Внатрешното својство на соборноста
Соборноста на Црквата не е количински, ниту,пак, географски поим.Соборноста, воопшто не зависи од распространетоста на верните ширум светот. Вселенизмот (икуменизмот) на Црквата е последица или пројава, но не е причина и основа за соборноста. Распространетоста по целиот свет или вселенизмот на Црквата е само надворешен знак, кој, притоа, воопшто не е неопходен. Црквата беше соборна, дури и тогаш, кога христијанските заедници беа како осамени и издвоени островчиња во морето на неверието и паганизмот. И Црквата ќе остане таква, сè до крајните времиња, кога ќе се открие„тајната на отстапништвото“. Кога ќе дојде Синот Човечки, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука, 18, 8). Митропилотот Филарет, во врска со ова, многу правилно забележал: „Ако градот или земјата отстапат од Вселенската Црква, таа и понатаму ќе остане целосно и непропадливо тело“. Овде, Филарет го употребува зборот „вселенска“ (καθολική), во смисла на „соборноста“. Поимот соборност, не може да се мери со распростанетоста на Црквата низ светот. Терминот „вселенска“, не го опфаќа целосно поимот „соборност“. Καθολική, доаѓа од Καθ’ ὄλου и пред сè, означува внатрешна целосност и интегритет на животот на Црквата. Ние овде зборуваме за целосноста, а не само за заедничарењето, и во секој случај, не само за емпириското заедничарење. Καθ’ ὄλου, не е исто што и Κατά παντός: овде не се работи за сферата на емпириското, туку за сферата на онтолошкото, т. е. овој поим се однесува на самата суштина, а не на надворешните пројавувања. Ние тоа го знаеме и чувствуваме уште од претхристијанската употреба на овие зборови, почнувајќи од Сократ. Ако соборноста, исто така, значи и вселенизам, сигурно дека тоа не е емпириски, туку идеален вселенизам; овде се мисли на идејната, а не на фактичката заедница.
Кога првите христијани го користеле зборот Ἐκκλησία Καθολική, тие никогаш не мислеле на Вселенската Црква (во смисла на просторната распространетост). Овој збор, најнапред го истакнувал значењето на Православието на Црквата, т. е. на вистинитоста на „Големата Црква“, која е спротивна на духот на секташкиот сепаратизам и партикуларизам. Ова, особено силно е истакнато во познатите зборови на св. Игнатиј Антиохиски: Каде што е епископот, таму е и соборната Црква. Тоа, пак, ја означува истата идеја, која го изразува и ветувањето: Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму Сум и Јас посреде нив (Матеј, 18, 19 – 20). Зборот соборност, го означува токму тоа Таинствено собрание (μυστήριον τῆς συνάξεως). Подоцна, св. Кирил Ерусалимски ќе го објасни овој поим, така како што е употребен во Символот на верата, односно во Светото Предание на Црквата. Зборот „Црква“, значи, „собирање на сите во едно единство“, и затоа Црквата се нарекува „собрание“ (Ἐκκλησία). Црквата се нарекува „соборна“, не само затоа што се распростира низ целата вселена и го обврзува на праведност целокупниот човечки род, туку и затоа што во Црквата се објавуваат догматите „потполно и без пропуст, соборно и совршено“ (καθολικῶς καὶ ἀνελλειπῶς) и уште, затоа што „во Црквата се лечи и исцелува секој грев“. Овде соборноста повторно се сфаќа како внатрешно својство. Единствено на Запад, за време на борбата против донатистите, се користел зборот catholica (соборна), во смисла на вселенска, наспроти географскиот провинцијализам, кој го застапуваа донатистите. Подоцна и на Истокот, зборот католичност (соборност), се сфаќал како синоним за икуменизам (вселенизам). Меѓутоа, ова само го ограничуваше поимот соборност и го правеше зборот помалку жив, зашто се полагаше внимание на надворешниот облик, а не на внатрешната содржина. Црквата не е соборна заради својата надворешна распространетост или, во секој случај, не само поради тоа. Црквата е соборна, не само поради тоа што е ентитет кој опфаќа сè, ниту само поради тоа што ги соединува сите свои членови, и сите помесни Цркви, туку затоа што е соборна, целосно и во сите свои најситни делови, во секој свој член и во сите случувања од нејзиниот живот. Природата на Црквата е соборна. Самото ткиво на телото на Црквата е такво. Црквата е соборна, зашто е едно Тело Христово. Таа е единство во Христа, единство во Духот Свет, и ова единство е најголема целосност и полнота. Критериумот на соборното единство е во тоа што, во народот кој поверува, имаше едно срце и една душа (Дела, 4, 32). Онаму каде што не се случува ова, животот на Црквата е ограничен и сведен. Онтолошкото соединување на многуте личности во едно, е и мора да се остварува, во единството со Телото Христово. „Многуте“ престануваат да бидат исклучени и непристапни. Студеното раздвојување на „мое“ и „твое“ исчезнува.
Возрастувањето на Црквата е во усовршувањето на нејзината внатрешна целосност, нејзината внатрешна соборност, во „усовршувањето на целосноста“, да бидат совршени во едно (Јован, 17, 23).
Преобразување на личностите
Католичноста на Црквата има две страни. Објективно, соборноста на Црквата означува единство во Духот. Од еден Дух се крстивме сите во едно тело (1. Кор. 12, 13). А, Светиот Дух, Кој е Дух на љубовта и мирот, не само што ги соединува во едно одделните поединци, туку во секоја поединечна душа станува извор на внатрешен мир и целосност. Субјективно, пак, соборноста на Црквата значи дека Црквата е одредено единство на живот, братство или заедничарење, сојуз на љубовта, „во заедничкиот живот“. Сликата на Телото е заповед на љубовта.. „Свети апостол Павле, од нас бара таква љубов, која взаемно ќе нè поврзува, за повеќе да не бидеме одвоени едни од други… Свети Павле, бара нашиот сојуз да биде совршен, како што е совршено единството на одделните делови на едното тело. Новост во христијанската заповед на љубовта, е тоа дека треба својот ближен да го сакаме како самите себеси. Тоа е далеку повеќе отколку да го изедначиме нашиот ближен со себеси, со себеси да го поистоветиме; тоа значи да се видиме себеси во другиот, во оној кого го сакаме, а не повеќе во самите себе…Овде е границата на љубовта. Оној што го љубиме, е нашето второ „јас“; тоа е „јас“, кое е поважно од нас самите. Во љубовта се соединуваме во едно. „Својството на љубовта е такво, што оној кој љуби, и оној кој се љуби, не се веќе двајца, туку едно“. И уште повеќе: вистинската христијанска љубов, во секој од нашите браќа Го гледа Самиот Христос. Таквата љубов бара самопредавање, потполно господарење над себеси. Таквата љубов е возможна само во соборното отворање и преобразба на душата. На секој христијанин, дадена му е заповедта да биде соборен. Мерката на неговата духовна зрелост е мерка за неговата соборност. Црквата е соборна во секој од нејзините членови, зашто соборната целина не може да биде создадена или составена, освен преку соборноста на своите членови. Ниедно мноштво, во кое секој член е издвоен и затворен во себе, не може да стане братство. До единство може да се дојде единствено преку взаемната љубов на сите браќа. Оваа мисла, особено е изразена во познатото сфаќање за Црквата како кула која се гради (Пастир Ермин). Таа кула се ѕида од поединечни камења – од верните. Верните се овие живи камења. Во текот на изградбата, камењата совршено си прилегаат еден до друг, зашто се обработени и добро прилагодени еден на друг. А краевите им се невидливи и кулата изгледа како да е изградена од еден единствен камен. Ова е символ на единството и на целосноста. Но, обрнете внимание, зашто само обработените, четириаголни камења, можат да бидат употребени во оваа градба. Имаше и други камења – убави на изглед, но кружни – и тие во изградбата се покажаа како бескорисни: не се совпаѓаа еден со друг, не беа соодветни за градбата, така што мораа да бидат оставени на страна покрај ѕидовите. Во стариот символизам кружноста, била знак на изолираноста, самодоволноста, самозадоволството. И токму тој дух на самозадоволство, е оној што го спречува нашето влегување во Црквата. Каменот, најпрвин треба да се изделка така што да може совршено да се вклопи во ѕидот на Црквата. Ние, најпрвин мораме да се „отфрлиме себеси“, за да можеме да влеземе во соборноста на Црквата. Мораме, во духот на соборноста, да се зацариме над своето самољубие, за да можеме да влеземе во Црквата. Само во полнотата на заедничарењето во Црквата, се остварува соборното преобразување на личноста.
Меѓутоа, отфрлањето и откажувањето од своето „јас“, не значи дека нашата личност мора да исчезне и да се растопи во мноштвото. Соборноста не е корпоративност, ниту, пак, колективизам. Напротив, одрекувањето од своето „јас“ го шири распонот на нашата личност; преку одрекувањето од своето „јас“, ние во себе го собираме целото мноштво. Ние ги опфаќаме многуте со своето „јас“. Во тоа се состои сличноста со божественото единство на Света Троица. Во својата соборност, Црквата станува создадена икона на божественото совршенство. Отците на Црквата изрекоа длабоки мисли во врска со ова. На Исток, св. Кирил Александриски, а на Запад, св. Илариј. Во современото руско богословие, митрополитот Антониј многу умешно забележа дека „постоењето на Црквата не може да се спореди со ништо на земјата, зашто на земјата нема единство, туку таму постојат само поделби. Единствено на небото има нешто слично на тоа. Црквата е потполно ново, необично и единствено битисување на земјата, „уникум“, кој не може да се одреди со никакви поими кои се превземени од световниот живот. Црквата е икона на Света Троица, во која многуте, стануваат едно. Зошто ова битисување, подобно на битисувањето на Света Троица, е нешто ново за стариот човек и зошто за него тоа е непоимливо? Затоа што личноста, во својата телесна свест, е самозаробено битие, кое на суштински начин ѝ се спротивставува на секоја друга личност. На тој начин, секој христијанин, по мерката на своето духовно возрастување, мора да се ослободува од непосредното спротивставување на „јас“ и „не јас“, тој мора на суштински начин да ги измени основните својства на човечката самосвест. Токму во оваа промена се состои соборното препородување на умот.
Постојат два типа на самосвест и самопотврдување: изолиран индивидуализам и соборност. Соборноста не е негирање на личноста, и таа не припаѓа ниту на родот, ни на расата. Таа не е заедничка свест, не е ниту здружена свест на многуте. До соборноста не се доаѓа преку укинување на живите личности. Соборноста е конкретно единство на мислите и чувствата. Таа е чин, или поредок, или воспоставување на личната свест, која се воздигнува на „нивото на соборност“. Таа е „телос“ (врв) на личната свест, која се остварува преку создавачкиот развој, а не преку уништувањето на личноста.
Во соборното преобразување, личноста добива снага и сила да ги изрази животот и свеста на целината, и тоа не во својство на безлично средство, туку во создавачко и херојско дејствување. Не е добро да се рече: „Секој во Црквата достигнува ниво на соборност“, туку „секој може, и мора, и повикан е да ја достигне соборноста“. Но, ни секој, ни секаде се достигнува соборноста. Оние, кои во Црквата ја достигнаа, ги нарекуваме Отци и Учители, зашто од нив ние го слушаме не само нивното лично исповедање, туку и сведоштвото на Црквата. Тие ни зборуваат од соборната полнота, од полнотата на благодатниот живот.