Христијанизацијата на Словените во Македонија: дејноста на Св. Кирил и Методиј, на брегалничката епископија и на Епископијата на св. Климент Охридски – I дел

О, добар пастиру, што си ја жртвувал светата душа за нас твоите овци, и преку многу усилби стадото го вброи кон Бога. (Пролошко житие на Св. Климент)

ЗА СЛОВЕНИЗАЦИЈАТА

           Почнувајќи од 80-тите години на VI век, па сè до 30-тите години на VII век, интензивно се одвивал процесот на колонизација на географска Македонија од страна на Словените. Веќе до средината на VII век тие целосно ја словенизирале територијата на Македонија со исклучок на градот Солун (Тесалоника). Притоа, од литерарните извори[1]  ги дознаваме имињата на седумте словенски племиња кои се населиле на територијата на Македонија: Драгувити, Берзити, Ринхини, Велегезити, Сагудати, Струмјани и Смолјани.

Распространувањето на Словените

           Од споменатите извори се дознава дека западно од градот Солун (Тесалоника) се населило племето Драгувити (ВИИНЈ I: 186; Документи I: 29, бел. 65). Притоа, во врска со нив, се чини дека во науката најмногу внимание е посветено на прецизната убикација на територијата што ја населувале. Па така, Т. Томоски (Томоски 1999: 478), повикувајќи се на делото на Јован Каменијат (X век), посочува дека таа треба да се бара среде Солунското Поле, меѓу градовите Солун (Тесалоника) и Бероја (Бер, денешна Верија) (сп. ВИИНЈ I: 266). Приближно иста убикација нуди Ирена Стефоска, која врз основа на компаративна анализа на изворите заклучува дека територијата на Драгувитите се протегала на југ и југозапад до Верија (Бероја), на север близу до Керамиското Поле, а на исток до Солун (Стефоска 2002: 48).

           Со текот на времето името Драгувити се наметнало во употреба во државните и во црковните структури, и тоа на територијата што се протегала од градот Бер на југ до Полог на север. Освен тоа, името на реката Дреговица упатува на претпоставката дека дел од Драгувитите го имале населено и северозападниот дел на Тракија.

           Во контекст на нивната убикација, треба да се напомене дека дел од Драгувитите го населиле и просторот по горниот тек на реката Вардар во близина на областа Полог, за што сведочат изворите од подоцнежен датум. 

           На просторот западно од Солун (Тесалоника), односно меѓу Солун (Тесалоника) и Бероја (денешна Верија) се населиле Сагудатите. Притоа, посебен интерес предизвикува етимологијата на нивното име. Имено, наспроти научниците кои ги вбројуваат Сагудатите во групата словенски племиња, постојат други кои се на мислење дека имаат турско-татарско потекло, доведувајќи го во прашање нивното словенското потекло. Во недостаток на литерарни и на археолошки извори, ова прашање сè уште останува отворено, иако како поверојатна се чини тезата дека станува збор за Словени. Следно словенско племе кое се населило на просторот на Македонија биле Ринхините. Тие го добиле името, најверојатно, според реката Рихиос, во чија близина се населиле. Оттука, Ринхините треба да ги локализираме на Халкидичкиот Полуостров и по должината на Орфанскиот Залив.

           Освен Ринхините, друго словенско племе чиешто име произлегло од хидроним се Струмјаните (Стримонците). Во врска со нивната убикација има повеќе мислења: Фрањо Баришиќ ги наоѓа по долниот тек на реката Струма, на Серешкото Поле, источно од езерото Тахино (ВИИНЈ I: 208); Ирена Стефоска смета дека Струмјаните ги населиле областите помеѓу горниот и средниот тек на реката Стримон (Стефоска 2002: 50); според Бранко Панов, тие населувале еден поголем простор по долините на реките Струма и Струмица (Средновековна Македонија III: 381–383). Во контекст на оваа проблематиката го наведуваме и мислењето на Тибор Живковиќ, кој смета дека старите имиња – патроними на Ринхините и на Струмјаните, се изгубиле во VII век, заменувајќи се со нови изведени од територијата што ја населиле. Тој претпоставува дека во двата случаи станува збор за поголеми племенски сојузи во кои влегувале повеќе словенски племиња (Живковиħ 2007: 140).

           Во близина на Струмјаните, во источниот дел на Македонија се населило словенското племе кое во изворите е именувано како Смолјани. Станува збор за племе кое се распространило на територијата по текот на реката Места и оттука важи за најисточно словенско племе населено во Македонија.

           Покрај соменатите, следно од словенските племиња кое се населило во Македонија се Велегезитите. Нивната територија се наоѓала околу градовите Теба и Деметријада во Тесалија (Lemerle, Miracles I: 214). Извесно недоразбирање предизвикува единствено податокот кај Теофан Исповедник, кај кого се споменува склавинија со име Belzhti/a без, притоа, да се наведе нејзината местоположба (PG 108: col. 484; Theophanes: 156 [474]). Оттука, во науката постои поделено мислење: една група научници сметаат дека станува збор за склавинијата на Велегезитите, а пак друга група научници изнесуваат теза дека овој етноним се однесува на Берзитите.

           Во контекст на убикацијата на териториите населени со словенски племиња во Македонија, полемика предизвикува особено прашањето за територијата на Берзитите. Различните мислења во врска со ова прашање се должат на оскудноста на изворните податоци. Па така, според една претпоставка, Берзитите ги населувале областите северно од Солун; според друга, областите околу денешните градови Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Преспа, Охрид, Кичево и Дебар; според трета, Пелагониската Рамнина; според четврта, територијата од реката Вардар (со исклучок на Солун) до Јадранското Море; според петта, територијата западно од реката Вардар до Стоби на југ, во Централна, Западна и во дел од Северна Македонија.

           Она во што не можеме да се сомневаме е фактот дека како последица на словенската колонизацијата во Македонија, доминантен станал словенскиот етнос, при што секое словенско племе населувало своја склавинија. Притоа, терминот склавинија првпат е употребен од страна на византиските автори од VI и од VII век за означување територија населена со Словени (Procopius: V – VIII; Lemerle, Miracles I: 134; Theophylact Simocatta: 52; 223; 293).

 

Наметнување на византиската власт над склавиниите

           Првите обиди за воспоставување на византиската власт во склавиниите датираат од средината на VII век. Сведоштво за ова содржи делото на Теофан Исповедник, кој пишувајќи за настаните што се случиле во 657/658 г., соопштува дека императорот Констанс II (641 – 668) по отстранувањето на арапската опасност на исток, со големи воени сили повел војна против склавиниите, потчинувајќи голем број од нив. (PG 108: 484; Theophanes: 46 [347]).

           Она што е извесно е дека византиската власт наметната над склавиниите во Македонија била од привремен карактер. Настаните што следуваат, а се поврзани со ринхинскиот рекс Пребонд, укажуваат на тоа дека Словените само номинално ја признавале византиската власт. Имено, по смртта на Kонстанс II, Словените, чие јадро го сочинувале племенските сојузи на склавиниите на Ринхините и на Струмјаните, формирале сојуз, започнувајќи подготовки за освојување на Солун. Изворите соопштуваат дека на чело на овој сојуз застанал ринхинскиот рекс Пребонд, кој во голема мера ги имал прифатено византиските културни норми. За него се соопштува дека носел византиска облека и го говорел грчкиот јазик. Освен тоа, тој често престојувал во Солун, што, пак, упатува на претпоставката дека имал контакти со солунското благородништво и со претставници на градската администрација (Lemerle, Miracles II: 209; ВИИНЈ I: 198–205; Документи I: 34–38.)

           Во следниот период византиските власти успеале да го осуетат планот на Пребонд, кого го уапсиле и го испратиле во заточеништво во Константинопол. Следел неуспешен обид за негово ослободување, а потоа било дадено ветување од императорот дека Пребонд ќе биде ослободен по завршувањето на војната со Арабјаните.

           Сепак, настаните што следувале дополнително ја усложниле состојбата. По неуспешниот обид за бегство од Константинопол, Пребонд бил фатен и погубен. Тоа било причина за во 674 г. здружените словенски племиња да го опсадат градот Солун, по копно и од море[2].  Притоа, раководната улога во опсадата на Солун ја презеле Драгувитите, како најбројни по население и по територија (Lemerle, Miracles I: 9 – 19; ВИИНЈ I: 204; Документите I: 37; сп. Бошкоски 2007: 28).

           Веќе во јули 677 г. здружената словенска војска составена од Ринхините и од Сагудатите, како и од други словенски племиња кои не се наведени во изворите, извршила општ напад на Солун. Соочени со словенската опасност, византиските власти освен воени, презеле и дипломатски мерки за надминување на опасноста. Византија успеала да внесе неслога во словенските редови, најпрво придобивајќи ги Велегезитите на своја страна, а симптоматично е и повлекувањето на Струмјаните пред заедничкиот напад на градот. Во едни вакви услови, византиската војска успеала да ја порази војската на Словените која го нападнала Солун и за краток период да ја отстрани опасноста по овој важен воено-стратегиски и економски центар на Балканот. Во есента 677 г., како и во почетокот на наредната 678 г., Солун повторно се нашол на удар на Словените, но и овој пат, како и многупати дотогаш, останал неосвоен.

           Во текот на 678 г. Византија успеала да ја отстрани арапската опасност на исток и оттука целото свое внимание го свртила кон Балканот во обид да ја наметне и да ја зацврсти власта над склавиниите. Сепак, оваа иницијатива дала половични резултати. Склавиниите во периодот што следува продолжиле да егзистираат како автономни словенски кнежевства. Од друга страна, пак, тоа е периодот кога на територијата меѓу Дунав и Балканските Планини се формирала средновековната бугарска држава, во чиј состав постепено почнале да влегуваат мнозинството словенски племиња од тој простор. Во 681 г. Византија склучила мир со бугарската држава и вниманието го насочила кон целосно наметнување на својата власт над Словените на византиска територија. Во овој контекст е известувањето на Теофан Исповедник, според коe, во 688/689 г. императорот Јустинијан II извршил напад на склавиниите и на Бугарија; напредувајќи сè до Солун, императорот им ја наметнал византиската власт на голем број Словени од тој простор. По негова наредба многу од нив биле иселени во темата Опсикион во Мала Азија (Theophanes: 62 [364]). Во 692/693 г. од редовите на овие Словени биле регрутирани 30 000 луѓе за потребите на византиската војска. Според пишувањето на истиот автор, оваа вооружена група Словени ставена во служба на Византија била наречена специјална армија (Theophanes: 64 [366]).

           Сепак, важно е да се напомене дека византиската политика не се потпирала само на воените акции. Тие секогаш биле придружени со употреба на политички средства и методи. Тука посебно место има христијанизацијата на словенското население како начин, преку Црквата, да се обезбеди политичката лојалност.

Проф. д-р Драган Зајковски, Институт за национална историја – Скопје

 

Христијанизацијата на Словените во Македонија

[1] Основни извори за имињата на словенските племиња кои ја населиле византиска Македонија се Чудата на Св. Димитриј Солунски (Lemerle, Miracles I и II), Хронографијата на Теофан Исповедник (PG 108; Theophanes), како и делото насловено За освојувањето на Солун од Арабјаните во 904 година, чиј автор е Јован Каменијат (ВИИНЈ I: 265–272; ИБИГИБИ V: 19–60).

[2] За детален хронолошки преглед на настаните поврзани со ринхинскиот рекс Пребонд види: Lemerle, Miracles I: 12 – 30 и Бошкоски 2007: 20–30.