Простување Сиропусна седмица

Еве, остануваат уште неколку дена до почетокот на постот. Веќе за време на Сиропусната седмица којашто завршува со Неделата на простувањето, се издвоени два дена – среда и петок како потполно великопосни. Во тие денови не се служи божествена Литургија, а целиот поредок на богослужбите има великопосен карактер. На вечерната во средата, го поздравуваме постот со прекрасна химна:

Заблеска, пролетта на постот, цветот на покајанието, затоа да се очистиме, браќа, од секоја скверност, и на Светлодавецот пеејќи да Му речеме: Слава Ти единствен Човекољупче.

Месопусната сабота, е посветена на споменот на „сите мажи и жени што со подвигот на постот се просветиле“, на светите чијшто пример сме должни да го следиме и коишто нè поучуваат на тешкиот пат на постот и покајанието. Почнувајќи го подвигот на постот ние не сме сами: Да го прославиме соборот на светите отци: Антониј Велики, Евтимиј Велики и сите нивни собраќа што поминаа низ животот како низ рајска сладост…

Имаме помошници и примери:

Ги прославуваме вашите примери, о свети отци! Вие нè научивте да одиме по вистинскиот пат; Благословени сте, оти се трудевте за Христа…

На крајот доаѓа последниот ден, којшто обично се нарекува Недела на простувањето, но не треба да се заборави неговото второ, Литургиско име: Истерувањето на Адам од Рајот. Овој назив ја опфаќа целокупната подготовка за постот. Сега знаеме дека човекот бил создаден за живот во рајот, за богопознание и заедништво со Бога. Гревот го лишил човекот од тој блажен живот и неговото постоење на земјата станало прогонство. Христос, Спасителот на светот, ги отвора вратите на рајот за секого што оди по Него, а Црквата која ни ја покажува убавината на Неговото Царство го преобразува нашиот живот во поклоничко патување кон небесната татковина. И така, во почетокот на постот ние наликуваме на Адам.

Изгонет беше Адам од рајот поради храна, и седејќи пред него ридаше воздивнувајќи: Тешко мене, колку пострадав јас бедниот, не ја сочував единствената заповед на Владиката и се лишив од сите блага! Рају најсвет којшто заради мене си насаден и заради Ева затворен, моли Го Создателот твој, Кој е и Создател мој повторно да се исполнам со твоите цвеќа. И му одговори Спасителот: Не сакам делото на рацете Мои да го погубам, туку сакам да се спаси и да ја познае вистината, оти нема да го истерам надвор оној што доаѓа при мене.

Постот нè ослободува од робувањето на гревот, од пленството на „овој свет“. Евангелското четиво од последната недела, зборува за условите на тоа ослободување (Матеј, 6, 14 – 21). Прв услов е постот, којшто се состои во одбивањето желбите, поттикнувањата на нашата падната природа да ги сметаме за нормални, и во напорот да го ослободиме духот од диктаторската волја на плотта и материјата. Но, за нашиот пост да биде вистински тој не треба да биде лицемерен и фарисејски. Ние треба да кажеме дека „постиме не пред луѓето, туку пред Отецот, Кој е во тајност“ (Матеј, 6, 18). Вториот услов е простувањето. „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“ (Матеј 6, 14). Делбите, спротивставеностите, разделеноста и омразата, тоа е торжеството на гревот и главниот признак на неговото владеење во светот. Затоа првиот пробив низ крепоста на гревот е – простувањето, враќањето кон единството, кон согласноста и љубовта. Ако му простам, меѓу мене и мојот непријател сјае светлозарното сеопростување на Самиот Бог. Да се прости, тоа значи да се отфрлат сите безнадежни „ќорсокаци“ на меѓучовечките релации и да Му се препуштат на Христа. Простувањето е пробив на Царството Небесно во овој грешен и паднат свет.

Всушност, Великиот Пост почнува со вечерната служба во таа недела. Оваа единствена по својата длабочина и значење и толку прекрасна вечерна, не се служи во многу наши Цркви! Ништо подобро од таа вечерна не ни го открива „тоналитетот“ на Великиот Пост во Православната Црква; нигде не се чувствува подобро нејзиниот длабок повик кон човекот.

Свештениците, во светли одежди ја почнуваат свечената вечерна богослужба. Стихирата што следи по „Господи возвах…“ го објавува доаѓањето на постот и доаѓањето на Воскресението по него!

Да го започнеме светлото време на постот! Да се подготвиме за духовен подвиг. Да си ја очистиме душата, да си го очистиме телото. Да се воздржиме, како од храна, така и од секоја страст со добродетели насладувајќи го духот. Та усовршувајќи се во љубовта да се удостоиме сите да ги видиме сечесните страданија на Христа Бога и светата Пасха, духовно радувајќи се.

Тогаш, како и обично следува „Входот“, со вечерната химна „Свете тихи…“ Потоа свештеникот оди на „горното место“, зад чесната трпеза и го возгласува вечерниот Прокимен, којшто секогаш го означува крајот на едниот и почетокот на другиот ден. Во овој ден, Великиот прокимен го објавува почетокот на постот:

Не одвраќај Го лицето Твое од чедото Свое, затоа што страдам! Побрзо слушни ме, погледни ја душата моја и избави ја.

Треба да се слушне особената мелодија на овој стих, на тој крик на душата којшто наеднаш ја исполнува Црквата:

„…зашто страдам…“, и да се сфати овој почетен момент на постот: таинствената измешаност на очај и надеж, на темнина и светлина. Сега сите подготовки се завршени. Јас стојам пред Бога, пред славата и убавината на Неговото Царство. И ја осознавам мојата припадност кон тоа Царство, сознавам дека немам друг дом, друга радост и друга цел. Осознавам и дека сум прогонет од тоа Царство, во темнината и тагата на гревот, и дека страдам. И на крајот на краиштата осознавам дека само Бог може да ми помогне во мојата скрб, само Тој може да ја спаси мојата душа. Покајанието е пред сè и над сè очајна молба за божествена помош.

Прокименот се повторува пет пати. И еве, постот е веќе тука. Светлите одежди се одложени, светлата се изгасени. Кога свештеникот или ѓаконот ја почнуваат вечерната ектенија, хорот им одговара со „посен тон“. За прв пат се чита Великопосната молитва на св. Ефрем Сирин, проследена со големи поклони. На крајот сите верници пристапуваат најпрвин кон свештеникот, молејќи за прошка, а потоа молат простување и еден од друг. Во тоа време, додека тече овој чин на простување, додека Великиот Пост е објавен со изливи на љубов, единство и братство, хорот ги пее Пасхалните стихири. Ни претстои четириесетдневно талкање низ пустината на постот. Но, на крајот, веќе сјае светлоста на Воскресението, светлоста на Царството.