски

 

Оваа охристовена личност од нашата свештена историја, произлегла како благословена фиданка од боговерното семејство на Хаџи Василко и Доста Тризловски од легендарниот Галичник. Хаџи Василко е родоначалник на семејството Хаџиевци, затоа што тој прв од галичаните, заедно со своите три синови, отишол на поклонение во Светата Земја и се стекнал со прекарот Хаџија. Идниот митрополит Партениј бил роден во 1818 година и на светото крштение го добил името Павел (Хаџи Василков Тризловски). Првото запознавање со пишаното слово но и подлабоко општење со Словото Божјо му било во Бигорскиот Манастир на Светиот Пророк, Претеча и Крстител Јован. Воедно, тука кај него се јавила и љубовта и призивот за рамноангелниот монашки живот. Во 1836 година тој го продолжил своето образование во Охрид, при големиот учител и преродбеник Димитар Миладинов, а подоцна посетувал и грчки училишта во Солун и Цариград. Во периодот од 1838 – 1842 година се школувал на Атинската семинарија, под заштита на својот духовен Старец, Архимандритот Анатолиј Зографски, кој при една посета на неговиот првоначален Бигорски Манастир, ја забележал посветеноста и ревноста на младиот Павел и оттогаш го зел под своја молитвена закрила. Во 1842 година, 24-годишниот Павел го примил светиот монашки потстриг во Зографскиот Манастир на Свети Георгиј Победоносец, понесувајќи го името на светиот Лампсакиски чудотворец Партениј.

Галичник во почетокот на 20-от век

 

Со отечкиот благослов на својот Старец, ја продолжил својата наобразба во Духовната семинарија во Одеса, а потоа пристапил како собрат на Кипријановскиот Манастир во Молдавија. Во 1845 година, во месец јуни, синот на рускиот цар Николај I Романов, великиот кнез Константин Николаевич, отишол на Света Гора и го посетил Зографскиот Манастир, за да се види и да му се поклони на својот воспитувач и крстител, Архимандритот  Анатолиј. При таа средба, последниов го замолил кнезот да го земе под покровителство неговиот воспитаник Партениј, кого најгорешто го препорачал за свој заменик во рускиот царски двор, како чесен, благонадежен, скромен и трудољубив монах, од кого неговата татковина би видела голема полза. После овој благослов на Старецот, духовната надградба на Партениј почнала нагло да се зголемува. Бил причислен како духовник при рускиот царски двор и бил пратен да ја доврши семинаријата во Киев, којашто ја завршил во 1846 година. Следната учебна 1846/1847 година, Партениј пристапил како редовен студент во Московската духовна академија, којашто ја завршиш во 1850 година како воспитаник на рускиот царски двор, каде се броел како духовен воспитател на царските деца во Петербург. Во духовната академија во Москва, Партениј, поради својот добар характер, како кроток човек, вистински побожен, чесен, трудољубив, прилежен, ученољубив и наклонет кон монашко-молитвениот живот, бил возљубен не само од своите другари студенти, туку и од своите професори и некои од тамошните претставници на високото општество. Не малку во тој однос влијаеле и неговата преданост кон науката и познавањето на древните јазици (старогрчки, латински, еврејски и старохалдејски). Во тоа време, благодарение на своите духовни квалитети и солидни знаења, како и на особеното благоволение со коешто се ползувал во царскиот двор, со благослов на Вселенскиот патријарх Герман, бил ракопроизведен во архимандритски чин. По завршувањето на академијата, Архимандрит Партениј, со цел да се запознае подобро со францускиот јазик, отишол во Париз, каде престојувал околу 6 месеци и се вратил назад во Петербург, од каде што, поради слабото телесно здравје, заминал за своето родно место. На заминување, поминал низ Охрид, за да се сретне со својот стар учител, добар пријател и сомисленик за народното дело, Димитар Миладинов. На покана на Хаџи Партениј и последниов заминал за Дебарско, а оттаму останал како гостин на семејството Хаџиевци во Галичник. Архимандрит Партениј, како мил гостин на своите родители, бил личност на особена почит и внимание меѓу населението во родниот си крај. Тој честопати ги посетувал блиските до Галичник населени места, а особено често гостувал до Дебарскиот манастир „Свети Јован Претеча“ – Бигорски, каде што и го добил своето начално образование. Таму тој ги собирал монасите и свештениците од околните население места, за да беседи со нив за разни духовни теми, но и за народните работи.

Бигорски Манастир, почеток на 20-от век

 

На враќање од родното место, Архимандритот Партениј примил од императорското руско пратеништво во Цариград соопштение дека од руската влада е назначен за духовен проповедник и исповедник при руската црква во Цариград. Со дозвола на рускиот амбасадор заминал за Света Гора, каде на 23 ноември 1851 година го остварил сонот на својот, сега веќе блаженоупокоен Старец Анатолиј, да отвори богословско училиште во Зографскиот Манастир, со цел во иднина да стане семинарија. Предавал во тоа училиште до 1852 година, кога под притисок на тогашните пропаганди, училиштето било затворено.

Архимандрит Анатолиј Зографски

Од 1852 до 1855 година Архимандрит Партениј бил учител по црковнословенски јазик во Богословското училиште на Халки, на местото на големиот учител и преродбеник, отец Неофит Рилски. Поради избувнувањето на Кримската војна, бил принуден да го напушти учителското место, бидејќи турските власти почнале да гледаат со сомнеж кон него, како на руски повереник. Додека траела војната, тој престојувал во Света Гора, а се вратил во Цариград по склучувањето на мирот. До 1858 година бил управител на бугарското училиште во Цариград, каде што направил реформа на образовниот систем, воведувајќи ги тогашните современи методи. Истовремено служел и во бугарската црква „Свети Стефан“, како и во руската црква. Во 1858 година, за да го востанови учебникот „Началное учение“, составен од неговиот духовен отец Архимандритот Анатолиј и испечатен во отворената со негово содејствие и помош прва словенска печатница во Солун, на Хаџи папа Теодосиј Архимандрит Синаитски, отец Партениј печати друго „Началное учение за децата“, но веќе подобрено и дополнето со граѓанската азбука и други поученија. Целта му била со печатењето на овој буквар да се започне почетното образование во македонските ќелијни училишта, со утрените молитви и славјанската азбука како основа, а потоа да се пристапи кон запознавање на граѓанската азбука, за да можат учениците да читаат и други книги и весници.

Сакајќи да го спречи унијатското движење во Кукуш, коешто се појавило како протест против асимилацијата на словенското население, Вселенската Патријаршија, на 29 октомври 1859 година го назначила Партениј за епископ Полјански во Дојран. Тој бил ракоположен од солунскиот митрополит Неофит Византиски, во сослужение со митрополитите Григориј Херцеговински и Дионисиј Илиополски, во храмот „Свети Георгиј Победоносец“. Псалмодијата во храмот била на црковнословенски. Изборот на словенски епископ во оваа епархија бил пречекан со големо воодушевување од целото население. Веднаш по ракополагањето, Митрополитот Партениј започнал да ја обиколува својата епархија, воведувајќи ја насекаде употребата на црковнословенскиот јазик во богослужбите и помагајќи го отворањето на словенски училишта. Во едно од писмата на кукушани стои запишано следново: „Неговото Богољубие, г-дин Партениј секој ден добива сѐ поголема почит од жителите за својот рамноапостолски живот и за грижата што ја полага да го устрои учебното дело во ова место“. А на друго место: „Неговото Богољубие Хаџи Партениј е почитуван од секого и се слуша како вистински пастир. Тој соодветствува на тоа со своите благодејанија. Тој оди по селата, го поучува стадото и го поттикнува по црквите да чита на својот мајчин јазик, да отвора училишта и да дава милостина на сиромасите“.

Поради неуморната дејноста на полето на народната просвета, Митрополитот Партениј, во 1861 година била повикан од својот началник Неофит Византиски и бил ставен под домашен притвор. Меѓутоа, со помошта на рускиот амбасадор Алексеј Лобанов – Ростовски, Митрополитот Партениј бил ослободен и префрлен во Цариград. Се нашол под патријаршиски суд, но поради закрилата од Панарет Пловдивски, којшто бил член на Светиот Синод, делото за него се одолговлекувало. Со помош на Лобанов, Митрополитот Партениј бил ослободен и во 1863 година повторно се вратил во својата епархија. Набрзо дошол во судир со турските власти, бидејќи, и покрај забраната, поставил камбана во една црква од својата епархија. Бил принуден да ја напушти епархијата, заминувајќи за Цариград, каде активно учествувал во народното и црковно дело и пишувал многу статии во повеќе весници, а особено во в. „Македония“.

Митрополитот Партениј, во архиерејска одежда подарена од руската царица

Во 1867 година бил назначен за Нишавски митрополит во Пирот. И во оваа епархија тој неуморно работел на народното и црковно дело, стекнувајќи на тој начин мноштво непријатели од страна на тогашните спротивставени пропаганди.

Во 1868 година Митрополитот Партениј Нишавски станал дел од отцепената од Патријаршијата јерархија, предводена од Митрополитот Иларион Макариополски, за создавање на Бугарската Егзархија. Бил особено ревносен борец за ракополагање на домородни свештеници и воведување на словенскиот јазик во богослужбите и училиштата. Во тоа време постоела идеја Партениј Зографски да биде поставен за прв претстојател на новоформираната Егзархија, меѓутоа до тоа не дошло и како што е општопознато, за егзарх бил избран Антим Ι. Од преголема радост поради создавањето на Егзархијата, Митрополитот Нишавски му ги подарил на својот близок пријател и соборец, Егзархот Антим, своите скапоцени архиерејски одежди што му биле поклон од руската царица Марија Александровна. По создавањето на Егзархијата во 1870 година, дедо Партениј Зографски останал како егзархиски митрополит во Пирот, до октомври 1874 година, кога поради притисок од неговите противници бил принуден да се повлече од митрополитското место, по што заминал во Цариград, неуморно работејќи за евангелското дело до крајот. Под негово покровителство, неколку десетици млади луѓе се стекнале со високо образование во некои од центрите на Европа.

Партениј Зографски влегува во редот на втемелувачите на современиот кодифициран македонски јазик. Во своите „Мисли за Болгарскïи-отъ язикъ“, печатени во Цариград во 1858 година, владиката филолог, пишувајќи на својот мијачки говор, забележува: „И другïй потъ сме кажале, пакъ сега кажуваме, що за да можетъ да се составитъ еденъ общïй писмениïй язикъ пьрво е потребно да излезетъ на яве си-те местни наречïя и идïотизми на язикъ-отъ ни, вьрху кои-то общï-отъ язикъ иматъ да се зиздатъ… Нашïй-отъ язикъ, како що е познато, се дѣлитъ на две главни наречïя, отъ кои-то едно-то се говоритъ во Болгарïя и Тракïя, а пакъ друго-то во Македонïя. Пьрво-то отъ нихъ векье е семъ известно… За да изведеме на светъ Македонско-то наречïе со си-те негови общи и местни идïотизми, до колко е то намъ возможно, мïе имаме намеренïе да составиме на него грамматика въ параллелъ со друго-то… Македонското-то наречïе не толко не трѣбетъ и не можетъ да бидетъ исключенно отъ общïй-отъ писменнïй язикъ но добро тьа беше ако оно сѫ прïимаше за главна негова основа“.

Во неговото „Началное Оученїе за дѣца-та“, печатено во Цариград 1858 година, тој пастирски ги поучува децата:

„Най пьрва н най голема заповѣдь е да любиме Бога поветье не толко отъ все нещо, но н отъ сами себе си, а пакъ човеци-те да и любиме како сами себе си. Кой исполнуватъ овая заповедь, сирѣчь кой иматъ любовь, той никакво лошо никому не можетъ да правитъ, защо, кога любишь некого, тога не му сакашь нему лошо, а добро, за тоа, кой иматъ любовь та, той иматъ все – той исполнуватъ со тоа всите Божіи заповеди… Кѫде е миръ, любовь и слога (согласие) тамо е и Богъ“.

Во предговорот, пак, на неговиот превод на „Житїе и исповеданїе и за нѣкои чудеса повѣствованїе иже во святыхъ отца нашего Климента Архїепископа Болгарскаго“ (Цариград 1958), тој им се обраќа на своите соплеменици со следниве зборови:

 „Любезнїй народе! Вьрви, вьрви напредъ! Ти много си назадъ отъ други-те народи; За те сега, кога си се пробудил отъ мракъ-отъ и невежество-то и си позналъ окаянно-то свое положенїе, требетъ да удвоишъ и утроишъ свои-те трудови и попеченїя, и нищо да не жалишъ, за да просветишъ себе си со потребни-те науки и познанїя, безъ кои-то человекъ не толко не можетъ да бидетъ истинно благополученъ и счастливъ, но се уподобуватъ со други-те безсловеснн животни“.

Митрополитот Партениј, овој наш црковен и народен светија, се упокоил во Господа ноќта спроти својот именден, на споменот на Свети Партениј Лампсакиски, 6/7 февруари (стар стил) во 1876 година. Погребан е во дворот на егзархиската „Железна црква“ на Свети Првомаченик и Архиѓакон Стефан во Цариград.

Вечен му спомен и неговите свети молитви да бидат со нас!