Христијанизацијата на Словените во Македонија: дејноста на Св. Кирил и Методиј, на брегалничката епископија и на Епископијата на св. Климент Охридски – V дел

Дејноста св. Климент Охридски и на неговата епископија

До промена на црковната политика на кнезот Борис – Михаил кон Византија дошло во 80-тите години од IX век[1].  Со цел целосно да го елиминира византиското влијание во Црквата во Бугарија, Борис – Михаил решил постепено да го замени византиското свештенство и епископатот со словенски. Во остварувањето на оваа политика тој ги искористил учениците на Кирил и Методиј прогонети од Велика Моравија, меѓу кои биле Климент и Наум.

Цар Борис I ги пречекува Климент, Наум и Ангелариј – учениците на Кирил и Методиј

Како што соопштува Пространото Климентово житие, веднаш по пристигнувањето од Велика Моравија во Белград, тамошниот управник ги испратил учениците на Кирил и на Методиј во бугарската престолнина Плиска кај кнезот Борис – Михаил. По кусиот престој во Плиска, Климент од страна на бугарскиот владетел во 886 г. бил испратен на мисионерска работа во југозападните гранични области на бугарската држава, каде, впрочем, најсилно се чувствувало византиското влијание. Притоа, Теофилакт во споменатото Пространо Климентово житие поконкретно соопштува дека учителско-мисионерска дејност на Климент била во областа Кутмичевица во времетраење од седум години. (Грьцките жития на Климент Охридски: 125; ИБИГИБИ IX/2: 31; Свети Климент Охридски: 68).

            Имајќи ги предвид овие податоци, најпрво се поставува прашањето за убицирањето на споменатата област Кутмичевица. Одговорот на прашањето се наоѓа во податоците содржани во понатамошниот текст на Пространото Климентово житие, каде што се вели дека Климент од кнезот Борис добил три куќи во Девол и места за почивка околу Охрид и Главеница. Токму затоа најголемиот број научници се изјасниле за тоа дека Кутмичевица се наоѓала во Југозападна Македонија: Бранко Панов смета дека тоа биле земјите околу Охридското и Преспанското Езеро со делови од Јужна Албанија; Александар Милев и Димитар Оболенски се изјасниле за охридско-деволскиот крај.

Што се однесува до дејноста на Климент во Кутмичевица, неговата главна задача била ширењето на словенската писменост и школувањето свештенички кадар кој би ја извршувал богослужбата на старословенски јазик. За таа цел тој создал мрежа од училишта на словенски јазик, меѓу кои посебно место зазема основањето на Високата школа во Охрид, во која се изучувало глаголското писмо. Според податоците од неговото житие, повеќе од 3.500 свештеници биле обучени за извршување богослужба на старословенски јазик.  Сите тие во периодот што следува го замениле византиското свештенство во епископиите на Бугарската црква. Освен тоа, за потребите на словенската богослужбата, Климент превел на старословенски јазик и извесен број литургиски текстови.

По седум години учителска дејност, започнала нова фаза од делото на св. Климент; тој бил хиротонисан за епископ и на таа должност останал сè до својата смрт во 916 година. Поради оскудноста на изворните податоци – епиграфски и археолошки – сè уште не може со сигурност да се определи територијата на која архијерејувал светецот. Во контекст на проследувањето на оваа проблематика треба да се напомене дека името на Климентовата епископија првпат се споменува во Пространото Климентово житие, напишано кон крајот на XI или во почетокот на XII век, а денес сочувано во неколку ракописи. Па така, во Московскиот, односно  Охридскиот ракопис на Житието (XIV век) се вели дека бугарскиот владетел Симеон (893 – 927) во почетокот на своето владеење, односно во 893 г. го назначил Климент за „e0pi/skopon Drebeni/tzav h!toi Beli/tzav“. Во другите, пак, подоцнежни печатени изданија на Пространото Климентово житие наместо Drebeni/tzav стои Drembi/tzav (Москополски зборник: 125; Свети Климент Охридски: 73; в.Бошкоски 2001: 46).

Поаѓајќи од горенаведениот податок дека Климент бил назначен за епископ на Дрембица и на Велица, една група научници, меѓу кои В. Златарски и И. Снегаров, сметаат дека Климентовата епископија се наоѓала во областите меѓу Прилеп, Кичево и Дебарца, односно на една поголема територија по должината на реката Треска, која во горниот тек се викала Велика. Приближно слична убикација предложил и Х. Поленаковиќ, кој согласувајќи се со Баласчиев, истакнува дека границите на Климентова епископија се протегале на североисток од Охрид и ги зафаќале Дебарца, Кичево и Полог, како и областа на реката Треска. Во коментарите, пак, кон бугарскиот превод на Пространото Климентово житие, А. Милев се изјаснува дека седиште на Климентовата епископија бил градот Охрид (Грьцките жития на Климент Охридски: 125).

Од друга страна, пак, врз основа на јазично-етимолошки опсервации на имињата Дребница и Велица, Љ. Станковска заклучува дека зад диецезата на Климентовата епископија се крие преспанската област. Таа смета дека Преспа била епископскиот центар каде што архиjерејувал св. Климент, а неговата јурисдикција се протегала на една поширока територија.

Во групата научници кои понудиле предлози за убикацијата на Климентовата епископија ги вбројуваме С. Димески и Б. Алексова. Според првиот, епископијата на св. Климент се простирала на двете страни од реката Вардар, опфаќајќи голем дел од денешна Република Македонија. Од друга страна, пак, Алексова смета дека главен центар на Климентовата епископија бил средновековниот град Равен, кој таа го убицира кај с. Крупиште, а во кој, според Солунската легенда,  дејствувал и Константин Филозоф за време на Брегалничката мисија. Притоа, пренесувањето на моштите на дел од тивериополските маченици во Брегалничката епископија таа го поврзува со основањето на Величката епископија на св. Климент. Според неа, идејата за преносот на моштите ја дал лично Климент со цел да го зголеми авторитетот на својата епископија.

Во овој контекст, ние сметаме дека тезата за убикација на Климентовата епископија на локалитетот кај с. Крупиште и посебно нејзиното поврзување со пренесувањето на моштите на тивериополските маченици во Брегалница е малку веројатна. Ова се должи на претпоставката дека доколку Климент навистина бил епископ во Брегалница и како таков го иницирал преместувањето на моштите од Тивериопол во својата епископија, тогаш Теофилакт не би пропуштил да го соопшти тоа.

Освен во преписите на Пространото Климентово житие, следните досега познати варијанти на пишување со кои е означена Климентовата епископија се наоѓаат во т.н. Диканжов список, во Краткото Кирилово житие, наречено уште и Успение Кирилово, во месецословот во Асемановото изборно евангелие, во Краткото Климентово житие, чиј автор е архиепископот Димитриј Хоматијан, како и во делото насловено како Vita Clementis. Па така, во Диканжовиот список (средина на XII век) Климент е титулиран како „e0pi/skopov Tiberioupo/lewv h!toi Beli/kav“ (Notitiae episcopatuum: 105; ИБИГИБИ VII: 109–110); во Краткото Кирилово житие (Успение Кирилово) стои дека бил „ep{pq VVvVqlik;”e“ (Български старини: 287–288; Сведоштва за Кирил и Методиј: 72); во месецословот на Асемановото изборно евангелие пишува дека на 24 јули се чествува „klimenta eps{kpa velicskago“; во Краткото Климентово житие чиј автор е охридскиот архиепископ Хоматијан се вели дека Климент бил хиротонисан за епископ на цел Илирик (Грьцките жития на Климент Охридски: 136; Свети Климент Охридски: 92)[2];  во делото насловено како Vitа Clementis, кое е, всушност, препис на Пространото Климентово житие од XIII век, Климент е титулиран како „e0pi\skopov Dragobi/stav h!toi Beli/zav“.

Поаѓајќи од податоците во Диканжовиот список на архиепископи, каде што се вели дека Климент бил епископ на Тивериопол и на Велика, Б. Панов понудил нова теза, според која, Климентовата епископија се простирала во струмичката област. Тој смета дека авторот на Пространото Климентово житие при пишувањето на името на градот Тивериопол направил грешка и го запишал како Дрембица. Како аргумент во контекст на докажувањето на оваа теорија, Б. Панов го употребува и вториот топоним што се однесува на Климентовата епископија. Станува збор за топонимот Велица, кој, според него, се однесува на денешното село Вељуса, лоцирано во непосредна близина на Струмица.

Во поново време некои научници ја бараат епископијата на Климент околу Солун, во областа на Драгувитите. Својата теза ја базираат на наведеното  дело Vita Clementis, кое се чува во Ватиканската библиотека. На ова се спротивставува Б. Николова, која потсетува дека топонимот Драговити/Драговитија не се сретнува само во Солунско, туку и на повеќе други места: во Тракија, во Тесалија и во Горни Полог (почеток на XIII век).

Во контекст на сите овие обиди за убицирање на Климентовата епископија ја наведуваме и тезата според која епископското седиште на Климент треба да се бара во Девол и околината. Приврзаниците на оваа теза, Т. Томоски, Д. Коцо, Б. Конески и Ј. Белчовски, сметаат дека, всушност, Kлиментовата Дремвицко-величка епископија се наоѓала на просторот на подоцнежната Деволска епархија. Тоа, практично, значи дека Климент не го променил своето формално седиште од годините додека бил учител во Кутмичевица.

Во однос на оваа проблематика, посебно внимание привлекува тезата на Ц. Грозданов, кој разликува неколку етапи во Климентовата епископската дејност. Тој смета дека постепено под јурисдикција на Светиклиментовата епископија влегле сите краишта во делот на Македонија под власта на Бугарија, како и делови од Албанија во кои се изведувала богослужба на старословенски јазик.

Последниот обид за убикација на Климентовата епископија е направен од страна на  С. Мучај, С. Џуери, И. Ристани и А. Пентковски. Во својата заедничка статија посветена на оваа проблематика тие изнесуваат став дека центарот на Величката епископија на св. Климент е локалитетот во близина на денешното село Велча во Јужна Албанија. Притоа, како главен аргумент во поткрепа на оваа претпоставка го користат пронаоѓањето на средновековен црковен храм во близина на споменатото албанско село, кој според архитектонските карактеристики е идентичен со Светиклиментовиот манастир на Плаошник[3].  Затоа сметаат дека св. Климент е ктитор и на оваа црква, која е посветена на св. Архангел Михаил.

За разлика од убикацијата на Климентовата епископија, на која се чини дека во науката ѝ е отстапен прилично голем простор, многу поважно е прашањето за дејноста на св. Климент како учител, мисионер и епископ. Во негово време конечно завршил процесот на христијанизација на Словените во бугарската средновековна држава, а благодарение на него биле поставени цврстите темели на богослужбата на (старо)словенски јазик.

Фреска на Св. Климент во црквата Св. Софија – Охрид

Значењето на делото на Климент како учител и епископ може да се согледа и преку уметноста, културата и архитектурата. Најстариот лик на св. Климент познат досега е сочуван на јужниот ѕид од црквата Св. Софија во Охрид кој датира од времето на архиепископот Лав (1037 — 1056), а пак една од најстарите икони со ликот на светецот е дрвената литиска икона од втората половина на XIII век која се чува во Галеријата на икони во Охрид. Се разбира дека ликовните претстави на светецот се поврзани со неговото канонизирање и со неговиот култ. Во овој контекст, акцент ставаме на неговото рано канонизирање за светец, уште во текот на X век;  најстарите сведоштва за канонизирањето на св. Климент за светец познати досега ги наоѓаме во Синаксарот на Константинополската патријаршија (зборник од хагиографски текстови) кој датира од X век (ИБИГИБИ V, 284), како и во Асемановото евангелие од крајот на X или од почетокот на XI век (Български старини: 305–311). Освен тоа, релативно кусо време по смртта на св. Климент, во Охрид се јавува силно изразен култ и почит кон него.

Како што сведочи Пространото Климентово житие, св. Климент е ктитор на извесен број црковни храмови и манастири. Имено, во Охрид изградил манастир, кон кој подоцна приклучил и друга црква позната по својата округла и сферична форма. Подоцна црквата била востановена како архиепископски храм (ИБИГИБИ IX/2: 36; Свети Климент Охридски: 77).

Што се однесува до споменатиот манастир подигнат од страна на св. Климент, тој се идентификува со црквата Св. Пантелејмон на локалитетот Плаошник и воедно претставува прв словенски манастир познат досега. Врз основа на археолошките ископувања е утврдено дека црквата Св. Пантелејмон била изградена врз урнатините на постара ранохристијанска базилика, која во науката е позната како Големата базилика на Плаошник.

Проф. д-р Драган Зајковски, Институт за национална историја – Скопје

 

Христијанизацијата на Словените во Македонија

[1] Според мислењето на Георги Н. Николов (Николов 2005: 104), Бугарската црква добила автокефалност на Константинополскиот (Фотиевиот) помесен собор од 879/880 г., а во 927 г. се издигнала во ранг на патријаршија. На ова се спротивставува Бистра Николова (Николова 1997: 44–45), која смета дека Бугарската црква го задржала автономниот статус сè до своето издигнување во ранг на патријаршија, кое го датира помеѓу 934 и 944 г.

[2] Повикувајќи се на податоците од Краткото житие на св. Климент, Блаже Ристовски поставува теза дека „Климент е хиротонисан за епископ секако уште во периодот на Моравската мисија во Рим и е назначен за надлежен архиереј на Илирикот од архиепископот Методија“ (Ристовски 1995: 303). Ние се сомневаме во оваа теза и сметаме дека податокот за ракополагањето на Климент за епископ на цел Илирик е подоцнежно предание, од времето кога охридските архиепископи почнале да се сметаат за наследници на претстолот на Јустинијана Прима. Тој бил во функција на давање легитимитет на тврдењето на охридските архиепископи дека имаат јурисдикција над сите територии на поранешниот Илирик.

[3] А. Пенковски изнесува сомневање дека Светиклиментовиот манастир на Плаошник му бил посветен на св. Пантелејмон. Тој смета дека манастирот првобитно му бил посветен на св. Архангел Михаил, за подоцна да ја смени својата дедикација (Пентковский 2013: 85).