Ликот и делото на Свети Константин Кавасила Архиепископ Охридски

Великиот меѓу архиепископите на славната Охридска Архиепископија – светиот Константин Кавасила е вистинска пофалба и украс, не само на градот крај белото езеро, туку и на Православната Црква ширум вселената. Неговиот животен пат е специфичен по многу нешта. Живеејќи во една вистински бурна епоха на постојани војни и борби за превласт помеѓу христијанските владетели на распарчената Источна империја, овој свет архипастир грижливо бдеел над повереното стадо. Раководен единствено од мерката Христова1 и никогаш не штедејќи се себеси како добар пастир на Црквата, многупати покажал дека е подготвен да ја положи и душата своја за своите овци2 . Притискан, уценуван и затворан, свети Константин мажествено трпел сè, непрестајно славејќи Го Бога, и плетејќи ги своите молитвени приноси кон Господа и кон светите Божји угодници, на кои се уподобувал.

За жал историските прилики се причина, до нас да стигнат мал број податоци за животот и делото на овој славен и значаен архипастир на Охридската Архиепископија. Неговиот, пак, култ бил потиснуван од различните политички струења кои следувале кратко по неговото блажено скончание3 . Меѓутоа, по зборовите на псалмопевецот: праведникот останува во вечен спомен4 , па така и овој, можеби навидум, малку подзаборавен охридски светител, никогаш не избледел целосно од сеќавањето на Црквата Христова. Денес, пак, со споредување и добро поврзување на познатите фрагментарни податоци за него, се добива солидна слика за неговиот живот и дело.

Свети Константин се родил во градот Драч5 во областа Илирик, во познатото семејство Кавасила. Од благородничкиот ромејски род Кавасила произлегле истакнати мажи, кои одиграле значајна улога во империјата, како на политички така и на црковен план. Меѓу нив среќаваме воени управници, образовани аристократи и научници, епископи, монаси и црковни писатели. Подоцна, по свети Константин, ова семејство ќе даде и други истакнати пастири на Црквата Христова, меѓу кои во градот Солун особено заблескале архиепископот Солунски Нил Кавасила и неговиот внук Никола Кавасила Хамаетос6 кој исто така се овенчал со светителски венец.

Како припадник на благороднички род, свети Константин уште од младоста се стекнал со солидно високо образование, како во областа на световните науки така и во сферата на духовните знаења. Околу 1220 година, го прифаќа високиот призив на Црквата Христова и е хиротонисан за Струмички епископ7 . Времето на Константиновото епископствување во Струмица, било период во кој се возобновувал и континуирано растел култот на славните Петнаесет Тивериополски маченици, па затоа и самиот свети Константин Квасила напишал два молебни канона за мачениците, кои се негови први химнографски творби. Благодарение на неговата посветеност во служењето на народот Божји во Струмичката епархија, бил забележан духовен процут на епархијата, за што епископот Константин бил пофален од самиот архиепископ Охридски Димитриј Хоматијан8 . Во периодот на Константиновото епископствување во Струмица активно започнуваат негови преписки со архиепископот Хоматијан, кој останува негов духовен раководител и во премрежјата кои следат понатака во неговиот живот.

Како ревносен пастир, свети Константин набрзо бил унапреден со митрополитско достоинство во градот Драч. Како погранична област и значајно пристаниште, во градот Драч било природно присуството на луѓе од различни вероисповеди и народности, што барало особена внимателност и посветеност во пастирската работа. Таму, латинското влијание било големо, а соживотот на православните со латини и ерменци, повлекувал извесни прашања, кои смирениот и свет архиереј не задоцнил да му ги постави на искусниот архиепископ Хоматијан, како и на мудриот митрополит на Китрус – Јован.

Свети Константин Кавасила останал на митрополитската катедра во својот роден град сè до неговиот избор за Охридски архиепископ, малку пред 1250 година9 . Така, издигнат од средината на домородното свештенство, бил добро запознат со приликите во Охридската црква, имајќи предвид дека повеќе години служел како епископ и митрополит во две нејзини епархии. Трудољубиво служејќи, сега веќе како архиепископ, свети Константин целосно се посветил на Охридската Архиепископија, градејќи цврста градба на основите поставени од страна на неговите славни претходници – светите Климент, Наум, Теофилакт и другите. Бивајќи чедољубив отец на сираци, подадена рака на оние во болки, а на старците поткрепа – како што е опеан во богослужбата, свети Константин ја исполнувал волјата Божја, а проповедта ја сметал за должност кон доверениот народ10 . Како архиепископ на најсветата Охридска Архиепископија, тој составил еден молебен канон за свети Климент Охридски и два во чест на свети Наум Охридски11 .

Но, Божјата промисла допуштила архиепископството на свети Константин да биде трнливо и проследено со многу искушенија, та преку нив тој да се истакне како навистина верен Христов војник. Како што споменавме и погоре, свети Константин Кавасила архиепископствувал во мошне бурен период, првенствено на политички, а следствено и на црковен план. Така, со четвртата крстоносна војна и падот на Константинопол под власта на Латините, на териториите кои биле под јуриздикција на Охридската Архиепископија се создале нови држави. Позицијата на Охридската Архиепископија во тој период била мошне специфична имајќи предвид дека најголем дел од борбите за превласт помеѓу Никејското царство и Епирскиот деспотат, како и завојувањата на Српските владетели и Бугарската држава, се одвивале токму на територии кои влегувале во состав на охридската дијацеза12 . Во неприликите секако, најмногу страдало паството на Архиепископијата, а честа мета бил и локалниот клир, кон кого многупати се гледало со сомнеж.

Охридскиот престол уште во времето на архиепископот Хоматијан одржувал блиски врски со Епирскиот двор13 . Така, никејскиот император Теодор Ласкарис, почнал да гледа со недоверба кон свети Константин Кавасила, сомневајќи се дека тој е соучесник и подражател на епирскиот деспот Михаил II, кој бил негов најголем противник. Една од главните причини за тоа била и активната соработка на семејството Кавасила со Епирскиот деспотат. Браќата на архиепископот – Јован и Теодор, биле посебно почитувани во дворскиот круг на Михаил II. Поради ова, како и поради тесната соработка на свети Константин Кавасила со славниот негов претходник Димитриј Хоматијан, сè повеќе растела недовербата на Ласкарис кон него. Политичката определба на Архиепископијата која ја наследил, како и семејната позадина на светиот архипастир, довеле до тоа, во 1257 година архиепископот Константин Кавасила да биде заробен од Ласкарис и заточен во Никејскиот затвор, под обвинение дека соработува со Деспотатот14 .

Оставајќи го своето паство, кое вистински го возљубил, овој племенит и достоен за почит архиепископ, украсен со смирение и кротост, трпеливо го поднел ова искушение, не полагајќи ја својата надеж во земните господари, туку единствено во Христа. Страдањата, пак, и тешката положба на свети Константин Охридски во Никејскиот затвор, достојно ги опишува необјавената Дохијарска богослужба15 посветена нему, а напишана од еден од неговите посветени ученици и подражаватели.

Заточеништвото на архиепископот во никејската зандана, завршило со походот на севастократорот Јован Палеолог, кој убедувајќи се во невиноста на архиепископот Кавасила, свечено го вратил на Охридскиот престол. Така со одлука на императорот, свети Константин Кавасила се вратил на Охридскиот трон и продолжил бескомпромисно со грижата за црковниот живот на Јужните Словени16 . И покрај очекувањата на императорот Михаил VIII дека ќе ја добие поддршката на Охридскиот трон за склучување на Лионската унија со Латините, сепак, богопросветената личност на архиепископот Константин Кавасила не гледала со симпатии кон ваквиот обид за обединување со западното христијанство, без претходно да бидат решени клучните догматски прашања. Особено го вознемирувало римокатоличкато учење за исходењето на Светиот Дух и од Синот (filioque), што претставува суштинска разлика и главна причина за расколот со Латините. Оваа проблематика му била добро позната што се гледа од претходно споменатите преписки со Хоматијан и Јован17 . Кавасила на секој начин се трудел да го заштити вистинското учење на источната православна Црква. Дури и иконографската програма во повеќе храмови градени во негово време, содржи композиции, кои уште повеќе го потврдуваат неговиот став против обединувањето18 .

Приближувајќи се кон блаженото скончание, вредниот и многустрадален архиепископот Константин Кавасила подарил една велелепна Христова икона на соборниот архиепископски храм Света Софија во Охрид, која ја нарачал во Цариград во 1263/64 година, кога тој веќе бил во длабока старост. Не дочекувајќи го склучувањето на неуспешната Лионска унија во 1274 година, свети Константин се упокоил во Охрид на 18 октомври по стар, или 31 октомври по нов стил, предавајќи ја својата душа во рацете Христови, и бивајќи воспеан од устите на неговите духовни сираци со зборовите: Како сребро вжарено во печка и како злато испитан многупати во многу искушенија победа си понел; храбро си се борел, не против плотта и крвта, туку за противник имајќи го началникот на мракот; така како достоен награди си примил, богомудри Константине, кога заспа со блажен сон.

Бил погребан во архиепископската гробница, овде, во Света Софија, која подоцна била уништена од Османлиите. Неговото, пак, прославување започнало непосредно по неговото упокојување. Така, неговиот осветен лик наскоро бил насликан во Богородичниот храм – Перивлепта и тоа веднаш до свети Климент, како достоен продолжувач на неговото архипастирско дело. Насликан е и во олтарите на свети Јован Богослов во Канео и во храмот „Мали свети врачи“ во Охрид19 . Но, неговото прославување не завршува тука. Неговиот лик е изобразен и во фрескоживописот во Старо Нагоричане, а култот се проширил и до Света Гора Атонска каде што во параклисот посветен на Претечата Господов во Протатонот на Кареа е насликан заедно со свети Еразмо, свети Климент и Теофилакт – великите Охридски архипастири. На Света Гора во манастирот Дохијар е сочувана и богослужбата посветена на свети Константин Кавасила, која токму денес беше отслужена за прв пат во превод на македонски.

Такви биле ликот и делото на свети Константин Кавасила – Архиепископот Охридски, а неговиот култ иако потиснуван во минатото поради страв од споменување на сѐ што потсетувало на славната Охридска Архиепископија, денес се возобновува по неискажливата божествена промисла. Нека оваа прослава биде само почеток на богоугодното дело на повторно заживување на споменот на овој охридски светител, кој некогаш силно заблескал на нашиве простори. Просејќи го, пак, неговото молитвено застапништво, да повикаме заедно со вештиот химнограф: Живот возвишен, блажен, поживеа, и ја украси твојата нарав, на словото благо сопатнику, стана правило на свештениците, ти, најблескава ѕвездо на Мизија; но, спомни си сега, Константине, за твоето стадо и испроси за него добри пастири.


1 Види: Ефес. 4, 7.
2 Јн. 10, 11.
3 Станува збор за српските завојувања на териториите на Охридската архиепископија (Види: Иван Снегаров, История, София 1995, том I, стр. 316-330).
4 Пс. 111, 6.
5 D.M. Nicol, Το Δεσποτάτο της Ηπείρου, Ιωάννινα 1974, стр. 138.
6 Иако презимето на светиот Никола е Хамаетос, тој останал познат по презимето на неговата мајка, која потекнувала од познатиот род Кавасила. Θεόδωρος Ζήσης, Θεολόγοι της Θεσσαλονίκης, Εκδόσεις Βρυέννιος, Θεσσαλονίκη 1997, σελ. 214.
7 Pitra VII, 63 и 65.
8 „Настапи благопријатно време за Струмица и конечно е според напишаното очекување, и според она што го видовме, но и според тоа што не известивте дека секојдневно Струмица оди кон подобрување и гаејќи совршена љубов кон неа, ја храните и ја успокојувате“Analecta sacra et classica, т.7, 63.
9 Пападопулос Керамевс му припишува на архиепископот Кавасила едно решение на Охридската архиепископија (од VIII индикт, месец јуни) во врска со спорот на доминиканскиот епископ за два манастири во 1250 година. Види: Снегаров, Иван, История на Охридската архиепископия, т.1. Второ фототипно издание. София, Академично издателство „Марин Дринов“, 1995, [1924]. стр. 211.
10 Види: Богослужба на св. Константин Кавасила.
11 Константинос Нихоритис, Атонска книжовна традиция в распространението на Кирило-методиевските извори, Издателство на Българската академија на науките, София, 1990, стр. 156.
12 За бурните случувања во овој период види:. W. A. Heurtley, H. C. Darby, C. W. Crawley, C. M. Woodhouse A Short history of Greece from early times to 1964 Cambridge University Press 1967 стр. 55.
13 Иван Снегаров, История, София 1995, том I, стр. 274.
14 Ιωάννης Σίσιου „Το εικονογραφικό πρόγραμμα στον τρούλο της Παναγίας Κουμπελίδικης και ο κοιμητηριακός χαρακτήρας του ναού“, Niš and Βyzantium VI Symposium, Niš 2008, стр. 245.
15 Константинос Нихоритис, Славистички и българистички проучвания, Велико Търново 2005, стр. 77-88.
16 G. Ostrogorski, Istorija Vizantije, Beograd 1969, стр. 296.
17 Γ. Ράλλη – Μ. Ποτλή, Σύνταγμα των θείων και ιερώνκανόνων, vol 5 (Athens, 1855) стр. 403-420; 427-436 и Analecta sacra et classica, т.7, стр. 616-686.
18 Особено карактеристичен пример за тоа е специфичната претставата на Света Троица во есонартексот на храмот „Панагија Кумбелидики“ во Костур, која може да се протолкува, токму како борба против западното учење за происходот на Светиот Дух. На неа Отецот е претставен како единствена причина и начело на Светата Троица од кого се раѓа Синот и исходи Духот. Види: Ιωάννης Σίσιου „Το εικονογραφικό πρόγραμμα στον τρούλο της Παναγίας Κουμπελίδικης και ο κοιμητηριακός χαρακτήρας του ναού“, Niš and Βyzantium VI Symposium, Niš 2008, стр. 248.
19 За ликовното изобразување на св. Константин Кавасила види: Цветан Грозданов, Живописот на Охридската архиепископија, Скопје 2007, стр. 39-59.