Слово на Неговото Блаженство, г. г. Стефан, по повод празникот на Св. Константин Кавасила, Архиепископ Охридски

Соборен храм „Св. Софија“, Охрид

Возљубени во Господа,

Црквата е Тело Христово, а ние, верниот народ Божји, царското свештенство, сме членови на тоа Тело. Или како што вели светиот апостол Павле: Лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите сме причасници од еден леб (1. Кор. 10, 17). Со ова тој го нагласува фактот дека Црквата, како Тело Христово, се пројавува во светата Евхаристија, дека во оваа света тајна, тајна над тајните, верниот народ се собира, заедничари, како што ќе се собере во заедница во Царството Божјо.

Соборноста, главната одлика на Црквата, дефинирана како начин на живот на Црквата, се објаснува како икона на вечното постоење на Света Троица: Како што Света Троица е заедница на Трите Божествени Личности, така и Црквата е заедница на многу личности. Во овој контекст е неодминлива е благодатниот молитвен крик, што нашиот Спасител, Господ Исус Христос го упатува кон Својот Отец: за да бидат сите Едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно… (Јн. 17, 21).

И денешното собите, на кое се собравме како Црква, како евхаристиска заедница, го поткрепува погоре кажаното. Сите ние сме едно во Бога, собрани од Светиот Дух околу Господ Христос во Евхаристијата на чие чело стои епископот. Ова не доведува до заклучокот дека единството на Црквата е и евхаристиско, но и ерархиско. По сведоштвото на свети Игнатиј Антиохиски: Црквата е единствена кога и епископот, и презвитерите и ѓаконите се собрано заедно со верниот народ на едно место… А, улогата на епископот е токму во тоа што тој претстои на евхаристиското собрание, кој е на местото Божјо, односно на местото Христово, бидејќи е слика на Отецот, односно икона на Господ Исус Христос.

И денес сме собрани токму за тоа, како Црква, не како поединци, туку како заедница, како што приличи, едни со молитва, други со поинаков труд – да оддадеме почит и да укажеме на почитта што му доликува на еден епископ на нашата помесна Црква, на еден претстојател на охридскиот трон. Светиот Константин Кавасила е макрантна личност од историјата на Охридската архиепископија. Еден од нејзините првоерарси кој знаел да го почувствува пулсот на времето и да го одбере тоа што е најполезно и за неговата паства и за Црквата со која раководел. Историчарите како да гладуваат за информации за доволно расветлување на животот и делот на овој наш локален светител, па денешниов настан е наш, црковен прилог кон дополнување, но и издигнување на личноста на свети Константин Кавасила. Велиме дополнување, затоа што неодминлив е фактот дека култот на Кавасила постоел многу отпорано, за што веќе со векови ни фреските по нашите цркви, што е еден од начините на кои се искажувала славата и прославувањето на светителот. Истражувачите се согласни дека најверојатно уште веднаш по смртта, свети Константин Кавасила бил прославен како светител, и тоа најпрво со локален култ, кој подоцна се раширил и надвор од границите на Охридската архиепископија. Така, неговиот лик, насликан веднаш до ликот на свети Климент Охридски, патронот на Охридската Црква, во храмовите „Света Богородица Перивлепта“, „Свети Јован Канео“ како и црквата „Свети Врачи“, сведочи за угледот и почитта што овој Христов пастир ја имал меѓу своето стадо. Одредени истражувачи развојот на култот на свети Константин Кавасила го препишуваат на неговата блискост со императорското семејство на Палеолозите, на кои многу помогнал во времето за превласт на Никејското царство и Епирското деспотство. Но како и да е, неодминлив е фактот дека тој е можеби единствениот охридски архиепископ кој бил насликан веднаш по неговата смрт, и тоа не било каде – туку веднаш до свети Климент Охридски. Сигурно ова не се должи само на неговата блискот со Палеолозите, туку и на почитта што ја имал меѓу народот како нивни пастир, како нивни епископ. И култот на свети Константин не останал само на локално ниво, зашто покрај постоењето на фрескопис и иконопис со ликот на светителот, историски се засведочени и други форми на изразување на почитта кон свети Константин Кавасила. Имено, култот на светителот се раширил и надвор од дијацезата на Охридската архиепископија, па неговиот лик се сретнува и хо црквата во Старо Нагоричане, и уште помаркантно – во параклисот „Свети Јован Претеча“ во Протатонот на Света Гора, каде што е насликана група од охридски светители, и тоа: Свети Еразмо, свети Климент, свети Теофилакт и свети Константин Кавасила. Токму со овој светогорски култ, најверојатно може да го поврземе постоењето на грчка служба, која денес е преведена и на современ македонски јазик. Дали постоела и порана, охридска, а можеби и словенска служба, останува да се расветли.

Ликот и делото на свети Константин Кавасила, кој не е засведочен само како епископ и првоерарх на охридскиот трон, туку и како книжевник и химнограф, зашто од неговите раце е составен Канонот посветен на светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици, што е негов прилог во зацврстувањето на култот на овие маченици за верата од нашите краишта. Со денешниов настан, ние како Црква да го следиме овој негов пример.

Всушност, делото и животот на Кавасила се пример и треба да се пример за сите нас во црквата, особено за нас свештенослужителите. Неговата застапеност и култ во дијацезата на Охридската црква и во срцата на народот, сведочи колку тој бил возљубен и почитуван, зашто како епископ бил и отец и молитвеник, се грижел и бдеел на доверената нива Господова. Затоа, возобновувајќи го, или поточно – унапредувајќи го и промовирајќи неговиот култ – култот на свети Константин Кавасила треба да се угледаме на него како на епископ, како на свештенослужител, како на молитвеник, како на пастир.

Нека Господ Семилостивиот, по молитвите на Константин Кавасила го чува нашиот охридски трон од погибел, нека го чува нашиот православен народ и нашата Македонија.

Нека е на многаја лета!