Постоењето на Самоиловата држава, независно од тоа дали ќе ја разгледуваме како нова државно-политичка творба или како продолжение на Првото Бугарско Царство, меѓу другото, подразбирало организирање институционален црковен живот. Поради оскудност од изворни сведоштва, отсуствуваат прецизни одговори на голем број прашања поврзани со историјата на оваа црковна организација.[1] Оттука, дел од нив сè уште остануваат отворени за научна дискусија. Меѓу нив е и прашањето за нејзините ерарси. Токму ова прашање е предмет на нашиот интерес.
До денес се сочувани неколку литерарни извори кои содржат податоци за поглаварите на Црквата во рамките на Самоиловата држава. Меѓу нив ги издвојуваме:
- Кратката историја на Јован Скилица, вклучително и дополнувањата кон неа направени од страна на Михаил Деволски;
- Диканжовиот список на бугарските архиепископи;
- трите грамоти на византискиот цар Василиј II (976 – 1025) за правата на Охридската архиепископија;
- двете житија на свети Јован Владимир: Краткото (грчко) и Пространото (словенско);
- Летописот на попот Дукљанин [2] и
- Хрониката на Јован Зонара.
Врз основа на нивна споредбена анализа можеме да заклучиме дека по детронизирањето на бугарскиот цар Борис II (969/970 – 971), Византија на идентичен начин постапила и со бугарскиот (доростолскиот) патријарх.[3] Податоците содржани во Диканжовиот список (XII век) упатуваат на претпоставката дека на Бугарската црква целосно ѝ била одземена самостојноста. Ваквата теза ја аргументираме со делот од споменатиот извор во кој се вели дека доростолскиот патријарх Дамјан бил „симнат од Јован Цимискиј“ (Notitiae episcopatuum: 105; сп. ИБИГИБИ VII: 109–110).
Во прилог на изнесената теза се и податоците за селидбата на доростолскиот патријарх содржани во втората грамота на царот Василиј II за правата на Охридската архиепископија издадена во 1020 година. Во неа, меѓу другото, се вели дека по ликвидирањето на бугарската држава, поглаварите на Бугарската црква со седиште во Доростол се преместувале од едно место во друго, „еден во Тријадица, друг во Воден и во Меглен и најпосле ние го најдовме сегашниот архиепископ во Охрид“.[4]
Внимателно разгледувајќи ги споменатите епископии, забележуваме дека патријархот Дамјан се селел на запад, во областите под власта на комитопулите, надвор од досегот на византиска политичка власт. Станува збор за епископии кои не ја признале јурисдикцијата на Константинополската патријаршија, а кои претходно влегувале во диецезата на доростолскиот патријарх.
Од сведоштвото содржано во Диканжовиот список дознаваме дека по смртта на Дамјан, за нов црковен поглавар бил избран Герман, наречен Гаврил.[5] Тој прво резидирал во Воден, потоа во Меглен, за на крајот Преспа да стане негова столица и седиште на Црквата во Самоиловата држава (Notitiae episcopatuum: 105; сп. ИБИГИБИ VII: 109; Български старини: 566). Оттука сметаме дека архијерејот Герман (Гаврил)[6] е првиот поглавар на Црквата во Самоиловата држава.[7]
Диканжовиот список сведочи за тоа дека Герман (Гаврил) бил наследен од Филип, кој архијерејувал во градот Охрид (Notitiae episcopatuum: 105; сп. ИБИГИБИ VII, 109; Български старини: 566). Токму овој податок упатува на заклучокот дека веќе во времето на поглаварот Филип, црковното седиште од Преспа било преместено во Охрид.[8]
Она што е предмет на полемика во врска со Филип е прашањето за датирањето на αнеговото архијерејување. Ова се должи на фактот што освен во Диканжовиот список, за него нема други пишани изворни податоци. Токму затоа се изнесени различни мислења: Б. Прокиќ (Прокић 1912: 230–232) смета дека Филип бил поглавар на Охридската патријаршија од 990 до 1015 г., а пак И. Снегаров (Охридската архиепископия I: 29) ја нуди хронолошката рамка од 1000 до 1015 г. Она што со сигурност се знае е дека во 1016 г. Филип повеќе не се наоѓал на чело на Црквата.
Следниот на списокот поглавари на Црквата во Самоиловата држава кој се искачил на црковниот трон по смртта на поглаварот Филип бил Јован. За него изворите (Диканжовиот список) сведочат дека станува збор за личност која потекнувала од селото Агноандика кај Дебар. По замонашувањето станал игумен на манастирот Св. Богородица во близината на Дебар, од каде што потоа, најверојатно во 1016 г., бил избран за охридски црковен поглавар (Notitiae episcopatuum: 105; сп. ИБИГИБИ VII: 110; Български старини: 566; ВИИНЈ III: 118, ф. 134). Тој се споменува и во првата повелба на Василиј II издадена на Охридската архиепископија во 1019 година. Имено, по паѓањето на Самоиловата држава под византиска власт останал на високата црковна позиција во Охрид, односно со архиепископски чин (ИБИГИБИ VI: 40–44; сп. Български старини: 550–555; в. Охридската aрхиепископия I: 55–57).
Извесна полемика околу наследникот на патријархот Филип предизвикува пишувањето на Јован Скилица. Имено, византискиот хроничар на две места во својата Кратка историја го споменува името на Давид како архиепископ[9] во времето на последниот цар од Самоиловата династија – Јован Владислав (1015 – 1018). Првиот пат е во контекст на заговорот за убиството на зетскиот владетел Јован Владимир (ок. 990 – 1016) (Scylitzae: 38, 65–85 [353–354]; сп. ИБИГИБИ VI: 288; ВИИНЈ III: 117–118), а вториот пат кога во близината на Струмица во 1018 г. се сретнал со царот Василиј II предавајќи му писмо од царицата Марија, вдовицата на Јован Владислав, во кое таа му ги нудела условите под кои би ја напуштила земјата (Scylitzae: 41, 75–80 [357–358]; сп. ИБИГИБИ VI: 290–291; ВИИНЈ III: 124–125).
Сведоштвото наведено кај Скилица е аргумент во насока на оспорувањето на тезата дека Јован бил последниот поглавар на Црквата во Самуиловата држава. Извесен број автори од крајот на XIX и првата половина на XX век, меѓу кои и Е. Голубински (Голубинский 1871: 30), Х. Гелцер (Gelzer 1902: 8) и И. Снегаров (Охридската архиепископия I: 55–57; 29–31), а од современите автори С. Антољак (Средновековна Македонија I, 684) и Ј. Белчовски (Белчовски 1997: 100–102), сметаат дека Давид, а не Јован, е последниот охридски патријарх, детрониран од Василиј II. Тие, освен Скилица, како аргумент го наведуваат и пишувањето на Јован Зонара, кој исто така го наведува името на архиепископот Давид во контекст на неговата средба со Василиј II кај Струмица. (PG 134: col. 549; сп. ИБИГИБИ VII: 189) Меѓутоа, ако внимателно го погледнеме текстот на Зонара, ќе забележиме дека тој го користи Скилица како основен извор. Оттука, поради второстепеноста, неговото кажување не може да се смета за веродостојно.
Со оглед на кажаното, сметаме дека одговорот на прашањето за наследникот на Филип е во дополнувањата на Михаил Деволски кон Кратката историја на Скилица.[10] Имено, работите целосно се менуваат доколку имаме предвид дека на двете места каде што Скилица го споменува Давид, деволскиот епископ Михаил интервенира со исправки и го пишува името на „Ἰωάννου τοῦ ἀρχιερέως“ (Die Zusatze, 32 [32]; 38 [33]). Веродостојноста на споменатите исправки дополнително добива на тежина ако се знае дека Михаил бил деволски епископ и оттука можеби имал увид во епископските списоци и во другите документи од архивите на Охридската архиепископија. Не е исклучено тој да користел заеднички извор со авторот на Диканжовиот список, во кој, како што кажавме, се споменува Јован како наследник на Филип. Не сомневајќи се во веродостојноста на исправките на Михаил Деволски, се произнесуваме дека во периодот од околу 1016 до 1018 г. на чело на Црквата во рамките на Самоиловата држава се наоѓал патријархот Јован, за потоа да биде симнат во ранг на архиепископ и оставен да раководи со новоуредената Охридска архиепископија.[11]
Следната личност од највисоката ерархија на Црквата во рамките на Самоиловата држава чија историчност, исто така, е предмет на полемика е поглаварот Николај Чудесни. Сведоштво за него има во Краткото житие на свети Јован Владимир (Москополски зборник: 171–185) и во Списокот на светии кај бугарскиот народ кој е додаден во Зографската бугарска историја од XVIII век. (Исторɪя Болгарская: 79; сп. Български старини: 175). Индикативен е фактот што Николај Чудесни не е споменат во ниту еден друг извор освен во горенаведените, кои се од подоцнежен датум. Тој не е наведен ниту кај Скилица, ниту во дополнувањата на Михаил Деволски, го нема во Диканжовиот список, а за него „молчат“ Пространото (словенско) житие на Св. Јован Владимир, Летописот на попот Дукљанин и повелбите на Василиј II. Сепак, и покрај ова, извесен број автори не се сомневаат во неговата историчност и го наведуваат веднаш по поглаварот Герман (Гаврил). Отсуството на неговото име во првостепените извори за Црквата во Самоиловата држава го објаснуваат со претпоставката дека Николај Чудесни кусо време бил на нејзино чело (Охридската архиепископия I: 27–29; Белчовски 1997: 96–97).
Она на што сметаме дека треба да се внимава при одговорот на прашањето за историчноста на Николај Чудесни се три моменти: 1) датирањето на Краткото житие на св. Јован Владимир; 2) утврдувањето, барем приближно, на изворите што ги користел неговиот автор при пишувањето; 3) анализа на точноста на другите историски податоци содржани во него. Наведеното е со цел да се утврди автентичноста на споменатото житие како историски извор.
Денес со сигурност се знае дека автор на Краткото житие на св. Јован Владимир, напишано на грчки јазик, е китијскиот,[12] а подоцна драчки митрополит Козма. Тој во периодот од 1682 до 1685 г. бил игумен на манастирот Св. Јован Владимир во Елбасан, а извесен период бил местобљустител и настојник на Охридската архиепископија.[13] Се претпоставува дека додека ја извршувал функцијата игумен на манастирот Св. Јован Владимир во Елбасан, го напишал житието на светецот.[14] Во него се вели дека Јован Владимир бил воспитан од охридскиот архиепископ свети Николај (Москополски зборник: 172, 177). Тоа е, всушност, првото негово споменување во историските извори. Воедно, важно е да се напомене дека, најверојатно, авторот на споменатото житие како извор користел податоци од некој постар хагиографски текст или служба во чест на светецот кои останале непознати. Освен тоа, воопшто не може да се исклучи ниту можноста дека митрополититот Козма при пишувањето го ползувал и народното предание за животот на св. Јован Владимир, чиј култ, почнувајќи од XIII век, бил силно изразен во Елбасан и во пошироката околина. Можеби од таму е различноста на одделни податоци содржани во Краткото (грчко) житие од една и во Пространото (словенско) житие на св. Јован Владимир од друга страна.
Во контекст на вреднување на автентичноста на историските податоци содржани во Краткото житие на св. Јован Владимир ќе ги наведеме очигледните историски анахронизми содржани во него. Имено, уште на почетокот од хагиографскиот текст се вели дека Јован Владимир бил син на Немања, а пак овој син на бугарскиот цар Симеон (Москополски зборник: 171, 175). Станува збор за очигледно непознавање на историските факти. Токму ова упатува на внимателен пристап и кон другите податоци содржани во житието. Затоа, на мислење сме дека од Краткото житие на св. Јован Владимир како релевантни сведоштва треба да се земат само оние што можат да се проверат во другите извори.
Имајќи го предвид кажаното, изразуваме сомнеж во автентичноста на податокот дека извесен охридски архиепископ Николај бил учител на Јован Владимир, уште повеќе што податокот за неговата историчност досега не е забележан во ниту еден друг литерарен или епиграфски извор.[15]
Посредни податоци за ерархијата на Црквата во Самоиловата држава наоѓаме и во два други литерарни изворa: Летописот на попот Дукљанин и Пространото (словенско) житие на св. Јован Владимир. Имено, во Летописот на попот Дукљанин, во делот каде што се соопштуваат поединостите околу заверата за убиството на Јован Владимир, маж на Самоиловата ќерка Косара, се вели дека царот Јован Владислав преку делегација составена од двајца епископи и еден монах испосник му испратил на зетскиот владетел дрвен крст како еден вид црковна гаранција за неговата безбедност доколку дојде во Преспа.[16] Притоа, авторот не ги соопштува имињата на епископите и на испосникот. Тоа остава простор за различни толкувања во врска со нивната идентификација. Ние, во врска во ова, го исклучуваме директното учество на поглаварот на Охридската патријаршија во делегацијата бидејќи доколку тој бил дел од неа, авторот сигурно не би заборавил да го нагласи тоа. Најверојатно станува збор за двајца епископи чии имиња и епархии остануваат непознати. Тие, несомнено, уживале доверба кај својот црковен поглавар, кој, по сè изгледа, бил целосно запознаен со деталите на заверата. Во овој контекст повторно го наведуваме сведоштвото кај Скилица, според кое, архиепископот Давид му испратил гаранции за безбедност на Јован Владимир; Михаил Деволски во дополнувањата кон текстот наместо она на архиепископот Давид, го пишува името на архијерејот Јован.
Во Летописот на попот Дукљанин уште на две други места се споменуваат епископи на Црквата во рамките на Самоиловата држава. Првото е во контекст на чинот на погубувањето, а второто во врска со погребот на Јован Владимир (Ljetopis: XXXVI, 84; Басотова 1988: 215–216) За жал, ниту во овој дел од текстот не се наведени нивните имиња.[17]
Епископите учесници во заверата против зетскиот владетел не се спомeнати поименично ниту во Пространото житие на св. Јован Владимир. Во него единствено се кажува дека царот Јован Владислав му испратил на зетскиот владетел епископи кои пред евангелијата и крстот лажно се заколнале во чесните намери на царот. Во споменатото житие не е наведен дури ни бројот на епископите во делегацијата испратена кај Јован Владимир.[18]
Освен во литерарните, податоци за конкретни личности од црковната ерархија во времето на Самоиловата династија има и во епиграфските извори што датираат од тој период. Станува збор за два натписа: едниот кирилски, кој датира од 996 или 1006 г., и другиот ерменски, кој датира од X/XI век. Кирилскиот, во литературата познат како Варошки натпис, е врежан на мермерениот столб од тремот на црквата Св. Архангел во месноста Варош кај Прилеп. Во него се спомeнува смртта на, според едно исчитување – епископот, а според друго – попот Андреја (Български старини: 26–28). Полемика предизвикува и датирањето. Според едно исчитување, во текстот е наведена годината 996, а според друго, 1006 (Kempgen 2016: 171–181). Тоа, всушност, значи дека извесниот Андреја бил црковен достоинственик во времето на царот Самоил кој не е споменат во другите извори познати досега.
Вториот епиграфски натпис во кој се споменува личност од ерархијата на Црквата во Самоиловата држава е т.н. Таинствен варошки натпис на ерменски јазик. Тој е испишан на плоча од бел мермер најдена во 1966 г. при археолошките ископувања во старата црква Св. Димитрија во Варош кај Прилеп. Според исчитувањето што го предлага Владимир Мошин, во текстот се споменува свештеникот Атанасиј и годината 1002 (Мошин1981: 509–513). Она што е збунувачки е јазикот на кој е напишан. Очигледно е дека ерменскиот јазик упатува на претпоставката дека споменатиот свештеник Атанасиј бил со ерменско етничко потекло. Можеби станува збор за припадник на ерменските колонисти, за кои не е исклучено дека во извесен број ги имало и во околината на Прилеп каде што Атанасиј ја извршувал свештеничката должност.
Врз основа на анализата на расположливите историски извори сметаме дека црковната организација во рамките на Самоиловата држава броела тројца поглавари: Герман, Филип и Јован. Притоа, податоците за постоењето на уште двајца други поглавари – Давид и Николај Чудесни, ги сметаме за неавтентични.
Извори и литература:
- Антољак, Стјепан. 1985. Средновековна Македонија. Том I. Скопје: Мисла (= Средновековна Македонија I).
- Басотова, Љубинка. 1988. Летописот на поп Дукљанин како извор за македонската средновековна историја. Во: Споменици за средновековнатта историја на Македонија. Том V. Мошин, Владимир, редакција. Прилеп: Архив на Македонија, 200–220.
- Белчовски, Јован. 1997. Охридската архиепископија: од основањето до паѓањето на Македонија под турска власт. Скопје: Православен богословски факултет „Климент Охридски“.
- Бошкоски, Милан. 2001. Улогата на Св. Климент во зацврстувањето на апостолицитетот на Охридската архиепископија. Македонско наследство: списание за археологија, историја, историја на уметност и етнологија. Год. 6. Бр. 17 (2001), стр. 18–51.
- Бошкоски, Милан. 2007. Великаните на македонскиот среден век. Кн. 1. Скопје: Македонска реч.
- Бошкоски, Милан. 2009. Скопје и скопската област од VI до крајот на XIV век. Скопје: Македонска реч.
- Бошкоски, Милан. Прашањето на патронатот на црквата во времето на македонската средновековна држава (969 – 1018). Првата научна средба по повод патрониот празник на НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје одржана во Скопје на 7.12.2007. Скопје: НУБ, стр. 55–85.
- Византијски извори за историју народа Југославије. Tом III. 1966. Острогорски, Георгије. уредник. Београд: САНУ (= ВИИНЈ III).
- Gelzer, Hainrich. Der Patriarchat von Achrida. Leibzig.
- Голубинский, Евгений Евсигнеевич. Краткий очерк истории Православных церквей болгарской, сербской и румынской или молдо-валашской. Москва.
- Грозданов, Цветан. 1994. Архиепископот Јован од Дебарско и традицијата за основањето на манастирот Свети Јован Бигорски. Зборник Манастир Свети Јован Бигорски. Културно-историско наследство на Република Македонија. XXXII (1994), стр. 19–24.
- Zonaras Ioannes. Annales. Во: Migne, J. ed. 1857. Patrologiae cursus completus, series Graecae. Tom 134. Paris (= PG 134).
- Иванов, Йордан. Цар Самуиловата столица в Преспа. Историко-археологически бележки, Известия на българското археологическо дружество кн. I. София.
- Иванов, Йордан. 1970. Български старини из Македония, София: БАН (= Български старини).
- Извори за българската история, Гръцки извори за българската история. Tом VI. 1964. И. Дуйчев, М. Войнов, Б. Примов, В. Велков. ред. София: БАН (= ИБИГИБИ VI).
- Извори за българската история, Гръцки извори за българската история. Tом VII. 1968. И. Дуйчев, М. Войнов, Б. Примов, В. Велков. ред. София: БАН (= ИБИГИБИ VII).
- Kempgen, Sebastian. 2016. Dating the Varoš Inscrition in Prilep. Во: Ангушева, Аделина и др. Vis Et Sapentia: Studia in honorem Аnisavae Мiltenova: Нови извори, интерпретации и подходи в медиевистиката. София: издателски център „Боян Пенев“ – Институт за литература, стр. 171–181.
- Мелоски, Христо. Превод и коментари. 1996. Москополски зборник, Пролошки житија на светците. Скопје: Догер (= Москополски зборник).
- Николај (Велимировић), Епископ. Саставио. Читанка о Светоме краљу Јовану Владимиру. Београд.
- Ljetopis popa Dukljanina. 1950. Vladimir Mošin. Priredio, napisao uvod i komentar. Zagreb: Matica hrvatska (= Ljetopis).
- Мошин, Владимир. Прилепско-варошкиот таинствен натпис на една античка плоча. Во: Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија. Tом IV. Мошин, Владимир, ред. Скопје: Архив на Македонија, стр. 55–95.
- Notitiae episcopatuum ecclesiae Constantinopolitanae. 1981. Darrouzes, J. ed. Paris: Institut français d’études byzantines (= Notitiae episcopatuum).
- Панов, Бранко. 1985. Средновековна Македонија. Том III. Скопје: Мисла (= Средновековна Македонија III).
- Панов, Бранко и др. уред. 2000. Историја на македонскиот народ. Том I. Скопје: Институт за национална историја.
- Пириватић, Срђан. 1997. Самоилова држава: Обим и карактер. Београд: Византолошки институт Српске академије науке и уметности.
- Прокић, Божидар. 1912. Постанак охридског патријархата. Глас – Српска краљевска академија. Бр. 90, стр. 15–55.
- Die Zusatze in der Handschrift Des Johannes Skylitzes: Codex Vindobonensis historia graeca LXXIV. 1906. Prokic, Bozidar, ed. Munchen: H. Kutzner (= Die Zusatze).
- Снегаров, Иван. Жития на народни светии писани на охридско наречие съ грцко писмо. Македонски прегледъ. Година I. Кн. 5 и 6, стр. 45–75.
- Снегаров, Иван. 1995. История на Охридската архиепископия. Tом 1. Второ фототипно издание. София: Академично издателство (= Охридската архиепископия I).
- Снегаров, Иван. 1995. История на Охридската архиепископия. Tом 2. Второ фототипно издание. София: Академично издателство (= Охридската архиепископия II).
- Scylitzae Ioannis. Synopsis Historarum. J. Thurn. rec. Berlin (= Scylitzae).
- Царственникъ или Исторɪя Болгарская. 1884. Изданɪе первое. Будим: Писмены Кр.Свеучилишта Пештанскогь (=Исторɪя Болгарская).
*Текстот е проширена и дополнета верзија на рефератот презентиран на Меѓународната научна конференција „70 години Институт за историја: 70 години македонска историографија“ одржана на 13 и на 14 декември 2016 г. во Скопје, во организација на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје.
[1] За прашањето околу терминологијата и именувањето на Црквата во Самоиловата држава види: Охридската архиепископия I: 10–15.
[2] Летописот на попот Дукљанин, со наслов во оргиналот Regnum Sclavorum, е познат уште и како Барски родослов.
[3] Првото седиште на Бугарската црква било во Плиска, па потоа во Велики Преслав, за на крајот да се премести во Дрстр (Доростол).
[4] „(…) τοῦ μὲν εἰς Τριάδιτζαν τοῦ δὲ ἐν τοῖς Βοδηνοῖς καὶ ἐν τοῖς Μογλαίνοις εἰθ’ οὕτως ἐν τῇ Ἀχρίδᾳ τὸν νῦν εὕρομεν ἀρχιεπίσκοπον“ (ИБИГИБИ VI: 45; сп. Български старини: 557).
[5] Според М. Бошкоски, хиротонијата на Герман (Гаврил) во Воден се датира пред 980 г. (Бошкоски 2007: 40–41).
[6] Според преданието од локалното население, за првпат забележано кај Ј. Иванов, поглаварот Герман (Гаврил) бил погребан во црквата во преспанското село Герман (Агиос Германос во Р Грција), кое по него го добило името. Во црквата се најдени два натписа на грчки јазик кои датираат од 1743 г. Во нив како ктитор се спомнува константинополскиот патријарх Герман. Во овој контекст го изнесуваме мислењето на Ј. Иванов, кој смета дека е направен превид во идентификацијата. Според него, не станува збор за константинополскиот патријарх Герман I (713 – 730), туку за истоимениот прв поглавар на Црквата во рамките на Самоиловата држава (Иванов1910: 60–62).
[7] Според Б. Прокиќ, поглаварот Герман, наречен Гаврил, починал околу 990 г. (Прокић 1912: 230).
[8] Според Б. Прокиќ, седиштето на Црквата било пренесено од Преспа во Охрид околу 990 г. (Прокић 1912: 230–232). Наспроти ова, С. Пириватиќ смета дека тоа се случило најрано во 992/3, а најдоцна во есента 1015 г. (Пириватић 1997: 155–156). Б. Панов, пак, изнесува теза дека тоа најверојатно се случило во почетокот на XI век (Средновековна Македонија III: 726).
[9] Јован Скилица, во согласност со тогашната византиска идеологија, поглаварите на Црквата во Самоиловата држава ги ословува со титулата архиепископи.
[10] Според Б. Прокиќ, овие дополнувања на М. Деволски датираат од 24 април 1118 г.
[11] Михаил Деволски соопштува дека охридскиот црковен поглавар бил дел од триумфалната поворка на Василиј II која влегла во Константинопол во 1018/1019 г. Притоа, тој не го наведува името на поглаварот (Die Zusatze: 56 [35]).
[12] Китија е старото име на Ларнака на Кипар.
[13] Козма на должноста местобљустител и настојник на Охридската архиепископија дошол во 1685 г., на која останал, најверојатно, до 1693 г. (Gelzer 1902: 52; Охридската архиепископия II: 224).
[14] Краткото житие заедно со Пространото (словенско) житие и службата на св. Јован Владимир е печатено четири пати во периодот од XVII до XIX век: првпат во 1690 г. во Венеција, вторпат во 1741 г. во Москополскиот зборник, третпат во 1774 г. и четврти пат во 1856 г. (в. Снегаров 1925: 27; Москополски зборник: 181–185).
[15] Изворите единствено сведочат за постоење на истоимениот охридски архиепископ од XIV век (Български старини: 36–37; сп. Охридската aрхиепископия I: 340–341).
[16] „(…) accersitis duobus episcopis et uno hermita, mentiendo illis maligne, fidem suam dedit crucem ligneam misitque eos ad regem“ (Ljetopis: XXXVI, 83; Басотова 1988: 210).
[17] За претпоставените политички мотиви на царот Јован Владислав кои се однесуваат на убиството на Јован Владимир и за деталите околу него види кај: Бошкоски 2007: 184–191.
[18] „Словенско Житије Јована Владимира“, во: Читанка о Светоме краљу Јовану Владимиру, саставио Епископ Николај [Велимировић], (Београд: 1925), 6.
Статијата е извадок од зборникот: Драган Зајковски, Христијанството во Македонија: седум слова за почетоците и за етаблирањето, ИНИ, Скопје 2018, 147 – 162.